Македонија
(Видео) Васев: Голема е нервозата кај Мицкоски, не успева да ги одбрани криминалците
Според Стефан Васев од СДСМ, единствената задача на Христијан Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ е по секоја цена да се обидуваат да го бранат криминалот.
„Нема криминалец кој Мицкоски не се обидува да го одбрани од правдата и законите. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ застанаа зад осудените насилници од крвавиот четврток кои упаднаа во Собранието и се обидоа да убијат пратеници. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски застанаа зад криминалот на нивниот тајкун Орце Камчев. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не успеваат да го одбранат криминалот на нивниот ментор Сашо Мијалков. Целата јавност слушна снимка каде се докажува соработката на Мицкоски со Зоран Милески Кичеец, а денес оваа партија глуми загриженост за правдата и конструира непостоечки случаи“, истакна Васев.
Васев смета дека е голема нервозата кај Мицкоски и врвот на ВМРО-ДПМНЕ затоа што како што рече, никако не успеваат да го одбранат криминалот во своите редови, и не успеваат да ги реализираат нарачките од Будимпешта.
Затоа, додава Васев, секојдневно шират лажни вести и дезинформации, затоа поддржуваат протести на кои се бранат криминалци и насилници.
Според него, токму заради ваквото однесување граѓаните шест пати го казнуваат Мицкоски на избори и ќе продолжат да го казнуваат затоа што тој е на браникот на криминалот наместо на страната на граѓаните и државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопје утрово го сруши рекордот, најзагаден град е во Европа
Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).
Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Македонија
Татко и син тргувале со марихуана
Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, татко и син од гевгелиското село Богородица, за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претрес со судска наредба во домот на осомничениот татко на 17 декември, како што информираат од Обвинителство, биле откриени околу 150 грама марихуана во разни пакувања, семки од канабис, метални и пластични грендери, две дигитални ваги, три бонга, како и шатор со електрична инсталација, светилки, ламби и мерачи на температура кои служеле за претходно производство на наркотична дрога-марихуана.
-Осомничениот син, пак, посредувал во купопродажбата на марихуаната. Дрогата која ја зел од неговиот татко со намера да ја препродаде, ја однел во куќата на дедо му каде престојувал. Кога полициските службеници отишле и таму да вршат претрес, тој ја заклучил влезната врата, наркотичната дрога ја фрлил во ВЦ шолјата и пуштил вода, а се обидел да се ослободи и од дигитална вага со остатоци од дрога, се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство или дека ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците на кривичното дело јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Гевгелија доставил предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – привремено одземање на патните исправи.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.

