Македонија
(Видео) „Вистината за случајот со АНБ: Дали Мицкоски се плаши од декласификација поради потврда на милионски криминал на ВМРО-ДПМНЕ“, прашува Кузеска
„Зошто после речиси една недела од објавувањето на наводите за следење на Христијан Мицкоски ниту директорот на АНБ, Бојан Христовски, ниту премиерот Христијан Мицкоски не ја отпочнаа процедурата за декласификација на документите кои би ги докажале наводите на власта? Зошто самиот тој не побара декласификација на документацијата од Агенцијата за национална безбедност во која наводно бил следен“, прашува Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Од што се плаши Христијан Мицкоски? Дали можеби Мицкоски се плаши од декласификација на овие документи затоа што ќе ги потврдат индициите за милионски криминал во случајот со т.н. „Делчевски ниви“?
Да ја потсетиме јавноста дека во случајот „Делчевски ниви“ беа инволвирани најблиските соработници на Мицкоски меѓу кои член на неговото лично обезбедување како и тогашниот директор на Белата палата, односно Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ.
Дали овие документи кои Мицкоски одбива да ги декласифицира покажуваат дека шефот на организираната криминална група која се стекнала со корист во илјадници евра е токму Христијан Мицкоски?
Дали во овие документи има сериозни индиции за повторно нелегало финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како и индиции за организиран криминал и корупција?
Постапката за декласификација на овие документи е едноставна и би ги разрешила сите дилеми кои ги има во јавноста.
Одбивањето на декласификација на овие документи ќе биде доказ дека Мицкоски како тогаш така и денес не може да излезе од криминалната матрица и негова единстгвена цел е личното богатење“, соопшти Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Успешно спасени двајца вработени во мобилен оператор заглавени во снег кај Лазарополе
Двајца вработени во мобилниот оператор А1 синоќа беа заглавени во снег кај село Лазарополе, во близина на базната станица на операторот, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Случајот бил пријавен во 23:30 часот, откако со лицата не можело да се воспостави контакт поради отсуство на мобилна мрежа. Веднаш по пријавата, во акцијата биле ангажирани припадници на Одделот за специјални полициски операции, Одделот за униформирана полиција, како и на Дирекцијата за заштита и спасување.
Со две теренски возила, опремени со санки за снег и спасувачка опрема, екипите се упатиле кон местото на настанот.
„Денеска (11.01.) во 08:30 часот, лицата биле пронајдени и успешно извлечени во добра здравствена состојба. Станува збор за лицата Г.Н. (47) и М.М. (37), двајцата од Скопје, кои се движеле со теренско возило марка „VW Amarok“ со скопски регистерски ознаки.
Тие биле пронајдени на локација позната како „Коритник“, во близина на предавателот на мрежата на А1, на атарот на село Лазарополе“, стои во објавата на МВР.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.

