Македонија
(Видео) Владина делегација положи цвеќе во чест на 23 Октомври
Делегација на Владата на Република Македонија предводена од министерот задолжен за подобрување на инвестициска клима за домашните компании, Зоран Шапуриќ, во чест на празникот „Ден на македонската револуционерна борба – 23 октомври”, положи венец со свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот Парк во Скопје.
Во составот на Владината делегација беа и Националниот координатор во Владата на Република Македонија за здруженијата на бранители, Стојанче Ангелов и Драган Василевски, советник за одбрана на Премиерот на Владата на Република Македонија.
Во честитката до граѓаните, министерот Шапуриќ подвлече дека „Денот на македонската револуционерна борба – 23 октомври“ нè обврзува заеднички да ги водиме нашите идни битки – за мир, за стабилност, за подобар живот во Македонија.
Истакнувајќи ја храброста на нашите револуционери, на кои денес им се поклонуваме и ги чествуваме, министерот подвлече дека македонскиот народ низ историјата секогаш бил определен кон западно-европските цивилизациски вредности и порача дека наша должност е да продолжиме по тој пат, патот кон НАТО и ЕУ.
Во чест на 23 Октомври – Денот на националната борба, денот кога во 1893-та година во Солун беше основана Македонската револуционерна организација (МРО), на споменикот на Гоце Делчев, симболот на македонската револуционерна борба, положија цвеќе и делегации на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на РМ, на АРМ, на Сојузот на борците на РМ, како и претставници на МАНУ, на УКИМ, на политичките партии и на дипломатскиот кор во земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на посебен додаток, туѓа нега и попреченост
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека во тек е исплатата на следните социјални права: посебен додаток, парична помош за попреченост и туѓа нега за месец декември 2025 година.
Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Истите, денеска можат да ги подигнат средствата во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
ДПМНЕ да не бега од сопственото ветување за една изборна единица, бара Левица
„Левица е за укинување на т.н. Пржинска влада и непотребните дополнителни заменици-министри со право на вето, сметајќи дека истата нема смисла и се претвори во алатка за меѓупартиско пазарење. Техничката влада функционира како фасада и привид на фер, демократски избори и плурализам, зад кој продолжува суштинската политичка нееднаквост, селективноста и цензура. Затоа, укинувањето на техничката влада за нас е прифатливо само доколку оди рака под рака со вистински, а не декларативни демократски реформи“, велат од партијата Левица.
„За почеток, воведување на една изборна единица, како единствен начин за секој глас да вреди подеднакво. Вториот услов е укинување на политичката цензура и обезбедување еднаков пристап до медиумско претставување за политичките субјекти. Потсетуваме дека на последните избори, токму Левица, како парламентарна партија, беше единствената на која, поради „правна празнина“, ѝ беше оневозможено било какво политичко рекламирање. По завршувањето на изборите, Левица во Собранието предложи законски измени за надминување на оваа дискриминација, но истите не беа прифатени од владејачкото мнозинство.
Прецизираме дека не сметаме дека институциите се созреани, ниту пак дека постојната пракса на „технички влади“ донесе фер, демократски и избори без институционални злоупотреби. Напротив, техничката влада се покажа како механизам за дополнителни злоупотреби и параван зад кој се задоволуваат апетитите на владејачките и коалициските структури на естаблишмент партиите.
Во периоди кога техничката влада формално треба да служи исклучиво за организација и спроведување на изборите, јавноста беше сведок како се носат системски закони по скратена постапка, се шверцаат законски измени и се штитат интереси на моќни бизнис и урбанистички лобија како што беше случајот и со последната Пржинска влада.
Демократијата не се мери со бројот на договори меѓу партиските елити, туку со тоа дали гласот на секој граѓанин вреди еднакво и дали секоја политичка опција има право да биде слушната.
Левица нема да учествува во шминкање на системот без да се испорачаат нужни реформи. За крај, потсетуваме дека ʼедна изборна единицаʼ е и ветување на ДПМНЕ за овој мандат. Оттука, ги повикуваме да не бегаат од сопственото ветување и предизборни заложби“, се наведува во соопштението на партијата Левица.
Македонија
(Фото) Кисела Вода: Компјутери, принтери и телевизори за училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“
Набавени се компјутери, принтери и телевизори за основните училишта „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода, како дел од континуираните активности за унапредување и модернизација на наставниот процес, извести Општината.

„Во периодот кога учениците се на зимски распуст, во училиштата се врши опремување со нова информатичка опрема, со цел второто полугодие учениците да го започнат со поквалитетна настава и полесен пристап до дигитални содржини.

Со оваа инвестиција, општина Кисела Вода уште еднаш ја потврдува својата определба за дигитализација на образованието и создавање современи услови за учење, во чекор со новите образовни стандарди и потребите на учениците“, соопштуваат од Општината.

– Нашата цел е децата да учат во современи и опремени училишта, каде што ќе имаат можност да стекнуваат знаења и дигитални вештини неопходни за нивниот понатамошен развој. Компјутерите, принтерите и телевизорите кои ги обезбедивме во училиштата „Рајко Жинзифов“ и „Кирил Пејчиновиќ“ се уште еден конкретен чекор во таа насока, а учениците по зимскиот распуст ќе бидат пречекани со значително подобри услови за настава, изјави градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.




