Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски велеше дека ако помилуваш криминалци, тогаш им должиш нешто – а тој помилуваше водач на нарко картел одговорен за мафијашки убиства
Стево Пендаровски што и да каже, после тоа си го погазува својот збор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2019 година ветуваше дека ако нема правда нема да има мир. Ветуваше дека тие кои што сториле криминал ќе одговараат неселективно. Велеше дека од позицијата претседател нема да му падне на памет да амнестира криминалци. Ај што не си додржа до зборот, туку помилуваше лице, кое според медиумите е лидер на нарко картел во Скопје одговорен за мафијашки убиства и нелегална трговија со дрога. Ако ова не е еден од најтешките облици на криминал, тогаш Стево Пендаровски има реален проблем со перцепцијата“, пишува ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат „да биде уште потрагично, Пендаровски во време на кампањата, со цел да придобие гласови од граѓаните, уверуваше дека ако помилуваш такви лица тогаш тоа значи дека нешто им должиш или ти помогнале да станеш претседател. Епа господине Пендаровски, дали помилувањето и комуникацијата со нарко босови сте ги правеле затоа што нешто им должите или ви помогнале да бидете избран за претседател?“
„Две недели се криете од јавноста и не давате ни еден одговор. Тоа кое што го објавуваме се ваши изјави и фотографии кои сами сте ги правеле и никој не ве терал со сила. Сте сакале-сте се сликале со нарко босови. Сте сакале-сте амнестирале водач на нарко банда. Тоа е ваш избор и затоа сега е ваша одговорност. Вие немате веќе ни кредибилитет, ни интегритет. Стево Пендаровски го погази достоинството на народот и на Македонија, Затоа е време за промени“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Арсовска: Знаат да склучат договор за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор
„ВД Премиерот Талат од Форино дал насоки за нов напад од некаков си секретар на Владата, кој подеднакво не знае што му е работата“, напиша градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на социјалните мрежи.
„Знаат пред некој ден да склучат договор од 2,2 милиони евра за рентање луксузни коли за да се вози Талат, а не знаат да си ја искосат тревата во сопствениот двор.
Еве да ги потсетиме на договорот што го склучиле за одржување и косење на дворот во Влада и тоа за 330 илјади евра!“, додаде Арсовска.
Техничкиот премиер Талат Џафери, по отчетот за сработеното во првите 100 дена од Владата што ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје.
Скопје
После 30 години целосно е реконструирана улицата ,,Марко Орешковиќ” со краците
После 30 години целосно е реконструирана улицата „Марко Орешковиќ” со нејзините краци. Обновата на оваа сообраќајница која имаше видливи оштетувања беше големо барање од жителите од овој дел на општината кои се жалеа на лошите сообраќајни услови и за возилата и за пешаците и претставува целосно исполнување на ветувањето што им го даде градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, известува општина Кисела Вода.
„Обновата низ целата Кисела Вода која досега опфати преку 50 км улици и патишта не запира. Улицата „Марко Орешковиќ“ која сега е комплетно реконструирана, во минатото беше сообраќајница која имаше големи оштетувања кои го отежнуваа движењето и за пешаците и за возилата, но и покрај тоа, не била реконструирана над три децении. Зафатот се одвиваше на потегот од улицата „Мариовска“, опфаќајќи ја улицата „Марко Орешковиќ“ и нејзините краци.
Улицата добива и паркинг простор за уште поголемо олеснување на сообраќајот. Во овој дел од општината живеат околу 800 лица кои до поранешните раководства на Општината, цели три децении упатувале барања за реконструктивни активности, но за жал, досега не наишле на позитивен одговор. Тоа денес е минато. Она што од мене им беше ветено, денес е реализирано во целост! И овде не застануваме. Продолжуваме со градежните активности низ сите населби и населени места за да бидеме уште еден чекор до целта – до крајот на мојот мандат, а и многу порано од тоа, Кисела Вода да нема неасфалтирана улица! Мојот народ заслужува“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
ЈП Паркови и зеленило: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот
ЈП Паркови и зеленило преку писмено соопштение се огласи во врска со прашањето дали имаат склучено договор со Владата за одржување на дворот на објектот на Владата.
„Таков договор со Владата нашето претпријатие нема склучено. ЈП Паркови и зеленило е надлежно за одржување на зеленилото во парковите, булеварите, собирните и магистрални улици кои се под надлежност на Град Скопје, како и Парк шумите Водно, Гази баба, СРЦ Сарај и Матка.
Останатото зеленило во населбите и помеѓу блоковите е под надлежност на општините, додека пак дворовите во сите институцции се обврска за одржување на самата институција (било да се работи за болница, поликлиника, државна агенција, министерство, па и Влада). Во сите овие институции има општи служби кои треба да се грижат за овие прашања, или треба да склучат договор со ЈП Паркови и зеленило за уредување или одржување на нивните дворови, по кој договор ние понатаму би постапувале. Во случајов таков договор со Владата претпријатието нема склучено“, се наведува во соопштението на ЈП Паркови и зеленило.
ЈП Паркови и зеленило испратија јавно достапен документ за тоа кој треба да го одржува дворот на Владата.