Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ повика на поддршка на референдумот за поништување на договорот со Бугарија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика јавноста, експертите, политичките партии и граѓанските организации во целост да се приклучат кон иницијативата и да го поддржат референдумот за поништување на договорот со Бугарија.
Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, упати порака до СДСМ да не тактизираат со народната волја и да покажат минимум демократски капацитет и да повикаат на одѕив на референдумот.
„Оваа иницијатива за референдум е целосно европска бидејќи се спротивставува на негаторските политики и постапки што Бугарија ги насочува кон Македонија од аспект на јазикот, културата и идентитетот. По спроведените детаљни консултации со експерти од областа на уставното право, коалициските партнери и телата на партијата, донесена е одлука прашањето да гласи: Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија објавен во ‘Службен весник’ бр: 12/2018 од 18.1.2018 година?“, рече Мицевски.
Образложи дека постапката ќе ја почнат со собирање 100 потписи за почеток на граѓанска иницијатива, која ќе ја достават до Собранието, а со цел овозможување постапка за собирање 150 илјади потписи од страна на граѓаните на Македонија.
„Сувереноста на државата произлегува од граѓаните и ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија го почитува и засекогаш ќе го применува тој принцип. Овој референдум е само можност за граѓаните да го кажат својот став. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група останува ист. Ние нема да прифатиме и поддржиме промена на Уставот со цел бугаризација на Македонија. Затоа пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ останува на линија на одбрана на македонските национални интереси“, рече Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Дали е точно дека никој не се нафаќа да биде дел од органите на Филипче, тој со Заев ја држат партијата во заложништво
Според ВМРО-ДПМНЕ, единствениот формален функционер во СДС, Венко Филипче, овие денови се соочува со бран незадоволство и непоборлив факт што никој не сака да биде дел од високите органи на партијата.
„Се повеќе луѓе се противат на идејата партијата да биде маша на бизнис крими интересите на Зоран Заев со единствен извршител Венко Филипче.
Партијата е поделена на кланови, на поединци и групи каде што најлојален за пари до Венко е Никола Спасов.
Токму затоа Никола Спасов спроведува сценарио на дефокусирање од вистината и напад со лаги и дезинформации за наводни мигранти и наводно сторен криминал во случајот Томовски. Ниското политичко ниво и изразената некултура во соопштенијата и пресовите на СДС треба да го одвлече вниманието од фактот што денес СДС е во заложништво на бизнис интересите на струмичката фамилија Заеви“.
Венко Филипче, додаваат од партијата на власт, не може да состави основна екипа со која ќе ја владее СДС, партија со само 130 илјади гласови, а камо ли утре да пледира да владее со цела држава.
„Овие денови гледаме како СДС само тоне и станува жртва на сопствената пропаганда. Венко го доуништува и она малку што остана од некогаш големата СДС“.
Македонија
(Видео) Мицевски: Поднесовме Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратеници од коалицијата ВРЕДИ и ЗНАМ, ја поднесовме „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“, истакна денеска Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„По ширењето на лажни вести, невистини и манипулации од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ како државотворна партија подготви Резолуција со која еднаш засекогаш ставаме точка на измислената тема на мигранти од страна на СДС.
Дозволете ми, да ви ги претставам 9-те точки од кои се состои резолуцијата.
1.Се осудува лажната кампања и манипулативното дејствување на опозициските политички партии, со кои во јавноста се пласираат невистини и инсинуации за наводно постоење договори, политики или активности поврзани со прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови.
2. Се утврдува дека ниту било побарано, ниту е договорено, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови, прифатни центри или трајни форми на сместување мигранти на територијата на општините во државата и дека такви активности не се и нема да бидат дел од владините политики.
3. Се констатира дека ваквите дезинформации се шират свесно и континуирано, и покрај јасните и недвосмислени ставови на надлежните институции, со цел создавање паника, нарушување на јавната стабилност и остварување краткорочни политички интереси на сметка на безбедноста и спокојот на граѓаните, што е спротивно со правилата на поредокот меѓу кои Кривичниот законик, Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, како и Законот за спречување и заштита од дискриминација.
4. Се отфрлаат и се поништуваат сите аранжмани, одлуки и политики на поранешната Влада на Зоран Заев поврзани со создавање кампови за прием и нега на мигранти, кои беа спротивни на националните и државните интереси и ја изложуваа државата на безбедносни и општествени ризици.
5. Се потенцира дека меѓуетничките односи, стабилноста, толеранцијата и меѓусебното почитување се суштинска вредност на општеството и дека секое неодговорно политичко дејствување кое што може да ги наруши овие односи претставува сериозна закана за општествената кохезија.
6. Се потврдува определбата за принципиелна, одговорна и предвидлива надворешна политика, заснована на заштита на националните интереси и почитување на меѓународното право, при што ниту еден надворешен процес не смее да биде на штета на безбедноста и стабилноста на државата.
7. Се повикуваат сите политички субјекти и јавните чинители на одговорност во јавниот говор, почитување на фактите и воздржување од ширење лаги и манипулации кои можат да предизвикаат општествени тензии и да го нарушат јавниот ред и мир.
8. Се утврдува дека со оваа резолуција се става крај на сите шпекулации, дезинформации и лажни сценарија поврзани со наводно прифаќање мигранти или изградба на кампови и се воспоставува јасна, недвосмислена и непроменлива државна политика против нелегалната миграција.
9. Оваа резолуција стапува во сила со денот на нејзиното донесување и ќе биде објавена во Службен весник“.
Со оваа Резолуција, нагласува Мицевски, се потврдува дека Владата и Собранието никогаш нема да дозволат да се преговара за мигранти.
Уверува дека граѓаните треба да бидат спокојни.
Македонија
(Видео) Да се испитаат потеклото на парите на Томовски и донациите во ДПМНЕ: антикорупцискиот тим на СДСМ со пријава до ДКСК
Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска поднесува официјална пријава до Државната комисија за спречување корупција, околу случајот на „Сити Аутсорсинг“.
„Фирма која добила 161 тендер, вредни 9 милиони евра а само годинава заработила речиси половина милион евра. Фирма со семејни врски на Ивица Томовски, актуелниот директор на СОЗР со оваа фирма. ДКСК минатата недела отвори предмет за овој случај, но нема да дозволиме тоа да биде само уште еден случај во кој се „перат“ функционерите на ДПМНЕ“.
Оваа пријава, додаваат од СДСМ, ја поднесуваат со цел ДКСК темелно да ги испита донациите на Томовски кон ДПМНЕ, кои како што велат, во неколку наврати надминуваат сума од 800.000 денари.
„Какво е потеклото на парите кој Томовски ги донира на ДПМНЕ? Дали донираните пари се поврзни со оваа фирма? И веќе кога Томовски се огрдува и негира поврзаност со било каква фирма и приватен бизнис, од каде тогаш е потеклото на парите кои ги донира Томовски? Од каде има некој 800.000 денари да ги донира, од плата? ДКСК треба да истражи и да даде одговор на овие прашања.
Граѓаните се заситени од празни реторика на институциите и предмети кои користат за да се исперат функционерите на ДПМНЕ од одговорност“
Одговорност како што нагласуваат ќе има за секој инволвиран во криминал и корупција.

