Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Позитивниот извештај од Европската комисија не е новина
„Корупцијата останува распространета во многу области и продолжува да претставува сериозен проблем. Политичкото мешање останува ризик“. „Се крие опсегот на користење на привремените вработувања во јавната администрација, што доведува до загриженост во однос на почитувањето на мерит-системот. Владата не обезбеди податоци за договорите за определено време почнувајќи од 1 јануари“, ова, како што тврди Александар Николовски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се дел од забелешките во извештајот на Европската комисија.
„Доколку внимателно се прочита извештајот, во ниедна од клучните области, како што се јавната администрација, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, нема оценка дека е направен добар напредок, туку секаде пишува дека е постигнато одредено ниво на подготовка, што преведено школски е двојка. Петките со кои Заев сака да се пофали во јавноста, всушност се двојки“, вели Николовски.
Тој констатира дека позитивниот извештај за Република Македонија не е новина, туку нешто што го гледаме од 2009 година наваму.
„Јасно е дека без разлика какви се извештаите што ги добива Македонија, почнувањето на преговорите за членство во ЕУ зависи исклучиво од решението на проблемот што Република Грција го има за нашето уставно име“, вели Николовски.
Како што рече, СДСМ ветуваше инвестиции и вработувања, а во извештајот се говори за висока стапка на невработеност и ранливост на економијата поради значајни недостатоци.
„И самиот еврокомесар Хан претпладнево рече дека реформите мора да продолжат, особено во независноста на судството и економијата и не значи дека преговорите би почнале утре, а успех е членство во ЕУ, а не позитивна препорака. Изминатиов период гледаме само скандали на функционерите од власта и нивна неказнивост. Изминатиов период гледаме инструментализација на судството, кое се користи за политичка пресметка со неистомислениците. Нема ниту една истрага против актуелен функционер, иако веќе помина една година од функционирањето на оваа Влада, а не поминува ден да не излезе во јавноста афера за сомнителна набавка или расипништво со парите на граѓаните. Веќе една година Владата на СДСМ е на власт, а функционерите на СДСМ се недопирливи“, рече Николовски.
Останува, додаде тој, горчливиот впечаток дека Македонија и Албанија се во ист пакет. „Македонија е земја кандидат за членство од 2005 година, а Албанија е земја кандидат за членство од 2014 година. Со неспособноста на оваа Влада се изедначуваме со држава која беше 9 години зад нас. Ова е јасен показател дека Владата на СДСМ нема човечки капацитет, ниту политичка волја да спроведе суштински реформи. И на крајот ВМРО-ДПМНЕ останува силно посветена на европската агенда и како конструктивна опозиција ќе дава поддршка на сите аспекти што се клучни за членство во ЕУ, но секако одговорност останува кај Владата“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.
Македонија
Донесени пресуди за случајот „Премин“, обвинителството најави жалба
Денеска, во Основниот кривичен суд Скопје, беше објавена неправосилна пресуда во предметот со кодно име „Премин“, застапуван од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење на организиран и корупција. Во предметот беа опфатени повеќе царински службеници од Царинските испостави Ново Село и Дојран. Со пресудата, дванаесет обвинети лица се огласени за виновни за сторени кривични дела Примање поткуп и Злоупотреба на службената положба и овластување.
Четворица обвинети се осудени на ефективни казни затвор во траење од една година и шест месеци до три години, додека на останатите осум лица им се изречени условни осуди.
Четворица обвинети на почетокот на главната расправа го признаа делото и тогаш судот ги осуди на ефективни казни затвор во траење од 2 години до 2 години и 8 месеци.
Воедно, на 14 лица во предметот осудени за кривичното дело Примање поткуп судот им изрече и казна забрана за вршење на должност на службено лице, во времетраење од две до осум години, индивидуално определена за секој од нив.
Предлогот на обвинителството за одземање и конфискување на имотната корист прибавена со кривично дело беше делумно прифатен од страна на судот и паричните средства се вратени на еден од обвинетите.
Останатите привремено одземени парични средства пронајдени при извршените претреси се одземени и тоа 18.230 евра, 263.210,00 денари, 4860 швајцарски франци, 443 американски долари, 20 британски фунти, 200 украински гривни, 102 бугарски лева и 100 турски лири, како и 36 штеки цигари.
Обвинителството незадоволно од висината на казните и од висината на одземените парични средства најавува дека ќе го искористи правото на изјавување на правен лек по писмено добивање на пресудата.
Истражната постапка за овој случај беше отворена во октомври 2024 година кога беше спроведена полициска акција под кодно име „Премин“ поради основано сомнение дека обвинетите распоредени во Царинските испостави Ново Село и Дојран, во временскиот период од 21.03.2023 година до 15.10.2024 година, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело.
Тие искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, при вршење на царински прегледи на стоката што се увезувала во државата преку граничните премини, од превозниците на стоката директно барале и примале парични средства за себе во износи од по 20, 50, 70, 100 и 150 евра, за да не извршат службено дејствие што морале да го извршат.

