Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Преку регулација на криптовалутите ќе обезбедиме над половина милијардa евра во буџетот

Тргувањето со криптовалутите станува сѐ почесто споменувано, a овој вид вложување сѐ повеќе го привлекува вниманието на граѓаните, посочи на денешната прес-конференција, портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Напредните држави имаат огромен напредок во оваа област, се овозможуваат финансиски трансакции преку криптовалути. Во светот има и голем број банки, кои преку нивна платформа дозволуваат трговија“, објасни таа.
Сепак, како што рече Митева, во Македонија овој сегмент сѐ уште не е регулиран со закон, па во случај на измама нема начин да се обесштетат инвестициите.
„Нашите закони ниту овозможуваат ниту забрануваат купување и продавање криптовалути поради што граѓаните имаат можности сами да одлучуваат дали ќе инвестираат.
Со регулација на криптовалутите неколку десетици милијарди евра годишно завршуваат во буџетите на земјите како САД и Германија.
Веќе и во другите земји во ЕУ се прави стратегија за тоа како да се регулираат криптовалутите, кои сѐ уште се во сивата зона“, посочи партиската портпаролка.
Таа објасни дека преку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието партијата ќе поднесе закон со кој ќе се дозволи трговија и чување на криптовалутите во Македонија.
„Со тоа инвестираните и вложени пари од граѓаните ќе завршат во буџетот, ќе ја подобриме економијата. Ова законско решение, кое ќе го предложиме, ќе ги содржи во себе следните ослободувања:
Најпрво, трговија со криптовалути без ДДВ, потоа ќе воведеме законска норма со која оние што ќе тргуваат со криптовалути најмалку до крајот на 2023 година ќе бидат ослободени од данок на добивка и персонален данок на доход.
Обезбедуваме најмалку половина милијарда евра во македонскиот буџет“, порача Митева додавајќи дека патот кон дигитализација и напредна технологија треба да го следиме на овој начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Завршен првиот дел од санацијата на хидросистемот Ѓавато, кој повеќе од 4 години беше со пробиени цевки

Заврши првата фаза на санирање на хидросистемот Ѓавато. Бунарскиот дел е комплетно завршен, пуштена е водата и нема никаде протекување, објави премиерот, Христијан Мицкоски.
Тој додаде дека останува уште една интервенција на цевката за испуст и со тоа ќе бидат дуплирани количините вода кои ќе се влеваат во Дојранското езеро.
„Каква беше состојбата пред интервенцијата? Повеќе од четири години пробиени цевки на двата функционални бунари. Потрошени повеќе од половина милион евра за електрична енерија, а ефектот минимален или никаков. Два функционални од десет направени бунари. Негрижа и срам. Во втората фаза ќе обезбедиме најмалку уште две бунарски пумпи за зголемен капацитет и побрзо полнење на Дојранското езеро. Владата во втората фаза ќе го задолжи ФОД при ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) да ги репарира постојните потисни пумпи. Конечно во последната трета фаза ќе инсталираме сончеви панели со батерии за акумулирање на електричната енергија и сопствено производство на електрична енергија. Нема трошење милиони евра од буџетот за електрична енергија“, напиша Мицкоски.
Македонија
СДСМ ги објави имињата на уште 11 кандидати за градоначалници

Попладнево се одржа седница на Извршниот одбор на СДСМ. Членовите донесоа одлука со која е дадена согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државата:
1. Бутел – Оливера Ливриниќ
2. Велес – Маја Хеско
3. Гевгелија – Миле Атанасов
4. Делчево – Дејан Глинџарски
5. Демир Капија – Лазар Петров
6. Конче – Благој Илиев
7. Кратово – Влатко Спировски
8. Кривогаштани – Игор Каравиловски
9. Македонски брод – Ивица Стојковски
10. Ранковце – Даниел Крстевски
11. Старо Нагоричане – Далибор Трајковски
„СДСМ јасно ја потврдува својата подготвеност да понуди силни, чесни, квалитетни и докажани кандидати за претстојните локални избори кои ќе работат во интерес на граѓаните и напредок на општините’“, соопштија од партијата.
Македонија
Гужва на границите: на Богородица и Табановце се чека по 40 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, информира АМСМ.
На ГП Богородица времето на чекање за влез е околу 40 минути, на ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 20 минути, на ГП Табановце времето на чекање за излез е околу 30 минути, додека пак на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.