Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ со 10 предлози како да се реализира школската настава од септември
Ниту Министерството за образование, ниту Комисијата за заразни болести не покажаа иницијатива и инвентивност за изнаоѓање решение за отворање на училиштата и почеток на наставата, обвини на прес-конференција Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа нагласи дека временскиот рок за изготвување квалитетен и успешен план е краток, но подвлече и дека ВМРО-ДПМНЕ како одговорна партија има предлог-план и програмa за почетокот на наставата од 1 септември.
Во однос на ова, Серафимовска посочи десет точки, преку кои од оваа партија предлагаат како да се реализира наставата во текот на претстојната учебна година:
1. Часот во училиштата каде што ќе се одвива физичка настава да трае 20 минути, притоа потенцираме – една паралелка во една училница! Часот треба да трае 20 минути за да се зачува работното време на наставниците кои ќе работат со групи по 15, наместо по 30 ученици. Доколку часот трае подолго, наставниците ќе имаат подолгo работно време oд 8 часа. Прекувремената работа на наставниците треба да биде со нивна согласност и бараме истата да им биде платена.
2. Со вака организираниот час од 20 минути училиштата може да рабoтат во 3 смени.
3. Слушаме сте го прифатиле нашиот предлог сите часови да бидат снимени и достапни на учениците во секое време. Но, не присилувајте ги наставниците сега, набрзина да ги снимаат часовите кога уште не знаат по каква програма треба да работат. Часовите треба да ги снимат во моментот кога ќе ја изведуваат наставата или ден пред тоа кога ќе се подготвуваат за час.
4. Наставниците треба да работат од училиште, не од дома. Еден наставник само во една училница да држи час.
5. На вака организираниот час може да присуствуваaт деца кои немаат соодветна опрема за да следат онлaјн настава, со сите преземени мерки за заштита. Тие сигурно нема да бидат пoвеќе од 15 во една паралелка.
6. За вака да работат наставниците, заедно со општините, обезбедете по еден компјутер во секоја училница и солидна интернет-врска за часот непречено да се одвива.
7. За да можат наставниците да работат од училиште треба да ги отворите градинките. Инаку, наставничките со деца помали од 10 години ќе мора да работат од дома.
8. Ако недостасува персонал за организирање на дневниот престој, ангажирајте ги студентите од последните години на студии на наставничките факултети.
9. За практичната настава во средните стручни училишта организирајте ги учениците по пет во група во повеќе смени.
10. Одредете една или најмногу две унифицирани платформи за спроведување онлајн настава и за истите организирајте обука.
Серафимовска по дадените предлози оцени дека врз основа на капацитетот што досега го покажале Владата на СДСМ и Комисијата за заразни болести, веројатно е дека и ова полугодие од школската година ќе помине неорганизирано и хаотично.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

