Македонија
(Видео) Во Владата презентирани приоритетите на Романија како претседавач со Советот на ЕУ
Денешната редовна 116. седница на Владата почна со презентација на приоритетите на Романија за време на претседателството со Советот на Европската Унија. На седницата, на која присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар, столбовите, што како приоритети си ги постави Владата на Романија за време на своето претседавање со Советот на ЕУ, ги презентира Виорел Станила, амбасадор на оваа земја во Република Македонија, кој нагласи дека тие столбови произлегуваат од динамичната сила на ЕУ што ѝ ја даваат нејзините вредности.
Премиерот Зоран Заев на почетокот на седницата упати честитки до амбасадорот Станила за романското преземање на Претседавањето со Советот на ЕУ и истакна дека Романија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период особено имајќи го предвид фактот што за време на претседавањето ќе се одржат европските избори кои ќе ја постават иднината на ЕУ, но и ќе ја трасираат идната патека на политиката за проширување.
„Изразуваме искрена благодарност што во приоритетите на романското претседателство се предвидува и забрзување на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ. Политиката на проширување на ЕУ, и покрај сите предизвици на глобален план, останува најефикасниот инструмент за гарантирање на мирот, стабилноста и просперитетот во Западен Балкан. Затоа, го цениме фактот што Романија ја препознава важноста на политиката на проширување и се обидува да го доближи Западен Балкан уште поблиску до ЕУ“, рече премиерот Заевво своето обраќање.
Тој потенцира дека нашата земја со внимание ги следи подготовките за Самитот на ЕУ во Сибиу (9 мај 2019 година), кој ќе се однесува на иднината на ЕУ и од кој нашите граѓани очекуваат силна порака до земјите од Западен Балкан дека на нашиот регион се гледа како на дел од ЕУ во идната Европа.
Од презентацијата на амбасадорот Станила, приоритетите што денеска беа претставени ги опфаќаат „Европа на патот кон раст, кохезија, конкурентност и поврзаност“, потоа „Безбедна Европа“, „Европа како посилен глобален играч“ и „Европа на заеднички вредности“. Политиките на Европската Унија на интегрирање на Западен Балкан во нејзините структури остануваат приоритет на Владата на Романија во наредните шест месеци во столбот „Европа како посилен глобален играч“.
Амбасадорот Станила во својата презентација нагласи дека политиките на проширување со земјите членки на Западен Балкан остануваат стратешки интерес на ЕУ поради што фокусот на европската поддршка на регионот ќе се задржи на зајакнување на демократските процеси и на помирувањето.
Амбасадорот на ЕУ во нашата земја, Самуел Жбогар, земајќи збор на оваа седница на Владата на РМ, потенцира дека овој владин состав направи Република Македонија да го дочека романското претседавање со Советот на ЕУ со историското достигнување со договорот од Преспа и со решавањето на спорот со Грција и на тој начин ја доближи земјата како никогаш досега до портите на ЕУ. Амбасадорот Жбогар додаде дека успехот на Република Македонија е силна порака за регионот, но и за Европа, дека нема нерешливи прашања со храбри и посветени лидери.
На седницата, на која првата точка беше посветена на приоритетите на Романија за време на претседавањето со Советот на ЕУ, се обратија и заменик-претседателот на Владата на РМ, Бујар Османи, и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Османи, меѓу другото, се задржа на мотото на романското претседавање – „Кохезијата, заедничка европска вредност“ и истакна дека тоа во целост ги одразува и нашите аспирации кон градење современо демократско општество преку кохезија и почитување на европските вредности како универзални, кои, пред сè, на прво место ги ставаат човекот и неговата добросостојба и додаде дека се фактор за кој се обединети сите во земјата и за кои нема алтернатива.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во своето обраќање нагласи дека тајмингот за Република Македонија во претстојниот период најавува успешна година, година во која ќе треба да се жнеат плодовите што доаѓаат како резултат на активностите во минатата година кога како земја со длабока политичка криза донесовме одлука да се соочиме храбро и одлучно да решаваме децениски проблеми, да ги решиме сами и да бидеме модел за другите. Министерот Димитров потсети дека Европскиот совет ни го отвори патот, но дека наша задача сега е да ги завршиме реформите и да создадеме атмосфера за да биде оневозможно во јули оваа година Република Македонија да не биде прифатена како земја што ги почнува преговорите со ЕУ. Понатаму, Владата продолжи со работата според дневниот ред утврден за својата редовна 116. седница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Густата магла и лизгавиот пат ѝ помогнале на полицијата да го спаси Кајмакоски, тврди извор за српските медиуми
Густата магла и лизгавиот коловоз, по сè изгледа, одиграле клучна улога во спасувањето на Даниел Кајмакоски.
Како што вели извор на Курир.рс, можно е киднаперите, поради намалената видливост, да се дезориентирале и на кружниот тек кај Рума пропуштиле да скршнат во планираниот правец, па продолжиле право и изгубиле контрола над возилото, кое излетало од патот и удрило во банкина.
„Токму тој тек на околности доведе до прекин на нивната намера. Интересно е што киднаперите, заедно со жртвата во автомобилот, успеале да поминат две наплатни рампи – во Шимановци и во Рума. Но ударот во заштитната ограда го запрел нивното бегство. Откако го оштетиле автомобилот, двајцата осомничени, за кои се верува дека се турски државјани, продолжиле да бегаат пеш. Истрагата продолжува, а надлежните ги испитуваат сите околности, вклучително и движењето на осомничените пред инцидентот“, изјавил изворот.
Според досегашните информации двајца странци во ноќта меѓу сабота и недела го пресретнале Даниел Кајмакоски по негов настап во локал во Белградската Бетон хала. Со закана со нож и пиштол му наредиле да влезе во својот бел „волво“, каде што го врзале. Киднаперите од пејачот барале 20.000 евра.
„Прво се обидела да ги запре патрола на сообраќајна полиција во Белград, но откако возачот на ‘волвото’ не застанал, туку дал гас, се активирале алармите. Наскоро некој од блиските на пејачот ја повикал полицијата и пријавил дека ‘исчезнал’. Во потрагата, покрај сообраќајната полиција, се вклучиле и други полициски единици. Белото ‘волво’ било пронајдено на автопатот кај исклучокот за Рума, каде што имало сообраќајна незгода, односно удрило во банкина“, додава изворот.
Полицијата во возилото го пронашла пејачот, кој бил во шок. Киднаперите сè уште се во бегство, а потрагата продолжува.
Македонија
Војници во влага, на перници стари со децении, со прибор стар 20 години и руинирани тоалети – синдикатот алармира по појавата на шуга во велешката касарна
Независниот синдикат на професионални војници, реагира поради појавата на шуга кај новопримените професионални војници во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ во Велес, обвинувајќи за катастрофални услови за живот и работа во касарните низ државата.
Оттука посочија дека случајот во Велес е само еден од ретките кои добиле медиумска покриеност, иако слични инциденти се случувале и порано, но останувале тајни.
„Професионалните војници имаат најлоши услови за работа, од нечиста постелнина, неисперена со години, од перници стари по 15-20 години, исто така и за кебињата и чаршавите со години стари и необновени. Просториите каде што спијат војниците се најчесто со влага , со многу инсекти по просториите, храната се дава во нехигиенски услови со прибори стари над 20 години и нејзиниот квалитет е на најслабо ниво, храната е еднолична и недоволна, санитарните јазли се нереновирани и руинирани повеќе од 15-20 години. Професионалните војници многу често работат во услови кога немаат струја во објектите за да се загрејат и техничка вода за да се одржава личната хигиената и хигиената на објектите, ваквите состојби траат со години“, се наведува во соопштението на сидникатот.
Александар Насковски, претседател на синдикатот потенцира дека военото раководство и сите министри за одбрана досега не покажале грижа за војниците, и покрај долгогодишните апели. Според него, се реновираат само просториите на офицерите, а не и објектите каде што живеат и престојуваат 24/7 професионалните војници.
„Со зголемениот буџет согласно барањата на НАТО, треба приоритет да бидат условите за работа и човечкиот фактор, а не само набавки на оружје. Залудно е да се инвестира во опрема ако нема кој да ја користи“, се наведува во соопштението.
Синдикатот го обвинува министерот за одбрана Владо Мисајловски за игнорантски однос, отсуство на социјален дијалог и непочитување на основните човекови права на припадниците на Армијата.
Меѓу причините за растечкото незадоволство ги посочуваат: немање покачување на плати три години поради правни измени, дискриминација и мобинг и масовен одлив на војници.
Синдикатот најавува дека во наредниот период ќе продолжи јавно да информира за состојбите во Армијата низ целата држава.
АРМ и Министерството за одбрана претходно информираа дека двајца професионални војници од велешката касарна се зарезени со шуга. Заразените се дел од 296-темина нови професионални војници кои на 16 јануари положија заклетва.
Од страна на стручните лица на АРМ и Воено-медицинскиот центар (ВМЦ) биле преземени мерки согласно здравствените протоколи за спречување на евентуално ширење на заболувањето. Во касарната бил направен епидемиолошки надзор од страна на ВМЦ и се постапувало согласно препораките на стручните лица.
Македонија
Српската полиција се огласи по киднапирањето на Даниел Кајмакоски: Се трага по двајца осомничени
Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека полицијата трага по две лица осомничени за киднапирање на македонскиот пејач Даниел Кајмакоски, нагласувајќи дека пејачот, кој бил пронајден со врзани раце, е згрижен.
Како што е наведено, по полициска потера, возилото во кое се наоѓале двете непознати лица, било запрено на територијата на општина Рума. Киднапираниот бил затекнат во возилото со врзани раце, додека киднаперите успеале да го напуштат возилото и да побегнат во непознат правец.
Двајцата претходно со нож и огнено оружје го киднапирале Кајмакоски.
Српското МВР потенцира и дека киднапирањето се случило во утринските часови во Белград и дека киднаперите барале пари од пејачот.

