Македонија
(Видео) Во пресрет на летната сезона издадени препораки за превенција и справување со пожари
Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој претседава министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска одржа седница по повод претстојната летна сезона, појавата на високи температури и можноста од појава на евентуални пожари на територијата на државата, а со цел нивно навремено спречување од појава или ширење.
Управувачкиот комитет предложи мерки и препораки до надлежните институции во согласност со кои Центарот за управување со кризи во најкус можен рок треба да формира оперативно-координативно тело за заштита на шумите од пожари во претстојниот период, со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Управата за хидрометеоролошки работи, ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција и ЗЕЛС.
На состанокот беше препорачано Министерството за земјоделство, доколку оцени дека е потребно, да воведе ограничување на движењето на сите лица во шумите во шумскиот појас (по процена во определен период од денот), со одредени исклучоци, како што е организирана тура на туристи за туристичкото разгледување на шумите во шумскиот појас и националните паркови, во придружба на претставник од ЈП „Национални шуми“ или националните паркови.
Исто така, Министерството за земјоделство ќе треба соодветно да ја информира јавноста за постоење на забраната за палење на стрништата како превентивна мерка за заштита од појава на шумски пожари и за опасноста од настанување шумски пожари, за штетните последици од шумските пожари, за нивна превенција, како и за висината на казните за предизвикување пожари во согласност со одредбите од Законот за шумите.
Во таа насока е и препораката на Државниот инспекторат за земјоделство, во координација со Државниот инспекторат за шумарство и ловство, да преземаат мерки за превенција од пожари предизвикани од палење стрништа и засилени контроли на терен во претстојниот летен период, како и да биде вклучено и ЈП за стопанисување со пасиштата, кои преку своите служби треба да ги известат корисниците на дивечот во ловиштата и корисниците на пасиштата за можна потреба од нивно превентивно вклучување во заштита од евентуалана појава на пожар.
Препораките на Управувачкиот комитет го вклучуваат и ЈП „Национални шуми“, кое треба да изготви оперативни планови за заштита од шумски пожари, да изврши распоредување на сите мобилни екипи на шумската полиција на терен, со цел обезбедување засилени контроли во претстојниот период, а Министерството за внатрешни работи, Граничната полиција и Шумската полиција треба да ги интензивираат патролирањето и легитимирањето во шумските предели во претстојниот период.
Управувачкиот комитет им препорача на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и на сите единици на локалната самоуправа во Република Северна Македонија да ја зголемат соработката и координацијата со регионалните центри за управување со кризи, користењето на контактите преку бесплатниот телефонски број за итни повици 195, кој е достапен 24 часа на целата територија на Република Северна Mакедонија, и да ги ажурираат податоците за ресурсите од јавните претпријатија и трговските друштва во нивна надлежност, кои може да се стават на располагање во случај на потреба и појава од пожари на отворен простор.
ЈП „Македонски железници – Инфраструктура“, „МЖ – Транспорт“ АД Скопје, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта и ЈП за државни патишта веднаш да го отстранат материјалот што гори (сува трева и ниски растенија) во близина на пругите, односно на железничките правци и на автопатиштата, каде што постои изразена опасност од опожарување.
На седницата присуствуваа и членовите на Управувачкиот комитет, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, министерот за надворешни работи, Никола Димитров, директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на групата за процена, Агрон Буџаку, како и членови на Дирекцијата за заштита и спасување, претставници од Центарот за управување со кризи и од Министерството за одбрана, претставници од ЈП „Национални шуми“, Шумската полиција, претставник од Министерството за здравство, како и претставник од ЗЕЛС.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).