Македонија
(Видео) Градоначалникот на Кисела Вода делумно го поддржа проектот за поставување споменици во општината
Општина Кисела Вода на чело со градоначалникот Филип Темелковски делумно го поддржа проектот на претходната градоначалничка од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Беличанец-лексиќ – „Програма за поставување спомен-обележја“, со кој е предвидено на територијата на општината да се постават 4 споменици во вкупна вредност од 2 милиони и 400 илјади денари.
Градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, за „Макфакс“ вели дека два од четирите споменици мора да бидат поставени бидејќи веќе бил потпишан договор за нив, а евентуалното нивно стопирање би донело многу поголема штета за Општината поради пеналите што следуваат.
„За спомениците на Никола Бадев и Пеце Атанасовски веќе беа потпишни договори и нарачани пред да дојдам јас, поголема штета ќе беше доколку го стопиравме поставувањето на спомениците“, вели Темелковски.

Во однос на другите два споменика кои сè уште не се поставени, актуелниот градоначалник вели дека за нив нема никаков договор и поради тоа, нема да се постават доколку иницијаторите сами не си го дофинансираат проектот, односно тие да ги платат давачките за поставување и изведба на спомениците.
„Два од спомениците се стопирани, ставени се во програмата, но ќе ги исполниме само доколку иницијаторите сами сакаат да си ги финансираат бидејќи беше приватна иницијатива. Доколку не се финансираат од приватни средства, ние како Општина нема да одвоиме дополнителни средства, односно да го потрошиме целосниот буџет за тој проект“, вели Темелковски.

Проектот стартуваше во 2014 година во мандат на ексградоначалничката Беличанец-Алексиќ, а беше планирано да биде завршен во 2019. Спомен обележјата на Никола Бадев и Пеце Атанасовски кои се веќе поставени во паркот „Македонија“ чинат вкупно 1 милион и 200 илјади денари, односно, по 600 000 денари секој.
Во вториот дел од изведбата на проектот е планирано е да се постави споменик на Ангел Димовски, загинат борец од Шпанската граѓанска војна во 1936/37 година, како и спомен-обележје на Атанасе Јорица, поранешен жител на Кисела Вода, пејач и борец за правата на Власите.

Споменикот на Ангел Димовски планрано е да биде поставен на аголот меѓу улицата Божидар Аџија и булеварот Борис Трајковски, каде што постаментот е веќе подготвен, а локацијата за спомен-обележјето на Атанасе Јорица е сè уште непозната.
Како што велат од Општината, изведувачите на двата споменика се избрани по пат на конкурс. Како изведувачи на скулптурата од леена бронза на пејачот Никола Бадев наведени се Елена Рафајловска и Васил Николовски, а зад скулптурата на Пеце Атанасовски, исто така од леена бронза, стои потписот на Димитар Филиповски и Сашо Бајрактаров. Изведувачите на другите две скулптури засега се непознати.
Темелковски вели дека постојат уште неколку проекти започнати од претходната градоначалничка, кои не може да бидат прекинати поради административни работи.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

