Македонија
(Видео) Дали судијката Алексовска-Стојановска го финансирала СДС или тие ја поткупувале неа со кирија додека биле на власт, праша Лефков

„Дали судијката Алексовска Стојановска ја финансирала СДС или тие ја поткупувале неа со кирија додека биле на власт? И Венко Филипче како претседател на СДС и Даниела Алексовска Стојановска треба да кажат како е уреден односот за користење на деловен простор во нејзината семејна куќа во Ранковце од страна на СДС“, праша Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали СДС плаќала кирија за закуп на судијката и колку? Дали киријата ја плаќале на сметка или во готовина?
Доколку СДС не плаќале за изнајмување на простор дали истите пријавиле донација од страна на судијката во форма на отстапување на деловен простор без надоместок?
Додека СДС и Даниела Алексовска Стојановска смислуваат одговор, судскиот совет да донесе одлука за разрешување на судијката која наркодилер наместо во затвор испратила во поправен дом.
Судскиот совет не може да се прави дека не ги гледа аргументите. Која и ситуација од погоре поставените дилеми да е вистина Даниела Алексовска Стојановска само поради тоа не смее да биде повеќе судијка. Одговорност мора да има“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши го честита Курбан Бајрам

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, го честита празникот Курбан Бајрам на граѓаните од исламска вероисповед.
„Во мое лично име и во името на Собранието на Република Северна Македонија, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот празник Курбан Бајрам.
Овој светол ден на жртвувањето нè потсетува на важноста на верата, добрината и грижата за ближниот. Нека празничните денови внесат духовен мир, здравје и изобилство во Вашите домови, а солидарноста и милосрдието што ја одликуваат бајрамската традиција послужат како поттик за уште поголема меѓусебна почит и заедништво во нашето мултикултурно општество.
Убеден сум дека, со заедничка посветеност, сите ќе продолжиме да го јакнеме соживотот, толеранцијата и хуманоста во нашата држава. Собранието останува цврсто посветен партнер во унапредувањето на слободата на вероисповед и во градењето општество на еднакви можности за сите.
Нека Курбан Бајрам Ви донесе радост, благосостојба и благослов во секое семејство“, пишува во честитката.
Македонија
Честитка од Сиљановска – Давкова за муслиманскиот празник Курбан бајрам

Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи и до сите верници од исламска вероисповед.
„Дозволете ми Вам, лично, и на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламска вероисповед во државава, да Ви упатам срдечни честитки по повод големиот муслимански празник – Курбан бајрам и од сѐ срце да Ви посакам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов.
Како празник на дарувањето и на помагањето, Курбан бајрам ја истакнува благородноста на човекот, мотивирајќи нè да се грижиме за сите членови на заедницата. Како општество, отсекогаш се истакнуваме со солидарноста, сплотеноста, почитта и грижата, и тоа мора и понатаму да го чуваме и да го негуваме.
Живееме во сложени и динамични времиња со тектонски политички и економски промени на глобално ниво, коишто бараат мудрост, заедништво и силна волја и истрајност.
Да се потпреме еден на друг, да ги развиваме емпатијата и солидарноста, и суштински да се залагаме за благосостојбата на сите наши сограѓани и за просперитет на татковината!“, пишува во честитката.
Македонија
Мицкоски со честитка за Курбан Бајрам: Борбата за подобра иднина да бидат нашата заедничка водилка

Премиерот, Христијан Мицкоски, упати честитка до пoглаварот на Исламска Верска Заедница, Реис Ул Улема Шакир ефенди Фетаху, по повод денешниот празник Курбан Бајрам.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да Ви го честитам муслиманскиот празник Курбан Бајрам, Вам и на сите граѓани припадници на исламската заедница и да Ви посакам празникот да го поминете во добро здравје, мир, благосостојба и спокој во Вашите срца и домови.
Празникот Курбан Бајрам не потсетува на вистинските вредности и принципи во животот, а тоа е да правиме добри дела, да помагаме и да сме хумани бидејќи хуманоста и солидарноста се најголемите човечки особини.
Исламската заедница и сите нејзини верници се дел од оваа држава, затоа потребно е да си подадеме рака и да ги почитуваме различностите, бидејќи само така ќе изградиме држава на среќни и задоволни граѓани.
Нашата заложба е државата да ја градиме во меѓусебно разбирање, почитување, доверба и толеранција. Тоа ќе го постигнеме само доколку сме обединети заедно.
Како Влада за краток период успеавме да ја трансформираме државата, преку дијалог и соработка да реализираме проекти од кои најголеми придобивки ќе имаат сите граѓани без разлика на нивната етничка или верска припадност.
Но, потребни се крупни чекори за остварување на заедничките цели и затоа нека борбата за подобра иднина, надеж и поквалитетен живот бидат нашата заедничка водилка за успешна и победничка Македонија, држава дом за секој граѓанин и Македонија држава на промените“, пишува во честитката.