Македонија
(Видео) Дванаесет години чекаат приватизација на двор во луксузниот дел на Водно, ги кочеле хакирање, преместување и породување во Управата
Цели дванаесет години семејство од Скопје чека приватизација на двор во луксузниот дел на Водно. Ги испраќале во пензија луѓето што работеле на нивниот предмет, ги преместувале во други подрачни единици, се менувале началници, а последната службеничка, која сè уште работи на предметот, последните три години ја чекале да ја истера бременоста, да се породи, се вратила на работа, но предметот сè уште не е решен оти дочекале и хакирање на системот во Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии.
Во дворот од 305 квадратни метри на Водно имаат и куќа. Без проблем го откупиле државното земјиште под објектот, но за преостанатиот дел водат маратонска приватизација.
„Барањето за приватизација на дворот го поднесовме во 2011 година. Решивме сами да го туркаме процесот, без адвокати, оти не ни се брзаше, не планиравме ниту да го продаваме ниту да градиме. Целата документација што ни ја побараа уредно ја доставивме. Чекајќи приватизација на дворот, почина мајка ми, таа се водеше како корисник на дворот, па доставивме и наследни решенија, но поместување немаше. Неколку години секој наш обид да стапиме во контакт со одговорно лице од Управата за имотно-правни работи беше без успех, како да немаме предмет таму. На телефоните никој не се јавуваше, а кога одевме лично, или беа на терен или беа презафатени, па немаше кој да нè прими. Кога, конечно, нè удостои еден од службениците, кој всушност и го сработи проектот, бевме стигнати до моментот да ни направат пресметка за тоа колку треба да платиме за да заврши постапката, тој беше распределен во друга подрачна единица и процесот пак застана“, вели скопјанецот Т.П., кој заедно со братот ја наследил мачната постапка за приватизација што ја почнала мајка им.

Преку имејл Упрвата го известила семејството дека приватизацијата доцни оти е сменет службеникот, а новата службеничка не доаѓа на работа оти е бремена и нема кој да ја замени
По преместувањето на службеникот, кој речиси го сработил предметот, од Управата добиваат само изговори за одлагањето, но за разлика од претходниот период, за овој имаат пишана комуникација оти службениците се охрабриле да одговорат на нивните имејлови. Па, така, семејството било известено дека не е решен нивниот предмет оти бил прераспределен службеникот што го работел, потоа службеничката што го наследила била бремена, па не доаѓала на работа поради Ковид-19 оти такви беа правилата, а последното оправдување, откога заврши корона-кризата, е дека системот не работи.

Според последната преписка со Упрвата, се доцни и поради хакерски напад од кој не им работеле и компјутерите
„Нашиот последен контакт е од јуни годинава. Службеничката ни одговори на имејлот што ѝ го пративме еден месец претходно. Во него објасни дека системот им бил хакиран и компјутерите се расипани еден месец, но дека ќе се постапи по предметот и дека ќе бидеме известени за следниот чекор“, вели скопјанецот, кој чека приватизација на дворот.
Од Управата за имотно-правни работи за „Макфакс“ велат дека сега веќе постапуваат по предметот.

Без проблем го откупиле државното земјиште под куќата, но за преостанатиот дел водат маратонска приватизација
„Во моментот се прибираат докази по службена должност по електронски пат во согласност со Законот за приватизацијата и закупот на градежно земјиште во државна сопственост, а побаран е и извод од план од страна на Општина Центар, кој сè уште не е доставен. По комплетирање на предметот со потребните докази, органот ќе продолжи со постапката во согласност со член 28-б од Законот за приватизацијата и закупот на градежно земјиште во државна сопственост, односно ќе изврши увид на самото место за утврдување на фактичката состојба од страна на стручно лице – геометар, која се констатира во записник, по што ќе следува донесување конкретен управен акт, кој треба да биде изготвен најдоцна 30 дена по денот на изготвување на записникот“, велат од Управата за имотно-правни работи за „Макфакс“ и објаснуваат дека приватизацијата се развлекла оти државниот правобранител поднел жалба против нивното решение, се воделе постапки на второстепена комисија и предметот бил вратен пак на одлучување кај нив, а се водела и оставинска постапка.
Дворот на семејството, кое сè уште чека приватизација, заедно со куќата, е дел од парцела со вкупна површина од 710 квадратни метри, која ја делат на половина со други сопственици. Додека тие чекаат долги и сложени процедури за приватизација, делениците не само што одамна успеале да ја завршат приватизацијата туку веќе ја прошириле и надградиле куќата.
И не само првите соседи, туку сите во околината ја завршиле приватизацијата оти речиси целиот дел се водеше како државно земјиште на кое има корисници. Семејството стравува, како во многу случаи досега, дека може некој друг, за да си дооформи парцела, да го откупи нивниот двор, па не ја исклучуваат можноста постапката за приватизација на дворот да се одолжува во нечија корист.
Од Општина Центар потврдуваат дека има многу случаи на заглавени приватизации за кои граѓаните бараат помош и од Општината. Тие немаат надлежности за постапките што ги води Управата, но сепак велат дека може да им излезат во пресрет на граѓаните.
„Единствено што можеме да кажеме е да дојдат во бараките на Општина Центар во примени денови, вторник или четврток, од 9 до 11 часот, да им ја објасниме електронската постапка за откуп на градежно земјиште сопственост на Република Северна Македонија и доколку тоа повеќе им оди во прилог, да ја почнат постапката во Општина Центар“, велат од Општината за „Макфакс“.
Кај нив не се врши откуп на дворови или државно земјиште под згради, но вршат откуп со непосредна спогодба за оформување градежна парцела предвидена со урбанистички план или урбанистичка планска документација ако лицето има во сопственост повеќе од 30 % од градежната парцела.
Со овој текст, „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.

