Македонија
(Видео) Две опомени, па бркање од домот за студентите што ќе фрлаат ѓубре во „Пелагонија“
Две опомени, глоба и третиот пат ќе следува исклучување за студентите што ќе бидат фатени како фрлаат ѓубре од прозорците во дворот на домот „Пелагонија“. Директорот Бурим Муртезани вели дека не се точни информациите дека студентите се вклучиле во акцијата. Тој вели дека екипите на „Комуналана хигиена“ заедно со вработените од домот ги исчистиле депониите од паркот зад женската зграда на домот. Тој вели дека и досега опоменувале студнети што несовесно се однесувале, но им прогледувале низ прсти затоа што доаѓаат од социјално загрозени семејства и немаат каде да престојуваат за време на студиите. Од денеска ќе се применуваат новите казнени мерки, категоричен беше Муртезани.
„Планираме да поставиме видеонадзор со неколку камери што ќе снимаат од сите страни на студенскиот дом. Оваа мерка моравме да ја преземеме бидејќи неколкупати се соочуваме со купишта смет под прозорците на студентските соби. За оние што ќе бидат затечени како фрлаат отпад, првично ќе бидат опоменати, а доколку не се подобри нивното однесување, ќе бидат испишани од домот“, вели Муртезани.
Механизацијата на „Комунална хигиена“ и денеска беше на терен. Велат дека од дворот ќе бидат изнесени кабастиот отпад и шутот што се собирал со месеци.
„Дворот е исчистен, но ние ќе останеме на терен сè додека не се исчисти целиот шут. Има стар инвентар од реновирањето на домот. Затоа, ние апелираме граѓаните и институциите да нè известат и навреме да го собереме“, рече Абдусамет Шабани, директор на ЈП „Комунална хигиена“.
Во акцијата се вклучи и Град Скопје иако, како што рече градоначалникот Шилегов, чистењето на студентските домови не било во нивна надлежност.
„Град Скопје има надлежност за чистење само 10 отсто јавни површини, преостанатото е обврска на општините, јавните претпријатија , куќните совети. Сите општини треба да се грижат за јавната хигиена. Овие диви депонии ги создаваат луѓе и тие не никнуваат од земјата. Секој од нас треба да преземе одговорност за своите постапки“, рече Шилегов.
Како што информираа надлежните, по завршувањето на викендот, од дворот се собирале и до 20 вреќи ѓубре што го фрлале студентите од прозорците. Надлежните ветија дека градата слика нема да се повтори и дека ќе ги спроведат санкциите за несовесните.
Инаку, во студенскиот дом „Пелагонија“, престојуваат приближно 1.000 студенти од цела Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

