Македонија
(Видео) Демонстрантите фрлија јајца по Обвинителството и закажаа нов протест следната недела во исто време

Неколкумина од демонстрантите во првите редови се издвоија пред топата и фрлија јајца кон зградата на Обвинителството, на протестот поради кражбата на лекови на Клиниката за Онкологија.
Демонстрантите пред Обвинителството извикуваа „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, „Убијци“, а претходно со црвен спреј напишаа „Соучесници“.
Оставија и отпечатоци од црвени дланки, алудирајќи на „крвави раце“.
На транспарентите беа испишани пораки: „Колку вреди човечкиот живот“, „Убијци“, „Монструми“, „Убивате за профит“, „Сите ќе си лежите“.
Денешниот протест почна пред Владата, каде со црвена боја демонстрантите напишаа „Убијци“, а говореа и неколку лица кои од рак загубиле блиски од своето семејство, упатувајќи го гневот кон македонското здравство.
(Видео) Mајка се тресеше говорејќи за смртта на синот на протестот: „Хемотерапијата не беше успешна“
Демонстрант пред Влада: Секоја солза исплакана за мајка ми да им се претвори во години затвор, не се изборив за неа ќе се борам за вашите мајки
Иако во најавата на организаторите стоеше дека демонстрантите ќе протестираат пред Владата и Министерството за здравство, сепак собирот од владината зграда заврши пред Обвинителството.
Закажан е нов протест за следната недела, во исто време.
Народот излезе на улиците по објавата дека на пациентите на Клиниката за онкологија им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогинете заболувања завршувале на црниот пазар. Случајот е во рацете на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два случаи на мајмунски сипаници во Македонија: потврди Институтот за јавно здравје

Денес во ЈЗУ Институт за јавно здравје од Клиниката за кожни болести биле упатени двајца пациенти суспектни за Monkeypox – Мајмунски сипаници и како што е соопштено од таму, било упатно назначено кај истите да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.
„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници. Бидејки за прв пат во нашата држава се лабораториски потврдени Monkeypox – Мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се превземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др.
Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информира пациентите за добиените резултати.
Потоа следи епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје.
Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек“, се нагласува во официјалното соопштение.
Ќе биде препорачано, на позитивните пациенти, велат од таму, да се јават на Инфективна клиника.
Нагласуваат дека Институтот за јавно здравје ќе продолжи да ја следи состојбата.
„Во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се превземаат сите потребни мерки. Вечерва се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на
последиците од ваквата појава и се превземаат сите превентивни мерки. Во текот на утрешниот ден ќе следат подетални информации за јавноста“, се потенцира во соопштението.
Македонија
Славески како гувернер ќе следи партиски директиви, а не реална монетарна политика, вели Филипче

Трајко Славески, како гувернер на Народната банка, нема да биде независен и нема да води вистинска и балансирана монетарна политика.
Ова е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за одлуката на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, Славески да го предложи за гувернер.
Со ваквиот предлог, според Филипче, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека при одлучувањето и водењето на државата нема интерес да им служи на граѓаните, туку на сопствените теснопартиски интереси.
„Со предлогот Трајко Славески да биде гувернер на Народната банка, и последната институција која ја водеше експерт ќе биде партизирана“, вели Филипче.
Според него, ваквиот избор ќе ја доведе во ризик целата макроекономска политика, бидејќи, како што истакна, Славески нема да води монетарна политика каква што ѝ е потребна на државата, туку ќе ги следи партиските директиви.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, попладнево е со членовите и граѓаните на Желино, Брвеница и Гостивар.
Македонија
Перински: Министерството за локална самоуправа активно се вклучува со конкретни активности за решавање на проблемот со аерозагадувањето

„Чиста животна средина и спречување на аерозагадувањето се обврска на секој поединец, но и на секоја институција. Иако Министерството за локална самоуправа нема директни ингеренции во областа на аерозагадувањето, сепак активно се вклучува со конкретни активности таму каде што има можност. Заштитата на животната средина и природата, како и преземањето на мерки за спречувањето на загадувањето на воздухот се утврдени како надлежности на општините согласно Законот за локална самоуправа. Ова значи дека борбата за чист воздух е заедничка обврска и одговорност на сите нивоа на власт“, изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната надзорна расправа во Собранието на тема „Ефектите од аерозагадувањето во Скопје и во другите градови врз здравјето на луѓето и мерките што се преземаат за заштита на јавното здравје“.
Перински се осврна на Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година кој предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето.
„Во таа насока Акцискиот план за спроведување на програмата за одржлив локален развој и децентрализација за периодот 2024-2026 година предвидува конкретни мерки за справување со аерозагадувањето, препознавајќи ја сериозноста и влијанието на квалитетот на животот“, подвлече Перински.
„Предвидените мерки опфаќаат подобрување на сообраќајните услови за превозни средства кои не предизвикуваат аерозагадување, зајакната соработка меѓу државата и општините, институционални активности, како унапреден мониторинг, засилен инспекциски надзор и подготовка на локални планови за квалитетен воздух. Спроведувањето на овие мерки бара координиран ангажман од повеќе институции, со што темата добива заслужен приоритет во националните развојни политики“, посочи тој.
Перински истакна дека Министерство за локална самоуправа посредно учествува и во финансирање на активности во областа на животната средина. Тој нагласи дека е потребно да се предлагаат мерки и решенија коишто ќе го подигнат или превенираат проблемот со аерозагадувањето.