Македонија
(Видео) Дивоградбата на Матка во пракса потврдува – функционерите на ДУИ не го штитат интересот на државата
Институционалниот молк за дивоградбите во заштитеното подрачје на Матка во пракса ги потврдува сомневањата дека функционерите на ДУИ не работат за интересите на државата, туку ги штитат интересите на локални моќници. Директорот на Државниот градежен инспекторат, Локман Љимани, цела недела не одговара на официјалните дописи за увид на дивопоставената платформа на Матка од Министерството за транспорт и врски. Исто толку време директорот не одговара ниту на прашањата од медиумите.
Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, поранешен министер за правда, исто како и директорот на Државниот градежен инспекторат, иако е најповикан да објасни за состојбата со дивоградбите на Матка, воопшто не даде објаснување зошто не постапил по Законот за градбата кога се во прашање новите платформи поставени во заштитеното подрачје на кањонот Матка. Неговите служби и денес не одговорија на прашањата од „Макфакс“ за новата платформа поставена во првиот залив по браната на Матка.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, неколкупати јавно ја повика градежната инспекција на Општина Сарај да почне да ја врши работата за која е платена, а извести и дека испратиле известување за случајот со дивоградбата и непостапувањето на општинската градежна инспекција во Инспекцискиот совет.
Претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, за „Макфакс“ изјави дека Инспекцискиот совет нема ингеренции за локалната градежна инспекција во Сарај, која одговара исклучиво пред локалната власт, но по информацијата од Град Скопје, го разгледале случајот.
„Инспекцискиот совет во целост го следи случајот со платформата на езерото Матка. Веднаш по добивањето на известувањето од Град Скопје, организиравме координативен состанок на 22.2.2019 година, на кој присуствуваа претставници од Град Скопје, Општина Сарај, Управата за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Управата за заштита на културното наследство. На состанокот беше разгледана реалната состојба и беше заклучено Општина Сарај да ги запре градежните активности на терен до добивање на целата потребна документација и произнесување на сите релевантни институции во согласност со Законот за заштита на природата и Законот за заштита на културното наследство“, изјави претседателката Филиповска-Грашкоска за „Макфакс“.

Инспекцискиот совет на 22.2.2019 година имал координативен состанок за дивоградбата на Матка на кој било заклучено Општина Сарај да ги запре градежните активности на терен
Директорот на Државниот градежен инспекторат, Локман Љимани, не е достапен за медиумите. Од неговиот кабинет попладнево за „Макфакс“ испратија кус одговор на прашањата за дивоградбата во кој објаснуваат дека не се надлежни бидејќи не е градба од прва категорија.
„Инспекторатот, согласно одредбите од Законот за градење, се изјасни како ненадлежен за постапување, бидејќи урбаната опрема и монтажно-демонтажните објекти не претставуваат градба од прва категорија согласно Законот за градење. Инспекторатот нема право да излегува и да врши инспекциски надзор за објекти кои се од локално значење. Во однос на барањето кое Министерството за транспорт и врски го има доставено до инспекторатот, известено е Министерството за постапката која е предвидена со одредбите од Законот за градење, а се однесуваат на објекти од локално значење“, велат од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Додека трае административната преписка меѓу институциите, на Матка не запира градењето на платформата, излакирани штиците на платформата кои во понеделникот беа без лак
Од Министерството за транспорт и врски, кое побара од Инспекторатот да направи увид на дивоградбите и да подготви извештај врз основа на кој ќе се одлучува дали да се одземат ингеренциите од областа на урбанизмот од Општина Сарај, велат дека добиле никакво известување од директорот Љимани.
„Сè уште немаме никаков одговор на барањето што го испративме во понеделникот. Инспекторатот не е обврзан со рок во кој треба да го подготви извештајот, но во моментот немаме никаква повратна информација по барањето“, велат од Министерството за транспорт и врски за „Макфакс“.
Додека трае административната преписка меѓу институциите, на Матка не запира градењето на платформата. Вчера, сопственикот ги излакира штиците на платформата, па целиот залив и денес мириса на лак. Остатоци од штиците и алати сè уште стојат околу платформата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со е бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

