Македонија
(Видео) ДИК не може да ја контролира кампањата на „Фејсбук“
Со мали забелешки кампањата е добра, вака првиот човек на ДИК, Оливер Деркоски, ги оцени изборните активности на кандидатите во првата недела од изборната кампања. Деркоски рече дека биле нотирани активности пред официјалниот почеток на кампањата, што беше забелешка и во прелиминарниот извештај на ОБСЕ и дека во овој дел ќе се иницираат законски измени во иднина.
„Ние не можеме да реагираме сè додека не се потврдат кандидатурите на кандидатите за претседатели. Тие формално-правно не беа кандидати во тој период. Веројатно, забелешката на ОБСЕ ќе биде измени на Изборниот законик за попрецизно дефинирање на кампањата“, рече Деркоски.
Во однос на забелешките на ОБСЕ за дискриминација на социјалните мрежи, Деркоски смета дека тоа е поле што тешко може некој да го контролира и дека од ДИК постојано апелирале кандидатите и партиите да се воздржуваат.
„Првите седум дена, еве денеска е осми ден од кампањата, со мали забелешки, сè е OK и во однос на претходното искуство, мислам дека врви добро“, изјави Деркоски.
ДИК денеска треба да го утврди и изгледот на гласачкото ливче. Според информациите од Комисијата, како и на претходните претседателски избори, на гласачкото ливче ќе стојат државното знаме, редниот број и името на претседателскиот кандидат заедно со симболот на партијата што го поддржува. На прашањето зошто кандидатите ќе имаат и партиско лого во случај кога тројцата се предлог на група избирачи, првиот човек на ДИК, Деркоски, објаснува дека сите кандидати доставиле согласност за користење партиски логоа, и тоа Стево Пендаровски на СДСМ, Горсна Силјановска-Давкова на ВМРО-ДПМНЕ, Блерим Река има едно посебно свое лого и две од партиите што го поддржуваат – Беса и Алијансата за Албанците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

