Македонија
(Видео) Димитриеска-Кочоска: Со Платформата 1198 се обврзуваме на економска трансформација на Македонија
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на раст на БДП од 5 %. Тоа ќе се спроведе преку задржување на ниски даноци и даночни поволности за фирмите и граѓаните, преку поддршка на земјоделството, извозот, малите микро и средните претпријатија, производствените капацитети, но и стартап компаниите. Ќе донесеме 10 годишна стратегија за привлекување на странски директни инвестиции, истакна денеска Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Нашиот модел на раст, како што рече, базира на поттик на домашните инвестиции на приватниот сектор и на силни јавни инвестиции во продуктивни цели, во транспортна и енергетска инфраструктура, во образование, здравство и подобра животна околина.
„Планираме 3 милијарди евра за капитални инвестиции во еден мандат, од кои 250 милиони евра годишно само за регионален развој за општините.
Кои се тие проблеми за кои идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има решенија содржани во програмата:
1. Недостаток на квалификувана работна сила. Решение: со сите сили ќе настојуваме да го вратиме оптимизмот во државата со цел да ги задржиме работниците во земјата, а за подобрување на квалитетот на нивните знаења и вештини преку мерките на пазар на труд и реформи во образованието, дуално и СТЕМ образование и финасиска писменост, ќе ја подигнеме продуктивноста на трудот.
2. Невладеење на правото и неефикасниот судски систем. Решение: ќе спроведеме вистинска длабока реформа во судството, а институциите ќе работат исклучиво според законите во интерес на граѓаните и бизнисот;
3. Корупцијата. Решение: имаме силна политичка волја за силен фронт против корупцијата. Стоп засекогаш;
4. Правната несигурност и честото менување на законите. Решение: ќе одржуваме предвидливо даночно и регулаторно опкружување, со ниски даночни стапки и намалување на парафискалните давачки за компаниите;
5. Бирократијата и спората акција од страна на јавната администрација. Решение: регулаторна гилотина и смарт Македонија т.е. дигитализиран јавен сектор/јавни услуги и професионализација на јавната администрација;
6. Сивата економија. Решение: силна и посветена борба преку даночна, трудова политика, Царина, УЈП и подигање на колективната свест;
7. Енергетската несигурност и растот на трошоците за енергија. Решение: енергетска сигурност преку зголемување на домашното производство;
8. Проблеми во инфраструктурата. Решение: значајни капитални инвестиции за подобрување на транспортната инфраструктура.
Политиките за развој ќе допринесат и за ниска стапка на инфлација не повеќе од 2,0% – 2,5% годишно. Не може Македонија да има 50% повисока инфлација од еврозоната. Потребни се одлучни политики, а ние знаеме како да ги направиме“, рече таа.
Според неа, работењето со јавните финансии и финансиската дисциплина се клучни за економски раст, но и за влевање на сигурност кај инвеститорите, како странските, така и домашните. Оттука се обврзуваме на намалување на буџетски дефицит на ниво под 3,0% од БДП. Управувањето со буџетот ќе биде домаќинско и одговорно.
„Сите овие предлог мерки, кои се само сублимат на над 1.000 мерки ќе влијаат и ќе овозможат намалување на невработеноста до 7,5%. Имено планираме генерирање на нови 55 илјади работни места. Следува економска трансформација на Македонија. Време е за раст, развој и просперитет. Да го намалиме иселувањето, што помалку млади да размислуваат да ја напуштат државата, туку да ја гледаат иднината тука. Време е да ја вратиме државата на народот“, вели Димитриеска-Кочоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нови 27 случаи на голема кашлица, најмногу во Скопје
Нови 27 случаи на голема кашлица се евидентирани од 19 до 25 април, покажува најновиот извештај на Институтот за јавно здравје.
Според извештајот, најголем дел од случаите се пријавени во рамките на епидемијата во Скопје – 20, а пријавени се заболени и во Битола – три, Куманово – две лица и по еден случај во Тетово и Демир Хисар.
„Возраста на заболените се движи од еден месец до 54 години, а најголем број случаи се од возрасната група од 10 до 14 години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 15 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 11 се комплетно вакцинирани и еден случај е вакциниран согласно возраст“, пишува во извештајот.
Заклучно со 25 април, во државава се регистрирани вкупно 516 случаи на голема кашлица, со инциденца од 28,1/100 000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Најголем број лица живеат во Скопје – 412 или 79,8 отсто, со зафаќање на седумнаесет различни општини. Во рамките на епидемијата во Куманово, пријавени се 29 заболени лица или 5,6 проценти, а случаи се пријавени и во други 16 градови низ државата.
254 лица се од машки, а 262 од женски пол.
„Епидемиската крива укажува дека појавувањето на нови случаи на голема кашлица започнува во првата недела од 2024 година. Согласно податоците од евиденцијата на пријавувањето – за седмодневен период од понеделник-недела, се забележува континуиран пораст на бројот случаи на неделно ниво, до 12-та недела. Од 12-та недела, со мали варијации, бројот на пријавени случаи се намалува“, се додава во извештајот на ИЈЗ.
Од заболените, хоспитализирани се 73 лица. Од нив, 59 на возраст до четири години. Најголем број од случаите – 51 или 69,9 проценти, се хоспитализирани во УК за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 67 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена, покажуваат податоците на Институтот.
Од 18 јануари до 25 април годинава, дадени се вкупно 42.857 дози вакцина што содржи компонента против голема кашлица.
Македонија
ЦУК: 1.764 повици на бројот за итни случаи 112 во последното деноноќие
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 764 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК во последното деноноќие, од коишто „реални“ повици биле 52,44%, а 47,56% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 62,93%, кон Итната медицинска помош 33,59%, а кон пожарникарите 2,32% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 842 повика за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (1,16%) и на тие што се именувани како „неитни повици“(47,56%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).
Во последното деноноќие немаше евидентирани пожари на отворен простор. Имало само урбани.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
СДСМ: 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ
27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвав потсетник на режимот на ДПМНЕ, велат од СДСМ.
„Вооружени насилници на 27 април 2017 година, поттикнати од ДПМНЕ, упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во парламентот, да го загрозат уставниот поредок, ја доведоа државата пред амбис, на раб на граѓанска војна. Сеќавањата на крвавите лица на пратениците, нападнати со шипки и столици, влечењето за коса, дивеењето на насилниците, кои кршеа и уништуваа се пред себе во храмот на демократијата, се свежи и по седум години. Насилниците поддршка имаа и од Христијан Мицкоски, кој тој ден беше пред македонското собрание. Наместо извинување и осуда, Мицкоски стои во одбрана на осудените насилници за крвавиот четврток“, пишуваат од партијата.
„Ништо не е сменето во ДПМНЕ. Тоа е истата партија која сака одново да гази врз слободата, врз демократијата, да се пресметува со неистомисленици, да шири омраза и поделба меѓу граѓаните. СДСМ, заедно со граѓаните нема да дозволи да се заборави 27 април, нема да дозволи никогаш да се повтори. Со глас за СДСМ и Коалицијата на 8 мај граѓаните гласаат за слобода, демократија и европски вредности“, се вели во соопштението на СДСМ.