Македонија
(Видео) Димитров: Заложбите на Сиљановска за поништување на Преспа се закана за македонската иднина
Заложбите на госпоѓа Сиљановска за поништување на Преспа се закана за македонската иднина, изјави Никола Димитров, носител на листата во изборна единица 1 од СДСМ.
„Слушнавме преку викендот дека г-ѓа Сиљановска ќе барала да се поништи Преспанскиот договор. Договор што го поддржаа речиси 610 000 македонски граѓани кои гласаа „За“ на Референдумот, којшто за да биде успешен не ни фалеа повеќе гласови „За“, туку ни фалеа гласови „Против“. Договор што го поддржаа 2/3 од народните пратеници во Собранието. Договор што не’ зачлени во НАТО и ни ги отвори вратите за членство во ЕУ. Би сакал да расчистам една работа: Името што го наследивме од нашите претци и што е константа во сите сложени имиња во историјата на македонската држава е името и именката Македонија. Прво, веднаш по Втората светска војна како Демократска Федерална Македонија, од 1946 год. Народна Република Македонија, подоцна од 1963 год. Социјалистичка Република Македонија, па Република Македонија во времето на независноста и сега Република Северна Македонија или Северна Македонија“, кажа Димитров.
Тој кажа дека константата во сите овие сложени имиња е името, именката Македонија. Нити сме ние Мадагаскар, кажа тој, нити сме Маурицус или Монголија, а уште помалку Скопје.
„Да потсетам уште еднаш на зборовите на медијаторот Нимиц: по Преспа никој не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци кои зборуваат македонски јазик. Што ова воопшто значи? Ќе барала да се поништи Преспанскиот договор?! Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да го поништиме договорот што е гарант на македонската иднина. Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да го симнеме НАТО знамето пред Собранието. Тоа значи дека г-ѓа Сиљановска се залага да заборавиме на Европската Унија. Да им кажеме „не фала, ние повеќе сакаме преплатени споменици и повеќе сакаме да ни се обраќате со Поранешна Југословенска Република Македонија“, рече Димитров.
Тој упати прашање до Сиљановска дали ако била пратеничка во сегашниот состав на Собранието, како ќе гласала на прашањето на собранискиот спикер: Дали сте за ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО?
„Разбирам дека г-ѓа Сиљановска често делува небаре се срами од партијата што ја кандидирала и чиј што носител е. И јас би се срамел. Но освен што не го познава статутот, очигледно не ја прочитала ниту програмата, каде ДПМНЕ сепак не се осмелува да отиде дотаму на црно бело да напише дека ќе го поништи Договорот којшто е гаранција за македонската иднина. И на крајот за да ги исклучиме сите недоумици, бидејќи понекогаш јавните настапи и’ се конфузни, јавно ја повикувам уште еднаш на македонската јавност да и’ каже дали се залага за понишутвање на Преспанскиот договор“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

