Македонија
(Видео) Димитров: Сите капацитети се во функција на заштита на граѓаните од коронавирусот
Сите капацитети на МНР и државата се во функција на заштита на граѓаните од коронавирус, изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во рамки на серијалот интервјуа на СДСМ кој ќе служи како изборна промоција, откако партиите од коалицијата решија да ги одложат сите теренски активности согласно препораките на здравствените власти за заштита од корона вирусот.
„Искуството и анализите од Кина и Италија, потврди ја дека само со одлучни мерки и намалено движење на луѓето се спречува ширење на вирусот. И следејќи ги експертските совети одлучивме да преземеме мерки. Најавено е затворање на аеродромот во Охрид, а ќе остане отворен во Скопје, околу угостителските објекти има мерки, околу шопинг моловите, по еден граничен премин со секоја држава е отворен, другите се затворени. Живееме во светска здравствена криза, имаме 150.000 лица заразени во светот. Грижата за себе е грижа за сите и мораме да бидеме одговорни затоа што се работи за здравјето“, изјави Димитров во интервјуто.
Тој посочи дека МНР презема низа активности да им помогне на македонските граѓаните кои се надвор од државата, а сакаат да се вратат дома.
„Има македонски граѓани кои се надвор. Во секој момент се менува состојбата. Стигаат информации дека држави ќе затворат секаков вид на сообраќај и ќе забранат влез во државите. Да се оди за туризам некаде надвор денес е несериозно и неодговорно, освен оние со неодложни обврски. Имаме координативно тело со броеви, со мејлови. Во конзуларните преставништва имаме лица за врски. Имаме наши граѓани во Малта чиј лет бил откажан, па сега во понеделник ќе патуваат со „Туркиш ерлајнс“. Но овие граѓани заминале таму пред неколку дена како туристи. Истовремено помагаме и на превозниците кои се надвор од дома, значи сите капацитети ги имаме на располагање“, изјави Димитров.
Во врска со неговата лична заштита од вирусот, Димитров одговори дека се однесува одговорно и кон себе, а со тоа и кон другите.
„Како и сите останати одговорни индивидуи, ги следам препораките, се прилагодувам на нив и целосно ги почитувам. Цело време мијам раце и ставам средства за дезинфекција. Поздравот со раце да го замениме со наклон, со насмевка… Ова е нова состојба, не само за нас, туку за целиот свет, но важно е да се однесуваме согласно препораките и мерките. Јас требаше да сум во Париз, потоа во Брисел, имав важни состаноци. Останав во Скопје и панелот беше дигитален. Не можам да дозволам сега да сум во изолација. Не одам надвор, се обидувам само тоа што е нужно. Ќе имаме дигитална посета на германски министер , ќе имаме Скајп средба, јас од тука, тој од таму. Не сме сами, глобална е заканата“, објасни Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

