Македонија
(Видео) Димовски: Поминаа два дена а премиерот уште не го осудил насилството на Дудуш
ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика премиерот Зоран Заев да побара оставка од градоначалникот на СДСМ во Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, за кого се појави снимка на која тој наводно малтретира, тепа и навредува граѓанин.
„Имаме работа со аздисана власт која се гуши во криминал, неправда и насилство. Станавме држава каде градоначалникот пулен на премиерот Заев, според објавените аудио снимки, тепа граѓанин, го навредува и го омаловажува. И ова не е изолиран случај, ова е последица на криминално насилничкиот систем на власта. Живееме во време на сериозна тортура“ рече Димитар Димовски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој обвини дека поминаа два дена, а премиерот Зоран Заев се уште го нема да се појави со осуда и барање на оставка за, како што вели, скандалозната аудио снимка која се појави во медиумите, а на која има сериозни индиции дека градоначалникот на СДСМ во Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, бесправно лишува од слобода, малтретира, тепа и навредува граѓанин.
„Молкот на премиерот потврдува дека токму Зоран Заев е поткрепата и силата на насилството и беззаконието кое што функционерите на СДСМ го манифестираат врз граѓаните. Градоначалникот пулен на Заев поради заштитата која што ја ужива од Зоран Заев се однесува шерифски и не почитува ниту закони, ниту право, а далеку е од морални и етички вредности.
Тој потсети дека на Дудуш не му е прв пат да се однесува насилнички и дека досега не е расчистен ниту еден случај поврзан со него.
„Дека Општина Шуто Оризари и власта Истиот тој Дудуш ја гледа како своја лична своина говори и фактот што вработил 10 свои блиски роднини, во бранот на непотистички вработувања кој што го направија функционерите на СДСМ, за што пренесоа сите медиуми. Ниту за ова не слушнавме осуда од Заев или реакција од институциите. Исто така Курто Дудуш беше дел од скандалот каде Општина Шуто Оризари доделила на крајно сомнителен начин три тендери во вредност од околу 230 илјади евра на новоформирана фирма која што не ги исполнила обврските, а за кои средства биле исплатени. Јавноста се уште не слушнала дали е разрешен овој скандал
На крајот, но не помалку важен е скандалот во кој повторно главен лик е самиот Курто Дудуш а во кој јавноста виде дека тој зборуваше дека членската книшка на СДСМ ќе биде новата лична карта со која граѓаните ќе се спасуваат доколку возат нерегистрирано возило, со која ќе може да одат на лекар, со која ќе се вработуваат во министерствата, со која ќе се спасуваат доколку ги гони полицијата и слично.
За сите овие случаи, но и за десетици други скандали кои јавноста ги видела од Курто Дудуш, Зоран Заев, ниту еднаш не излегол со осуда, а уште помалку побарал од него да си поднесе оставка“ истакна Димовски.
Толерираното беззаконие, вели Диумовски, веќе станува начин на функционирање, а главниот стимул на тоа, според него, е токму премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

