Македонија
(Видео) ДКСК да ја повлече скандалозната одлука за Христовски и да ја преиспита, бара СДСМ
„СДСМ бара повлекување на скандалозна одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговата диплома. Фактите што ги објавија медиумите и се достапни за целата јавност се загрижувачки и отвораат низа прашања за основите врз кои е донесена одлуката, дури и за можен конфликт на интерес во самата ДКСК“, рече Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Ова мора да биде целосно расчистено затоа што е удар не само врз угледот на ДКСК туку е дамка и за нејзината работа.
Анонимната претставка, во која беше оспорена факултетската диплома на Бојан Христовски, издадена од еден универзитет во Скопје, ДКСК ја отрфли повикувајќи се на анализа на Државниот просветен инспекторат.
Оваа диплома, која самиот Христовски ја пријавил, предизвика основани сомнежи поради експресното завршување на студиите за 1 година. Замислете, наместо за 4, успеал за една.
Вчера, една национална телевизија објави информација за конфликт на интерес во самата ДКСК. Членка на ДКСК, која беше задолжена за овој случај и ја реферира одлуката дека сè е во ред со дипломата на Христовски, истовремено е предавач на истиот универзитет од каде што е издадена спорната диплома.
Овие информации беа јавно достапни и на интеренет-страницата на универзитетот и на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Но, по објавата на прилозите во медиумите, Универзитетот за туризам и менаџмент ја избриша Цвета Ристовска од наставен кадар на интернет-страницата.
Оваа ситуација ја загрозува веродостојноста на одлуките на ДКСК и ги поткопува во целост.
Во етичкиот кодекс на Аатикорупциската комисија е наведено дека членот треба да се откаже од одлучување во предмети што се поврзани со судир на интереси. (член 9).
Едноставно, неприфатливо е вакви нерегуларности да бидат премолчени или оправдани.
СДСМ бара итно:
1. Повлекување и преиспитување на одлуката од страна на ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ;
2. Расчистување на прашањето за конфликт на интереси во редовите на ДКСК;
3. Преиспитување на анализата направена од Државниот просветен инспекторат.
Мора да се обезбеди транспарентност и одговорност во процесот, со цел граѓаните да добијат јасни одговори и да имаат доверба“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Агресивен карцином кај 10 годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.

