Македонија
(Видео) Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за постдипломски студии на Сити колеџ од Солун
Претседателот Стево Пендаровски ги додели стипендиите „Борис Трајковски“ за академската година 2019/2020 година за постдипломски студии за извршни позиции, ЕМБА, на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ од Солун, Грција. Стипендиите традиционално, 15 години наназад, ги добиваат 20-те најдобри кандидати, односно, како што рече Пендаровски, професионалци со завидно искуство.
„Стипендиите кои денес ги доделуваме имаат повеќе од образовно значење. Тие го носат името на покојниот претседател Борис Трајковски. Имав чест да бидам дел од неговиот тим и лично да се уверам во неговата големина пред сè како човек и да сведочам на неговите квалитети на вистински државник и политичар со визија. Затоа овие стипендии посебно ги обврзуваат нивните носители да ги почитуваат и актуелизираат вредностите кои тој ги промовираше и живееше. Благодарение на Борис Трајковски, во нашето општество се трасираше пат на соработка, пријателство, почитување, скромност и одговорност. Без разлика пред какви лични или колективни предизвици да се наоѓаме, да не скршнеме од патот по кој достоинствено чекореше претседателот Трајковски“, истакна во своето обраќање претседателот Пендаровски.
Воведувањето на стипендиите, подвлече Пендаровски, своевремено било прв чекор во зацврстувањето на нашата соработка со Грција.
„Сега, кога по преспанскиот договор имаме изменета слика во нашите политички односи, очекувам ваквата соработка и воопшто соработката во образованието, културата, економијата да добиваат на интензитет“, заклучи претседателот Пендаровски.
Честитајќи им на добитниците, претседателот Пендаровски изрази уверување дека стипендистите ќе ја оправдаат довербата и дека ќе продолжат да се развиваат и професионално да напредуваат во својата матична земја. Надеж дека стипендистите, применувајќи ги новите знаења и вештини, ќе придонесат за развој на различни сфери во општеството, изрази и министерот за образование и наука, Арбер Адеми.
„Нам ни требаат кадри како вас. Млади, перспективни, со желба и интерес за континуирана надградба за личните капацитети, вештини и способности и најважно со волја својот интелект да го вложат во сопствената земја и да се заложат да и помогнат да продолжи да оди напред. Да помогнат да продолжиме да одиме по патот кој е веќе трасиран, а добар дел и веќе изоден затоа што сме цврсто сплотени речиси сите општествени чинители, но потребни се уште напори за достигнување на крајната цел. Говорам за членството во ЕУ и НАТО, каде токму со индивидуи како вас во што поголем број, ќе покажеме колку вредиме и колку можеме да придонесеме кон одржување на суштината на постоењето на овие глобални семејства“, рече меѓу другото министерот Адеми.
Посакувајќи им добредојде во Сити колеџот, директорот Јоанис Верверидис истакна дека стипендистите се професионалци со одлични биографии и натпросечен капацитет.
„Ова програма е дизајнирана исклучиво за менаџери и други професионалци и истата ќе биде реализирана од ценети меѓународни професори и експерти. Целта на програмата е да ги подобри вашите лидерски и вештините за управување и да стекнете знаење и познавања за тековните состојби во полето на бизнисот. Преку програмата ќе имате можност да ја комбинирате теоријата со практиката и можноста да учите, да се сретнете и да се поврзувате со своите врсници од 25 други земји“, истакна од своја страна Јоанис Верверидис, директор на Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ од Солун, Грција.
Доделувањето на стипендиите е резултат на соработката помеѓу кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Министерството за образование и наука и Сити колеџ од Солун. Досега стипендии имаат добиено повеќе од 200 граѓани и тие придонесуваат во општествено-економскиот напредок на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Ако СДСМ не ја краделе државата, минималната плата денес ќе беше и повисока
Предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра е доказ дека доколку не ја краделе државата додека биле на власт, работниците денес ќе имале и повисока минимална плата, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата наведуваат дека СДСМ денес поднеле предлог-закон со кој се предвидува минимална плата од 600 евра и дека во истиот навеле дека за таа мерка се потребни околу 7,5 милијарди денари, односно околу 110 милиони евра, но не објасниле од каде би се обезбедиле тие средства.
Според ВМРО-ДПМНЕ, добрата страна на предлог-законот е што, како што велат, покажува дека СДС имале можност во минатото да ја зголемат минималната плата и до 600 евра, но тоа не го направиле.
Во реакцијата се наведува и дека доколку не била дозволена злоупотреба на околу 170 милиони евра државни пари за набавка на, како што велат, канцероген мазут со кој бил загадуван воздухот, работниците денес можеле да имаат и повисока минимална плата, можеби и од 700 евра.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека СДСМ и ДУИ, според нив, наместо да работат во интерес на граѓаните, гледале како да ја ограбат државата и да си ги наполнат сопствените џебови.
Македонија
Променливо облачно со повремен дожд: снег на планините и заладување во недела
Утре времето ќе биде променливо облачно, со слаб повремен локален дожд, а на планините и на повисоките места со слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималните температури ќе се движат од 0 до 6 степени, а максималните од 7 до 11 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 5 степени, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Во наредните денови продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи се очекуваат во недела, кога дождот ќе преминува во снег и во дел од пониските места.
Македонија
Јаневска: Македонија доби 8,2 милиони евра од ЕУ за спроведување на ЕРАЗМУС програмата во 2026 година
За спроведување на ЕРАЗМУС + програмата на Европската комисија наменета за образование, обука, млади и спорт, Македонија годинава доби најголем буџет откако во истата учествува како програмска земја. Со речиси 8,2 милиони евра ќе се финансираат заеднички проекти на македонските образовни установи, институции и граѓански организации со партнери од земјите во ЕУ, како и кратки истражувачки и студиски посети.
Можностите за вмрежување, приоритетните области, постапката за изработка и роковите за аплицирање со проекти денес беа претставени на конференција на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во присуство на ректори на јавните и приватните високообразовни установи во државава, претставници на училишта, граѓански здруженија и други потенцијални корисници на средства во рамки на ЕРАЗМУС програмата, се обратија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.
На конференцијата беше посочено дека во фокусот на програмата се младите, односно јакнење на нивното знаење и вештини во границите на ЕУ, со кои потоа ќе придонесат за развој на сопствената држава.
Министерката Јаневска смета дека и оваа година ќе има ефикасна искористеност на можностите, затоа што државата има зајакната законска основа во која задолжителни компоненти се мобилноста, европската димензија и меѓународната соработка, зајакнати се и капацитетите на Националната агенција каде има ново раководство и добра внатрешна структура, а воедно и МОН како национален авторитет ги засилува механизмите за контрола на целиот процес за спроведување на програмата ЕРАЗМУС.
Таа ги повика заинтересираните кандидати да ги разгледаат можностите и со свои проекти да аплицираат на повиците за распределба на средства, што Националната агенција ќе ги објави на 19 февруари, односно на 5 март.
Македонија е дел од ЕРАЗМУС програмата уште од нејзиното воведување од страна на Европската комисија во 2014 година, кога буџетот изнесуваше 3,5 милиони евра.

