Македонија
(Видео) Едно тенџере за сарма и фотографија од Иванов успеале да спасат од „Македонија блокира“
Два леба, тенџере за сарма и фотографија од претседателот Ѓорге Иванов – толку успеале да спасат организаторите на „Македонија блокира“ кога утринава камион на комуналните служби ги собирал остатоците од кампот што до вчера беше поставен во паркот Жена борец. Граѓаните кои денеска ги затекнавме во паркот се жалат дека кампот бил отстранет без претходна најава. Тие тврдат дека во текот на ноќта имало луѓе кои биле исфрлени од шаторите од страна на полицијата.

„Две такви фотографии од нашите обраќања до претседателот ги најдовме во камиончето на ‘Паркови и зеленило’ со останатото ѓубре. Како што го најдовме моето тенџере од славата за Свети Никола, која је чествувавме тука, два леба и 2-3 кисели води кои беа за луѓе да ги консумираат тие во ѓубре…“, изјави Ана Бобинкова.
Од Град Скопје велат дека постапиле законски со отсранувањето на шаторите, а таква одлука следувала по редовните комунални инспекции.
„По редовните комунални активности на градот, во паркот Жена борец е затекнат лом, шут, предмети што не припаѓаат никому. Според Законот за комунален ред, ние имаме обврска парковите и зелените површини да ги држиме чисти и уредни. Со оглед на тоа што никој од нас не побарал дозвола да го користи паркот, а го користи веќе неколку месеци, вчера Град Скопје заедно со другите институции, меѓу кои главно е МВР, ги отстранивме не луѓето туку предметите што ги најдовме во паркоте. Луѓе таму немаше”, изјави Никола Наумовски од Град Скопје.

Од „Македонија блокира“, пак, се заканија дека ако не им ги вратат шаторите ќе поднесат пријави и тужби против надлежните, но и дека ќе се вратат на улиците со блокирање на најфреквентните крстосници во повеќе градови.
„Доколку не бидат вратени сите работи на своето место и доколку не бидеме обештетни, ќе блокираме најмалку 40 градови. Од сабота ќе почнеме со максимално вклучување на блокадите, досега бевме колегијални да не страдаат многу градот и граѓаните“, изјави Драган Угриновски.
Активистите кои велат дека се залагаат да го одбранат уставното име на државата и да го спречат имплементирањето на преспанскиот договор, изминатиот период зачестија со блокадите на крстосниците во Скопје. На ова бурно реагираа возачите и граѓаните со часови заглавени во сообраќајниот метеж, а најчестите реакции беа и поради малиот број демонстранти, што го отвори прашањето дали се исполнуваат законските норми за право на протест со помалку од 20 луѓе.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од корисниците на Гази Баба утре без вода
Дел од корисниците на Општина Гази Баба утре ќе останат без вода.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 25.02.2026 година ( среда ) имаат планирано неколку интервенции и тоа поради промена на вентил од 2.5“ на ул.Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности“, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи Скопје.

