Македонија
(Видео) Жителите на Аеродром бесни: Дојде животот, ама овие сакаат со згради да ни го одземат
Жители на Реонски центар Аеродром бараат државата итно да се откаже од изградба на зграда на последната слободна парцела меѓу нивните згради. За истата зграда во предизборниот период сегашниот градоначалник Златко Марин ветуваше дека нема да се изгради и дека просторот ќе се уреди во паркинг. И покрај ветувањето, пред две недели се појавила фирма што го оградила просторот со лимени тараби. Во градилиштето е заграден и тротоарот, па сега учениците се протнуваат покрај тарабите за да стигнат до училиштето во близина или кружат околу зградите.
„Единаесет години, условно кажано, водевме војна со претходниот градоначалник и општинскиот Совет, кои беa од ВМРО-ДПМНЕ, и 11 години не изградија ништо на парцелата иако во тој период изградија седум други згради. По 11 години, на заминување, старата власт ѝ дала маркичка за градење на некоја фирма да гради зграда со 35 стана, веројатно со цел да си гради ако остане на власт, ако не тие што ќе дојдат да имаат клин во тркала, да не можат ништо да направат. Наоколу сме 8 згради што имаат потпишано барања да не се гради зграда, туку да се изгради урбанизиран паркинг-плац бидејќи во околните згради има над 1.000 стана што гравитираат на оваа улица и нема каде да ги паркираат возилата“, вели Горјан Вревезовски, жител на Реонскиот центар.
Инвеститор на зградата не е приватна, туку државна фирма, Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а и земјиштето е државно. Овој факт уште повеќе ги иритира жителите од околните згради, кои се децидни во барањето да сопре изградбата и просторот да се пренамени.
„Пред една недела бевме во претпријатието за стопанисување со станбен и деловен простор и од таму кажуваат дека планот не може да се менува, меѓутоа наше тврдење е дека тој што го донел урбанистичкиот план, тој може и да го промени. Како е донесен, така во обратна постапка може и да се промени. Граѓаните најмногу ги боли што новиот градоначалник не дошол да види на самото место какви се потребите на граѓаните, да поразговара со нив и да види што е поисплатливо – да се гради паркинг-плац со 60-70 паркинг-места или да се гради зграда што целосно ќе го затвори просторот, кој сега ќе биде полош и од Капиштец, кој како населба сите го критикуваа. Во предизборието беше ветено дека ќе се направи тоа што граѓаните ќе го бараат“, вели Вревезовски.

Тој предупредува дека состојбата со паркирањето и сега е алармантна. Се паркира и на средина на улицата иако просторот треба да остане празен за итни случаи. Веќе имале еден пожар во кој противпожарното возило не можело да се пробие од паркираните возила. Жителите се бесни од незаинтересираноста на Општината и на јавното претпријатие за нивните барања и веќе губат верба дека нешто ќе се смени.
„Какво ќе биде решението на крајот – не знаеме, меѓутоа ако е ова мотото на СДСМ дека доаѓа живот за сите, тогаш да се спремиме сите, да повикаме товарни вагони за стока и да се иселиме од оваа држава. Ова не е барање на еден-двајца, туку е барање на седум-осум згради, тоа се над 1.500 стана“.
И градоначалникот Златко Марин и директорот на јавното претпријатие, Кристијан Трајковски, најавија дека ќе го кажат ставот за новата зграда, но в понеделник. И едниот и другиот вчера беа презафатени да одговорат на прашањата за зградата, а денес исто така двајцата се на службен пат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утрово најстудено во Берово и Крива Паланка
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -5 било во Крива Паланка, -4 во Скопје – Петровец и Демир Капија, -3 во Гевгелија, Прилеп и Тетово, -2 во Охрид, Виница и Крушево.
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Во текот на ноќта почнувајќи од западните делови ќе има врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, особено на планините каде што ќе се зголеми снежната покривка.
Максималната температура ќе биде во интервал од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
„Мицкоски со авионот се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!“, прашува СДСМ
„Мицкоски вчера јавно изјави дека кога лета со владиниот авион, наводно се плаши за својот живот и дека „се моли на Бога да останат живи“ кога лета. Ако тоа е вистина, тогаш се поставува суштинско прашање: Како можел тогаш во таков авион да го стави своето семејство и да ги ризикува нивните животи заради приватен одмор?“, прашува СДСМ
„Освен што злоупотребил државни ресурси за приватни потреби, го ставил ли и семејството во ризик?
Ако навистина смета дека авионот е ризичен, тогаш постојат редовни комерцијални линии со економска класа. Не бизнис класа со карти од 4.000 евра, може да патува со економска класа, затоа што нашата економија не е за бизнис класа.
Наместо утре граѓаните да му бидат криви, бидејќи тие го плаќаат овој авион. Прво Мицкоски нѐ расплака со тажната приказна, сега нѐ загрижи. Се плаши за својот живот, а не за животите на своето семејство?!
Ако толку неодговорно се однесува кон сопственото семејство, како ли се однесува кога е во прашање државата?“, се додава во соопштението на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Велес е нормализиран во двете ленти
Сообраќајот на патниот правец А1 Скопје – Велес е нормализиран во две коловозни ленти, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

