Македонија
(Видео) Жугиќ: Шилегов да каже дали зад уривањето на Универзална се крие план за изградба на згради

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, треба да ѝ одговори на јавноста дали зад рушењето на Универзална сала се кријат и некои бизнис-интереси, изјави Јелена Жугиќ, советник во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имено, локацијата на салата е во истата градска четврт во која се наоѓа и кругот на поранешната фабрика Треска, каде со измена на градежниот урбанистички план се планира да се изградат 50 нови згради. За да може станбениот комплекс да се реализира ќе треба да биде застапен и соодветен процент на зеленило, па можеби ете процентот ќе биде исполнет со паркот на местото на концертната сала? Дали Универзална сала станува жртва на бизнис-интересите на градската и извршната власт“, праша Жугиќ.
Господине Градоначалник, додаде таа, скопјани не се согласуваат и апелираат да ја повлечете одлуката за уривањето на Универзална сала.
„Наместо уривање, Скопје и скопјани заслужуваат грижа и работа, проекти и капитални инвестиции преку кои Градот Убав ќе се развива како европска метропола“, кажа Жугиќ.
Шилегов, пак, претходно, соопшти дека досега никој нема донесено каква било одлука за Универзална сала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фетаи со делегацијата на Европската служба за надворешни работи: Владата е посветена на враќањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата

Заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, денес оствари средба со делегацијата на Европската служба за надворешни работи, предводена од Зузана Михаљцова Шутиакова, шефица на одделението за Западен Балкан.
На средбата, Фетаи нагласи дека Владата на Северна Македонија е посветена на враќањето на владеењето на правото во земјата, преземајќи конкретни чекори во борбата против корупцијата и нејзиното спречување.
Фетаи ја информираше европската делегација за чекорите што ги презел неговиот кабинет во оваа насока, вклучувајќи го усвојувањето на Годишниот план за работа, кој е главно насочен кон борбата против корупцијата, формирањето на Меѓуресорското тело за координација на борбата против корупцијата, како и усвојувањето на новата Стратегија за финансиски истраги и конфискација на незаконски стекнат имот.
Беше разговарано и за Реформската агенда на Владата, која продолжува со полн капацитет, во согласност со целите за усогласување со законодавството на ЕУ.
Македонија
За влез на Табановце се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила времето на чекање за влез во државата е околу 20-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски ја пречека Кос: Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата

Срдечно добредојде за еврокомесарката Марта Кос во Скопје, напиша на социјалните мрежи шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по средбата на скопскиот аеродром.
„Попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, имав чест да ја пречекам на скопскиот аеродром еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос.
Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката.
Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија“, појасни Муцунски.