Македонија
(Видео) Заврши кризната состојба во Дебар и Центар Жупа, 10 дена нема нов случај на коронавирус
Од денешен ден за Дебар и Центар Жупа на сила се само мерките кои важат за територијата на целата држава, соопшти директорот на Центарот за управување и кризи, Агрон Буџаку.
Викендов заврши кризната состојба на териториите на општините Дебар и Центар Жупа. На денешната седница Владата одлучи да се укинат сите дополнителни мерки предвидени за територијата на споменатите две општини кои беа на сила од 13 март, кога беше прогласена кризната состојба, прогласена за времетраење од 30 дена.
„Од епидемиолошки аспект, воведувањето на кризната состојба придонесе во последните 10 дена да немаме нови случаи на заразени лица со коронавирус. Досегашниот биланс, се надеваме конечен, е следен: од 49 потврдени пациенти со Ковид-19 – 16 се излечени, 4 починати, за 8 се чекаат резултатите од второто тестирање, 29 пациенти се на домашно лекување“, информира Буџаку.
Тој кажа дека најголема честитка заслужуваат граѓаните на Дебар и Центар Жупа кои максимално се придржувале до сите мерки донесени од страна на институциите на системот.
„Нивното трпение и високата граѓанска свест придонесоа да имаме релативно и компаративно мал број заразени и починати. Најтешкото го поминавме во Дебар и Жупа, да се надеваме и работиме да што поскоро го поминеме во целата држава, преку дисциплина и висока граѓанска свест“, рече Буџаку.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Вашингтон, Гаши порача: Отворен дијалог со САД е суштински за демократскиот развој на регионот
Во рамките на посетата во Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши учествуваше на панел-дискусија посветена на регионалната економска интеграција во Југоисточна Европа, организирана од Атлантскиот совет.
На дискусијата беше потенцирана зрелоста и улогата на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, значењето на инфраструктурните проекти, како и потребата од продлабочена регионална интеграција и соработка меѓу земјите од Западен Балкан, како предуслов за одржлив развој и напредок кон Европската Унија.
Благодарност до Атлантскиот совет за организацијата на оваа значајна платформа за дијалог – упати претседателот Гаши.
Исто така, претседателот Гаши оствари средба со Макс Приморац, виш истражувачки соработник во Центарот за слобода „Маргарет Тачер“ при Фондацијата „Херитиџ“.
Каде беше остварена плодна и содржајна дискусија за улогата на силните институции, вредностите на слободата и значењето на трансатлантското партнерство за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Отворениот и конструктивен дијалог со нашите американски партнери е од суштинско значење за унапредување на демократските вредности и јакнење на регионалната стабилност – истакна претседателот Гаши.
Македонија
Полицајци, наставничка и пожарникар земале пари од граѓани за да им средат побрзо да извадат лични документи
Двајца полицајци, наставничка и пожарникар се осомничени за примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание односно за пари овозможувале граѓаните побрзо да извадат пасош, лична карта и возачка дозвола.
Полицијата поднесе кривична пријава против М.С., на работно место полицаец во Одделението за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, во моментот на сторување на делото со наредба распореден во Одделението за управни работи Скопје, П.П., на работно место полицаец во Единицата за интервентна полиција во СВР Скопје, В.Р., вработена како наставник во средно училиште во Скопје и А.С., вработен како пожарникар во Град Скопје.
„Пријавените во период од февруари до април 2024 година, заеднички, по претходен договор воспоставиле шема, на начин што организирале и спроведувале постапки за издавање на лични документи (лична карта, пасош и возачка дозвола), а со цел стекнување противправна имотна корист, така што трето и четврто пријавените наоѓале заинтересирани граѓани кои имале потреба од изготвување на лични документи, кои им ги доставувале нивните лични податоци во форма на фотографии на трето и четврто пријавените, а овие фотографиите ги испраќале на второпријавениот П.П.“, соопшти МВР.
Второпријавениот посредувал и интервенирал заинтересираните граѓани да ја започнат процедурата за издавање на лични документи, на начин што го поттикнувал првопријавениот М.С., кој како службено лице вршел дејствија на фотографирање и прием на барања, како негови редовни работни обврски.
„Наведените дејствија биле вршени врз претходен договор за одреден паричен надомест со точно утврдена цена, време и начин на извршување со јасно распределени улоги, создавајќи паралелен неформален начин на постапување со кој за паричен надомест овозможувале побрзо остварување на правото за јавна услуга, со намера да се стекнат со противправна имотна корист, нарушувајќи го принципот на еднаков пристап на граѓаните до јавните услуги“, соопштиа МВР.
Македонија
(Видео) Петрушевски: СДСМ со двојни аршини – против возење без дозвола, а гласаа против „Безбеден град“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на прес-конференција изјави дека СДСМ и Венко Филипче применуваат двојни аршини во однос на прашањето за безбедноста во сообраќајот.
„Од една страна велат дека секој оној кој сака да вози без возачка дозвола треба да е санкциониран, а од друга страна гласаа против системот ‘Безбеден град’“, рече Петрушевски.
Петрушевски потсети дека СДСМ и Филипче гласале против проектот „Безбеден град“ во Собранието, додавајќи дека координаторот на нивната пратеничка група, Оливер Спасовски, кој е поранешен министер за внатрешни работи, не направил ништо поврзано со ова прашање за да ја зголеми безбедноста на граѓаните во сообраќајот.
Според него, во време на претходната власт не бил имплементиран ниту еден системски проект што ќе обезбеди дигитална контрола над сообраќајот, транспарентно санкционирање и реално намалување на сообраќајните прекршоци. Додаде дека проектот „Безбеден град“ не е партиска агенда, туку решение за заштита на животите на граѓаните.

