Македонија
(Видео) Заврши првата фаза на пописот, продолжува самопопишувањето на дијаспората
Со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва, припадниците на АРМ во странство, затворениците и бездомниците се заокружи првата фаза од пописот.
Процесот на самопопишување на дијаспората продолжува и понатаму преку веб-апликацијата. До денеска попишани се над 82 илјади сограѓани од странство, од кои најмногу од Швајцарија – 26.000, Германија – 19.000 и Италија со над 10.000. Самопопишувањето ќе трае до 21 април.
Портпаролот на Владата, Душко Арсовски. на прес-конференција истакна дека се завршени обуките на државните инструктори, кои од денеска се веќе на терен, а почна и дистрибуцијата на лаптопи и заштитна опрема за попишувачите.
Тој информира дека е во тек нов повик за реонски попишувачи, на кој може да се пријават сите невработени полнолетни лица со завршено најмалку средно образование. Со овој повик се затвора и листата на сите потребни попишувачи за непречено спроведување на претстојниот попис.
Како што оцени портпаролот на Министерството за правда, Александар Видиновски, првата фаза завршила успешно.
„Во делот на 11-те затвори и едниот дом за малолетници, кои се попишани, запазувањето на утврдениот здравствен протокол овозможи да нема зголемување на бројот на позитивни случаи како резултат на процесот на попишување. Ова е потврда дека доколку се почитуваат протоколите, и пописот ќе се одвива непречено“, рече Видиновски.
Портпаролот Муамет Хоџа рече дека се надминати сите технички проблеми што се јавиле првите неколку денови и самопопишувањето се одвива со зголемена динамика и без посериозни потешкотии.
Одговарајќи на прашања од новинари, Јасмина Ѓоргиева од Државниот завод за статистика уште еднаш ја потврди важноста од спроведување успешен попис и се осврна на посветеноста на ДЗС за негово непречено спроведување. Во однос на обидите за злоупотреба на податоците, таа истакна дека Законот за пописот и усвоената методологија се многу јасни. Се знае кој и како може да се попише, а јасни се и санкциите за секој што ќе се обиде да ги злоупотреби.
„Апликациите се направени така што може да ги детектираат сите обиди за злоупотреба и да ги следат лицата што тоа го направиле“, рече Ѓоргиева.
Во однос на здравствениот протокол и попишувањето лица што ќе бидат во изолација, Ѓоргиева информира за соработката со Министерство за здравство и „Мој термин“, од каде што редовно ќе добиваат информации за сите граѓани што се во изолација со цел да се планира нивното попишување.
„Граѓаните треба да бидат сигурни дека е направено сѐ што е потребно за заштита на населението. Имаме прецизни протоколи скроени за безбедно спроведување, подготвени сме за секој детаљ, за секоја ситуација, сите постапки течат непречено. Пописот се спроведува и ќе се спроведе целосно безбедно според сите стандарди, без застој, токму за да нема потреба од одложувања“, заклучи Арсовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

