Македонија
(Видео) Заев во посета на археолошкиот локалитет Стоби: Должност ни е да го чуваме непроценливото археолошко богатство
Претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министерот за култура Хусни Исмаили и директорката на Управата за културно наследство Елеонора Петрова, денеска, го посетија археолошкиот локалитет Стоби, каде што неодамна беше откриена ретка мермерна скулптура на Дионис, богот на виното, на плодноста и заштитник на театарот, претставен со пантер и винова лоза, која веројатно е изработена во 3 век.
Потенцирајќи дека и покрај сто години археолошки истражувања на локалитетот, Стоби сè уште не престанува да изненадува и воодушевува, премиерот Заев го истакна исклучителното најново откритие на скулптурата на Дионис, откриена од учесниците во школата за археологија, заедно со археолозите од земјата и вработените во Стоби.
„Стоби е крстосница на цивилизациите и на народите на овие простори, и наша должност е непроценливото археолошко богатство да го откриваме, да го чуваме и достојно да го негуваме и презентираме на светот. Затоа Стоби и денес е жив и отворен град. Новите Стобјани се истражувачите и конзерваторите инволвирани во сите проекти на Националната установа Стоби“, нагласи премиерот Заев, кој ја посочи важноста на археолошкото богатство, ретката мермерна скулптура на богот Дионис, откриена неодамна, мозаикот кој датира од 4 век, крстилницата и Старата епископска базилика.
„Во јули ќе започне и реализацијата на можеби најголемиот проект на Националната установа (НУ) „Стоби“, проектот за конзервација и реставрација на Театарот. Во овој грандиозен споменик на римскиот период, пред очите на 7.600 гледачи се одвивале театарски претстави и гладијаторски борби, подвлече премиерот Заев.
Министерот за култура Исмаили во своето обраќање оцени дека Стоби, кој минатата година е посетен од над 19.000, посетители, а оваа година се очекува двојно поголем број, е еден од најзначајните споменици и сведоци на римската и доцноантичката епоха, кои даваат значајни информации за самите градби.
„Интензивно се работи на истражувањата на комплексот околу Храмот на Изида, потоа на Старата епископска базилика каде годинава е откриен фрескоживопис со геометриска декорација, а се работи и на проектот за конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Театарот“, рече министерот Исмаили, кој додаде дека Министерството за култура и во иднина ќе поддржува проекти во НУ „Стоби“, како значајно културно богатство и сите нови откритија, кои се од особено значење, не само за афирмација и промоција на нашата држава Република Северна Македонија, туку и за развојот на туризмот.
Директорот на НУ „Стоби“ Спасе Перовски информираше за интензитетот и очекувањата од работата на локалитетот, во чија активности, покрај вработените во локалитетот учествувале и 17 студенти од САД, Канада, Австралија, Шведска и Ел Салвадор, во рамки на Интернационалната школа за археологија.
„Горди сме на Стоби, денес, поради континуитетот кој од научен аспект се остварува и продолжува. Низ работата веќе имаме сознанија дека Стоби живеел и во 7 век”, рече директорот Перовски, заблагодарувајќи се на Владата и Министерството за култура за поддршката на проектите за ревитализација на објектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јавниот обвинител Љупчо Коцевски поднесе оставка
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски денеска поднесе неотповиклива оставка од функцијата.
Тој предмалку ја соопшти одлуката на прес – конференција во Обвинителството. Коцевски кажа дека си заминува од функцијата гордо и со крената глава.
„Функцијата што ја вршев нешто помалку од две години ја извршував чесно и достоинствено, заминувам и со гордо крената глава, но и разочараност поради непочитување на принципите врз кои почива правната држава. Доказ за тоа е дека дури денес во 10 часот, на само еден час пред закажаниот почеток ми беше доставена покана од Собранието да присуствувам на седницата за која ќе се раправа за мое разрешување. Предлогот за мое разрешување не ми е доставен и немам на што да се произнесам“, рече Коцевски.
Тој вели дека е јасно дека предлогот за негово разрешување не е заснован ниту на закон ниту на факти, туку претставува преседан со далекусежни последици врз независноста на јавното обвинителство.
Македонија
ДЗР утврди неправилности во финансиското работење на АД „Државна лотарија“ и можни злоупотреби со паричните средства во готово
Со извршената ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година, утврдени се сериозни неправилности кои се поврзани со нелогични и непостоечки трансакции, записи без соодветна финансиска документација или поткрепени со неверодостојни документи, поради што постои сомнеж за злоупотреба на парични средства, како и незаконско работење со благајната и платежните сметки, соопшти Државниот завод за ревизија.
Со извршената ревизија е утврдено дека во 2024 година, вкупно остварениот дневен пазар, по основ на продажба на лотариски и електронски игри на среќа кај 10 сопствени продажни места на друштвото, изнесува 46.039 илјади денари (746.970 евра), но истиот не бил редовно уплатуван на платежни сметки во деловните банки на друштвото, иако согласно законската регулатива правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готовина по било која основа да ги уплати најдоцна до следниот работен ден на својата платежна сметка.
Во текот на 2024 година друштвото само во два наврати извршило уплата на име “дневен пазар‘‘ и тоа: во април 2024 година уплатени се 36.364 илјади денари и на крајот на 2024 година уплатени се 15.427 илјади денари. При тоа, ревизорите утврдија дека овие уплати не се од примените парични средства во готово – „дневен пазар‘‘, туку претставуваат средства кои се подигнати како готовина од една и уплатени како дневен пазар на друга сметка на друштвото.
Државните ревизори, исто така, утврдиле дека директорот на Секторот за финансии и сметководство директно исплаќал аванси за мали добивки на дел од деловните соработници (околу 320 правни лица со договор за соработка) во износ од 13.971 илјади денари, без да го користи пропишаниот начин на исплата преку Мастер дилер.
За поголем дел од овие трансакции, во износ од 13.054 илјади денари, доставени се неуредни и невалидни документи или воопшто не се доставени документи, поради што постои несигурност во однос на вистинитоста на евидентираните настани.
„Постојат случаи во кои на деловните соработници, на ист ден им се извршени исплати на парични средства и преку благајна и преку Мастер дилер, без логично објаснување за причините и потребата од овој начин на дејствување. За евидентираните одливи (36.465 илјади денари) и приливи на парични средства (7.897 илјади денари) во готово, по основ на дадени и вратени аванси за исплата на мали добивки кај сопствените продажни места на друштвото, ревизорите утврдија дека поткрепувачката документација е спорна и неверодостојна“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Во 2024 година, инстант лотаријата е застапена со 12 различни вида на инстант лозови со добивки во пари и предмети. Ревизорите истакнуваат дека евидентираниот износ на неисплатениот фонд на добивки за инстант лотарија во сметководството е за 63.294 илјади денари помал во однос на износот добиен според централниот on–line систем, што не е во согласност со правилата на играта, ја доведува во прашање можноста за исплата на идните добивки и го загрозува интегритетот на Државна лотарија.
Во текот на 2024 година во Државна лотарија евидентирани се трошоци за реклама, пропаганда, промоција и саеми во износ од 220.823 илјади денари, односно 3.582.811 евра. Во периодот од 2020 до 2024 година, овие трошоци бележат континуиран раст, односно во годината предмет на ревизија истите се 10 пати поголеми споредено со 2020 година.
Ревизорите утврдиле и други случаи во кои не е можно во целост да се потврди наменското и рационално користење на јавните средства за маркетинг активности. Според информацијата добиена од националната телевизија на која се емитувани забавните емисии, во текот на сезоните 2023/2024 и 2024/2025 година биле емитувани вкупно 70 емисии, додека 8 емисии за кои се исплатени вкупно 2.723 илјади денари, не се доставени до друштвото, поради што ревизорите не се увериле дека истите се продуцирани.
Утврдени се неправилности и во управувањето и користењето на објектите земени под закуп, нерационално користење на јавни средства за закуп, нивна реконструкција и реновирање, како и отсуство на сметководствена евиденција за вложувањата во туѓи средства.
Ревизорите во извештајот истакнуваат дека за деловната 2024 година раководното лице на друштвото склучило договори за дело за вршење на привремени работи со вкупно 195 лица, од кои 75 лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи, а за истите незаконски и ненаменски исплатени се 14.911 илјади денари, односно 241.928 евра.
Неправилности и незаконитости се утврдени и кај трошоците за службени патувања во странство во вкупен износ од 6.041 илјади денари, при што за дел од нив исплатени се издатоци иако истите не биле реализирани (3.331 илјади денари) или биле исплатени без документација која го потврдува трошокот (2.710 илјади денари).
Во овие трошоци, според извештајот, се вклучени и трошоци за репрезентација, посета на културни институции, набавка на облека за лична потреба, сувенири и слично во вкупен износ од 3.092 илјади денари.
„Дел од трошоците за репрезентација се оправдани врз основа на неверодостојни документи. Слични неправилности се констатирани и кај трошоци за одржување на возила и набавка на гориво во износ од 985 илјади денари“, се наведува во извештајот.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Никој не сака да биде во тимот на Заев и Филипче
„Никој не му се нафаќа на Филипче да му биде дел од тимот, затоа што со Зоран Заев ја држат СДС во заложништво поради нивните криминални бизниси и интереси. Јужноамериканските криминалци Пабло Ескобар и Густаво Гавириа, кај нас пресликани во Зоран Заев и Венко Филипче, ја држат во заложништво партијата која некогаш важеше за партија со кредибилитет и визија“, рече Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Поради нивните бизнис интереси, ја уништија партијата, а чесните кадри во СДС не можат да дојдат до израз. Но, до израз можат да дојдат луѓе како Александар Трајановски, луѓе како Оливер Спасовски, Никола Спасов, мали Фрчко и Жерновски.
Лојални на Заев и Филипче се истите оние луѓе кои ја испокрадоа и продадоа државата. Ете на ова се сведе СДС.
Како може СДС да се реформира, кога се уште се поистоветуваат со аболициран криминалец и доктор кој наместо да спасува животи, тој сакаше да заработи на нивното здравје? Како СДС да се реформира, кога врвот на партијата им е вмешан во криминал? Како СДС да се реформира кога едните исти луѓе скоро 15 години ја узурпираа партијата и ја спаднаа на 120 илјади гласови?
Реформите во СДС треба да дојдат со оставка на Филипче, оградување и дистанцирање од Зоран Заев и воведување на нов кадар во партијата“, изјави Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.

