Македонија
(Видео) Заев: Ги унапредуваме правата и овозможуваме подобри услови за лицата со попреченост
Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, како и министрите за образование и наука и за здравство, Арбер Адеми и Венко Филипче, денеска учествуваа на меѓународната научно-стручна конференција „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лица со попреченост во Република Северна Македонија“.
„Тие се исти како и сите нас, само им е неопходна поголема поддршка за да може да се школуваат, да добиваат соодветен третман од институциите, а потоа и да се вработат“, рече Заев во своето поздравно обраќање во рамките на отворањето на конференцијата во Битола.
Наведувајќи го примерот на Нина, која одговорно, професионално и посветено работи во библиотеката на Владата, а е девојка со Даунов синдром, премиерот Заев истакна дека сите институции треба да ги отворат вратите и да им дадат еднакви шанси за вработување на сите, без разлика на нивниот физички изглед.
„Малобројни се и примерите за вклученост на децата со попреченост во образовниот процес. И во овие сфери, едноставно, мора да сториме повеќе. Но, сè почнува и зависи од нашата свест. Ова мало општество, како што е нашето, навистина треба да се ослободи од стигмата и дискриминацијата кон лицата со попреченост, но и кон сите други што на овој или оној начин се разликуваат од нас. Пораките што секојдневно ги пренесуваме треба да бидат пораки за заедништво, за прифаќање и почитување на различностите“, заклучи Заев.
Унапредувањето на правата и овозможувањето подобри услови за лицата со попреченост, како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се приоритети на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за труд и социјална политика.
Истовремено, како што истакна министерката Царовска, со новиот Закон за социјалната заштита, кој е дел од социјалната реформа, се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега.
„Големите институции, каде што со години се згрижуваа најрaнливите наши сограѓани, се безлични, ладни и не нудат соодветна грижа. Токму затоа, наша цел е да ги елиминираме, а сите корисници да ги добиваат услугите што им се потребни во нивната сопствена заедница или во помали групни домови, каде што ќе им биде овозможена стручна помош, но и внимание и топлина за полесно секојдневие“, рече, меѓу другото, министерката Царовска.
Во таа насока, како што додаде таа, минатата година Владата ја усвои националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 „Тимјаник“, која предвидува 66 милиони евра за 10-годишна реформа на системот за социјална заштита.
„Посветено работиме на процесот на деинституционализација со кој создаваме едно општество за сите. За 16 месеци, бројот на лица сместени во установи е намален 32 отсто. Во декември 2017 година во социјалните установи за долгорочно згрижување во земјата биле сместени 482 корисници, а сега таа бројка изнесува 328. 75 отсто е намален и бројот на деца сместени во институции. Со отворањето на малите групни домови и воспоставувањето квалитeтна база на згрижувачки семејства децата повеќе не се згрижуваат во големите установи“, заклучи Царовска.
Поздравувајќи ја идејата за организација на конференцијата, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, им оддаде чест на сите што својот професионален ангажман го посветиле на едукација и рехабилитација на лицата со попречености.
„Има луѓе што одлучиле непосредно да работат со нив, да ги подготвуваат за справување со секојдневните предизвици и да им помагаат на нивните семејства. Тоа е тешка, но и благородна работа“, истакна министерот Адеми.
Имајќи предвид дека правото на образование е уставно загарантирано, како што рече министерот Адеми, институциите на системот се должни да овозможат пристап до образовниот систем за секој поединец и тој пристап да биде приспособен во согласност со неговите потреби.
„Во моментот се изработува ново законско решение за основното образование, кое дава предност и предвидува повеќе новини поврзани со едукацијата на учениците со попречености. Во една паралелка во редовно основно училиште ќе може да бидат запишани најмногу до двајца ученици со извесни попречености, со кои, освен досегашниот инклузивен тим, составен од наставникот, стручен работник – педагог, психолог или дефектолог, како и родителот, ќе работат и образовни асистенти“, рече, меѓу другото, министерот за образование и наука, Адеми, и додаде дека специјалните училишта ќе станат основни училишта со ресурсни центри, во кои ќе се запишуваат само учениците со најтежок вид попречености.
Министерот за здравство, пак, Венко Филипче, во рамките на доменот на своето дејствување на конференцијата „70 години – организирана едукација, рехабилитација и вработување на лицата со попреченост во Северна Македонија“, најави дека до март 2020 година како пилот-проект ќе се спроведува модел за процена на дополнителна образовна, здравствена и социјална поддршка на дете и младинец, базиран на Меѓународната класификација на функционирањето, изработен од Канцеларијата на УНИЦЕФ.
„Со неговата примена фокусот се става на она што едно лице може да го достигне доколку се работи на развивање на неговиот потенцијал. Развојот на потенцијалот во комбинација со отстранување на ограничувањата во околината ќе овозможи активно и целосно учеството во општеството“, истакна министерот Филипче.
Исто така, министерот Филипче пред присутните експерти од областа посочи дека во Министерството за здравство од 2017 година постои посебно работно тело за спроведување на активностите за подобрување на здравствената заштита на децата со попреченост и на лицата со инвалидност и веќе се почнати активности за подготовка на ситуациона анализа, која треба да даде попрецизна слика за капацитетите на јавните здравствени установи во поглед на простор, опрема и кадар, како и во поглед на применливите протоколи за лекување на децата со попреченост.
„Улогата на сите нивоа на власта е да создадат достоинствени услови за живеење, образование и вработување на лицата со попреченост“, истакна градоначалничката на градот домаќин на конференцијата, Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

