Македонија
(Видео) Заев: Го исполнивме аманетот на Мисирков и го заштитивме македонскиот јазик
Премиерот Зоран Заев, денеска, се обрати на меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања“.
Како што нагласуваат од владината прес-служба, премиерот во обраќањето ги нагласил заложбите на Владата за соработка со стручната јавност за заштита и унапредување на македонскиот јазик и упатил апел до професорската јавност за активно учество во промоцијата на јазикот.
„Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни“, истакна премиерот на почетокот споделувајќи ја визијата на Крсте Петков Мисирков, за која порача дека денеска е остварена.
„Со моето присуство овде, како премиер, ја испраќам пораката дека оваа Влада се определи за заштита, афирмација, поддршка на употребата на нашиот изворен македонски јазик и ја поддржуваме и ќе ја поддржуваме секоја искрена иницијатива што оди во прилог на унапредувањето на современиот македонски јазик“, порача Заев.
Нагласи дека тоа треба да биде заедничка мисија на експертската, општествената и политичката јавност.
Премиерот соопшти дека деновиве треба да почне јавната расправа за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, што предвидува, меѓу другото, вработување лектори со завршен македонски јазик во сите државни и јавни институции во државава, во сите субјекти во државниот и приватниот сектор во земјата, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На Клиниката за неврологија отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста и превенција од мозочен удар
По повод Светскиот ден на мозочниот удар – 29 октомври, Универзитетската клиниката за неврологија, утре организира отворен ден за граѓаните за подигнување на свесноста за превенција, препознавање на симптомите рана дијагностика и навремено лекување на мозочниот удар, под мотото „Мозочниот удар се лекува“.
Во рамките на настанот, на 28 октомври 2025 година (вторник), ќе се врши бесплатен доплер на каротидни артерии за сите заинтересирани граѓани, без потреба од упат, во периодот од 10:00 до 12:00 часот, во просториите на Клиниката за неврологија.
Со овој настан, Клиниката велат од таму, испраќа порака за важноста на редовните прегледи и контролата на ризик факторите кои можат да доведат до мозочен удар, како што се покачен крвен притисок, шеќер во крвта, зголемени масти, пушење и седечки начин на живот.
Македонија
Уапсени двајца полицaјци осомничени за разбојништвото на златарницата во Гостивар, се трага и по други лица
Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две лица поради сомнение дека како соизвршители учествувале во извршување на кривично дело „разбојништво“ по член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените се лишени од слобода во текот на вчерашниот ден, соопшти полицијата.
Тие на 10.10.2025, заедно со други засега непознати лица, влегле во златарница во Гостивар и со сила и закана со огнено оружје одзеле 18 килограми злато.
Двајцата осомничени се полициски службеници од ОВР Кичево, кои се договориле и направиле план за грабежот заедно со другите лица за кои интензивно се преземаат дејствија за пронаоѓање. Осомничените учествувале во подготовките со извиди на локацијата и на работата на златарницата два дена пред грабежот. На самиот ден, тие со службено возило на МВР го обезбедувале патот на двете возила искористени за грабежот во Гостивар, од кои едното потоа е пронајдено запалено на магистралниот пат Гостивар-Дебар, додека другото е пронајдено напуштено во Кичево, во близина на сточниот пазар.
„МВР во координација со ОЈО Гостивар презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот“.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.

