Македонија
(Видео) Заев: Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот
Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите, порача премиерот, Зоран Заев, во говорот за одбележување на 2 Август – Денот на Републиката од Пелинце.
Тој кажа дека Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите.
„Нема мерка која може да ја измери големата идеја за сопствена држава во која се вградени копнежот и жртвите на стотици и илјадници македонски дејци и остварувањето на тој копнеж“, рече Заев.
Според него, континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.
„Да, народе мој, Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден“, рече Заев.
Премиерот рече дека на нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден.
„Огнот што го распламтија плејадата македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци припадници на другите народи во нашата земја“, рече Заев.
Според него, Илинден не е врзан за ниту една идеологија, ги надминува границите на било кој временски период.
„Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците, и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро утре во нашата татковина. Во нашиот дом“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сезоната за спортски риболов на водите во НП „Маврово“ почнува од утре
Од утре почнува сезоната на спортски риболов по Радика и Мавровското езеро, информираат од управата на Националниот парк „Маврово“. Риболовот ќе биде дозволен до крајот на октомври.
Од НП „Маврово“ појаснуваат дека спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен до 31 мај за време на викенд и државни празници, а понатаму ќе може да се риболови секој ден. Спортскиот риболов на Мавровско Езеро е дозволен за сите видови риби, освен пастрмка, која е во период на природен мрест.
По Радика и притоките дозволени денови за риболов од 01.02.2026 година до 30.09.2026 година се: петок, сабота, недела и државни празници. Во летните месеци јули и август, риболовот ќе биде дозволен секој ден.
За ловење риби на територијата на НП „Маврово“ потребно е да се купи риболовна дозвола и да се поседува легитимација за спортски риболов со платена членарина за тековната година.
Од Националниот парк „Маврово“ испраќаат апел до сите спортски риболовци да ги почитуваат законските одредби, забраните за риболов на одредени видови риби во одредени периоди од годината, како и дозволениот број и минималната големина на уловот.
Дневната риболовна дозвола чини 300,00 денари, годишна, 5.000,00 денари, додека за категориите ученици, студенти и пензионери годишната дозвола чини 3.000,00 денари. За месното население износите се за половина пониски од редовните. Дозволите може да се набават во Информативниот туристички центар во Маврови Анови и онлајн на сајтот на паркот.
Македонија
Најстудено утрово било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени
Најстудено утринава било на Попова Шапка каде се измерени -5 целзиусови степени, а температури под нулата се измерени и во Битола, Берово, Маврови Анови, Прилеп, Крушево и Претор.
Во Петровец, Охрид, Штип, Велес и Крива Паланка утринава се измерени нула степени, а максималната утринска температура била 4 степени и е измерена во Гевгелија.
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди и наместа со услови за повремен слаб дожд, а на планините од слаб снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13 степени.
Во Скопје, слично време со дневна температура до 10 степени.
Македонија
Денес во 12 затворени улици во Скопје, ќе се протестира против Усје
Во централното подрачје на Скопје денеска ќе биде воведен посебен режим на сообраќај поради протестниот марш „Стоп за Цементара“, закажан во 12 часот.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, маршот почнува пред Владата на булевар „Илинден“, десно по булевар „ВМРО“, во продолжение по улицата „Васил Главинов“, лево по улицата „Димитрие Чуповски“, во продолжение по улица „11 Октомври“ до пред Собрание и лево по улица „Филип Втори Македонски“ до пред Министерство за животна средина во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
– Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници, се наведува во соопштението.

