Македонија
(Видео) Заев: Заедничкиот регионален пазар ќе ја унапреди регионалната трговска размена на стоки и услуги, движењето на луѓе, капитал и знаење
Во своето обраќање на пленарна сесија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес, претседателот на Владата, Зоран Заев, ги издвои како особено значајни декларациите за Заедничкиот регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан и како нови можности и предизвици за земјите од Берлинскиот процес.
Премиерот Заев, како кодомаќин на Самитот заедно со бугарскиот премиер Борисов, истакна дека во овие невидени времиња поради пандемијата со Ковид-19, имаме извонредна можност заеднички да поразговараме за визијата за нашиот регион во наредните години благодарение на новите стратешки документи подготвени за време на кодомаќинството на Северна Македонија и Бугарија – Акцискиот план за заеднички регионален пазар, како и со Економскиот и инвестициски план и Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан.
„Влегуваме во нова фаза на економски раст и на нашата регионална економска соработка за да се сообразиме со процесот за пристапување кон ЕУ и за нашето идно учество на единствениот пазар на ЕУ. Во овој контекст, преку воспоставување рамка и преку дефинирање конкретни активности во сите области на четирите слободи на ЕУ, збогатени и со дигиталниот, инвестицискиот, иновацискиот и индустрискиот столб, новиот Акциски план за заеднички регионален пазар обезбедува солидна основа во таа насока“, истакна премиерот Заев.
Тој додаде дека Акцискиот план за заеднички регионален пазар ќе ја унапреди регионалната трговска размена на стоки и услуги, движењето на луѓе, капитал и знаење, и ќе ги отстрани сите постоечки бариери за тоа дополнително со надградување на процесот на дигитализација, на инфраструктурата, со подобрување на конкурентноста на секое од стопанствата на земјите од регионот, како и со подобри вештини преку подобрено образование, истражување и иновации и зелен развој.
Друг многу важен дел од идната визија за регионот, рече Заев, е неговата зелена трансформација, и во таа насока Зелената агенда е јасен сигнал и чекор напред за поблиска интеграција на Западен Балкан во политиките на ЕУ за животната средина.
„Ќе треба да соработуваме поблиску во остварувањето на поамбициозни цели во кружната економија, одржливото земјоделство и производство на храна, и во биоразновидноста. Европската Унија јасно ја дава својата поддршка за зелена и дигитална транзиција на Западен Балкан. Сето ова треба да доведе до одржлив економски раст и креирање работни места бидејќи Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда, заедно со Економскиот и инвестициски пакет на ЕУ претставуваат, креираат синергија со силна политичка порака, којашто ќе му помогне на регионот на својот пат кон пристапување кон ЕУ“, потенцираше премиерот Заев во своето обраќање на пленарната сесија на лидерскиот Самит за Западен Балкан во Софија, и додаде дека за успехот на овие иницијативи се неопходни континуираните суштински реформи во областа на владеењето на правото, вклучително и борбата против корупцијата и организираниот криминал, функционирањето на демократските институции и јавната администрација.
На пленарната сесија со свои обраќања се вклучија шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, претседателот на Франција Емануел Макрон, премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, премиерот на Италија Џузепе Конте, премиерот на Полска Матеуш Моравјецки, министерката за европски прашања и Устав на Австрија Каролина Едштадлер, премиерот на Словенија Јанез Јанша, министерката за европско соседство и Америка на Обединетото Кралство Венди Мортон, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жозеф Борел, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархеји, како и највисоките претставници на Европската инвестициона банка, на Европската банка за обнова и развој, на Светска банка, на RYCO, и на СЗО за Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

