Македонија
(Видео) Заев за првачињата: Не игнорирајте ги индивидуалните посебности на децата, во нив се кријат силни таленти
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, и градоначалникот на општина Бутел, Велимир Смилевски, денеска присуствуваа на првиот училишен ден на првачињата во ОУ „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани во општина Бутел.
Премиерот Заев и министерот Адеми им порачаа на учениците успешен почеток на учебната година и успешни школски денови во сите наредни години, додека на наставниците им порачаа да ги охрабруваат нивните ученици да ги развиваат своите знаења преку љубопитството и фантазијата бидејќи љубопитството и прашањата на учениците се израз на нивната желба за знаење.
„Сакам да им честитам и на вашите наставници на уште еден прв училишен ден во нивната кариера. Знам дека и тие се многу радосни што добиваат шанса да воспитуваат и едуцираат уште една генерација умни глави. Сакам да ги замолам да не престанат да ги почитуваат вашето љубопитство и фантазија. Љубопитството и прашањата на учениците се израз на нивната желба за знаење. Слушајте ги внимателно, и обидете се заеднички со нив да стигнете до одговорите. Радоста на стекнувањето знаење и одговори кога учениците сами стигаат до одговорите, со ваша стручна помош, е незаменлива. И уште една порака за наставниците: Никогаш не игнорирајте ги индивидуалните посебности на децата. Во нив се кријат силни таленти на кои вие ќе бидете лично горди кога ќе ги откриете“, порача премиерот Заев.
Министерот Адеми истакна дека најголем предизвик денеска за најмалите е првиот ден во училишните клупи. Како што рече, овој ден тие почнуваат нова етапа во нивниот живот на личен и професионален план.
„Овој пат не се сами, тие се заедно со вас, заедно со нас да градиме заедно европска држава, европско образование. Оваа учебна година ја почнуваме со многу новини, освен покачувањето на платата за 5% за сите вработени во основни и средни училишта, исто така оваа учебна година почнува со 22 коригирани учебници. Сите недостатоци кои се веќе констатирани во претходниот период ќе се исправат. Исто така, учениците од прво до трето одделение, секоја година согласно законот за учебници ќе добиваат нови учебници по сите наставни предмети така што заедно јас сум сигурен дека можеме да постигнеме повеќе“, порача Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).
Македонија
Сиљановска Давкова – Павловски: Максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова остварила средба со Крис Павловски, директор на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.
На средбата, како што соопшти претседателскиот кабинет, Павловски ја претставил работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите.
Како водечки претприемач со македонско потекло, Павловски изнел мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.
Претседателката Сиљановска Давкова го информирала Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.
Македонија
Кадровски промени на Водно, правникот Божинов и новинарот Момировски ќе раководат со претседателскиот кабинет
Претседателката на Македонија Гордана Сиљановска Давкова за генерален секретар на својот кабинет го именувала Ѓорѓи Божинов, пратник кој работел во Министерството за земјоделство, а за негов заменик новинарот Горан Момировски.
Од функциите се разрешени генералниот секретар Миле Бошњаковски и неговите заменици Билјана Радева и Тоше Зафиров, кои беа ангажирани во мандатот на доскорешниот претседател Стево Пендаровски.
Генералниот секретар Ѓорги Божинов е дипломиран правник со речиси тридецениско работно искуство во областа на правото во земјоделскиот сектор, законодавната и институционалната рамка, процесите на јавни набавки, корпоративно советување, програмите за финансиска поддршка, државна помош, како и примена и хармонизација на легислативата на Европската Унија во овие области.
Претходно, Божинов својата кариера во областа на правото ја остварува на раководни административни позиции во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.