Македонија
(Видео) Заев: Имаме Агенција за национална безбеднос која ѝ доликува на земја членка на НАТО
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска беше гостин на првата годишнина на Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
„Денеска, заедно со вработените на Агенцијата за национална безбедност, ја одбележавме првата годишнина од основањето на Агенцијата за национална безбедност. Им посакав секој 1 септември во иднина да го одбележуваме во име на успешното натамошното извршување на сложените безбедносни задачи.
Со отпочнувањето со работа на Агенцијата, точно пред една година, беше направен последниот чекор во реформата на безбедносниот сектор во нашата земја со кој Управата за безбедност и контраразузнавање, која во изминатиот период беше злоупотребена за поединечни лични и групни интереси, конечно замина во историјата.
Со владините реформи во системот на безбедносните служби, претходно ја формиравме Оперативно техничката агенција (ОТА) со што го разбивме монополот, односно концентрацијата на моќта која поранешната УБК ја имаше на системот за следење на комуникациите со кој беа направени тешки злоупотреби и сериозни упади во приватноста на граѓаните.
Реформскиот процес на безбедносно-разузнавачкиот систем се надополни со формирање на Телото за координација на безбедносно-разузнавачката заедница со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа и донесување одлуки, како и конкретни аспекти во врска со неговата работа во функција на спроведување ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Сега имаме агенција која работи целосно во согласност со Уставот, законските и подзаконски акти, како што впрочем и доликува на безбедносна служба на земја членка на НАТО. Служба со развоен концепт за постојано унапредување на капацитетите на безбедносниот систем, за да може со успех да се носи и справува со современите закани и ризици по националната и меѓународната безбедност.
Во оваа насока Агенцијата ќе има постојано силна поддршка од Владата, но и од останатите институции во државата. Во таа насока, заедно со честитките за годишнината, на сите во Агенцијата за национална безбедност им посакав храбро да продолжат уште помотивирано и поистрајно да работат на изградбата на современа, модерна безбедносна служба која целосно ќе биде во функција на заштита на безбедносните интереси на Република Северна Македонија и на сите нејзини граѓани“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.