Македонија
(Видео) Заев и Царовска со децата од малите групни домови: Сонувајте големи работи, ние ќе ве поддржиме за да си ги остварите соништата
Децата од малите групни домови од поранешните институции „11 Октомври“, „25 Мај“ и „Ранка Милановиќ“ денеска предновогодишно се дружеа со претседателот на Владата, Зоран Заев, и со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. На неформалното дружење децата пееја, играа и раскажуваа како им е исполнет денот во новите домови, кои тие ги нарекуваат дома, но раскажуваа и кои им се соништата што сакаат да си ги остварат.
Тие добија и новогодишни подароци од Владата, а како благодарност за гостопримството на претседателот на Владата и на министерката Царовска им подарија фотографии, кои сами ги фотографираа на фотосафари како дел од едукативна работилница за фотографија.
„Бескрајно сме среќни и благодарни што имаме можност да ја посетиме Владата. Ова се случува првпат поради што сме многу возбудени“, рекоа воспитувачите од малите групни домови.
Заев на дружењето рече дека со отворањето на малите групни домови целосно е променет концептот за грижа кон децата во Северна Македонија.
„Сакам да ви кажам дека сме тука, стоиме зад вас, вие сонувајте и остварувајте си ги сите соништа што сте си ги зацртале, наша света задача е да ве поддржиме и да ви помогнеме во остварувањето на вашите соништа“, им посака премиерот на децата.
„Најважно од сè е вистински да го слушнеме гласот на секое дете. Да им помогнеме, да ги поддржиме, бидејќи само со слушање на гласот на децата ние ги поставуваме темелите врз кои треба да ги креираме идните политики. Заеднички да изградиме општество во кое нашите млади ќе сакаат да живеат, каде што ќе може безбедно и среќно да растат, да се развиваат и да успеваат“, рече премиерот Заев.
Министерката Царовска рече дека децата се непроценлив потенцијал за развојот на една држава и затоа оваа Влада овозможува секое дете да расте и да го развива својот потенцијал, кој е значаен за општеството.
„Ова е преемотивно за мене. Вие сте нашата гордост!“, истакна министерката Царовска
преку песни и креативни точки децата го пресликаа своето секојдневие и раскажаа за своите таленти.
„За секое дете – љубов затоа што ништо друго на светот не е поважно од децата и ниту едно дете не смее да страда и да живее во страв. Деца што добиваат поттик во својот развој, деца што веруваат во себе, кои се истрајни, емпатични и кои учат и откриваат нови нешта, знаат како да се справат со разочарувањата. Тогаш ние создаваме просперитет, како и понапредни, посилни, поуспешни и побезбедни општества“, рече Царовска.
По дружењето во медија-центарот, децата имаа можност да ја разгледаат Владата. Премиерот ги однесе во својот кабинет, ја видоа и салата за седници на Владата, по што премиерот ги угости во својот кабинет, како и во свечената сала.
Во салата за седници децата ги презедоа улогите на министрите и заедно со премиерот Заев и министерката Царовска изгласаа едногласна одлука на детската влада на Република Северна Македонија, а таа гласеше: „сите деца во нашата земја треба да се среќни!“
Со процесот на деинституционализација Министерството за труд и социјална политика една година порано од планираното успеа да ги извади сите деца од институциите. Досега во целата држава се отворени 22 групни дома, во кои во атмосфера, која личи на семејната, живеат 180 деца. Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да се грижи за секое дете и да ја јакне јавната свест за потребата, значењето и користа од процесот на деинституционализацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

