Македонија
(Видео) Заев: Наградата доаѓа во незапаметени времиња кога на Балканот пламтат огнови, но и пријателства
Премиерот Зоран Заев ja доби меѓународната награда „Иса-бег Исаковиќ“ на Свечената академија во Народниот театар во Сараево, каде што присуствуваа гости од земјата и пошироко, дипломати, академици, личности од општествено-политичкиот живот од БиХ. Наградата му е доделена на премиерот Зоран Заев, како што е посочено, за неговите напори и иницијативи како позитивни и историски вреднувани, особено во воспоставување пријателства и соработка на Балканот.
Заев, по доделувањето на оваа државничка награда, се обрати пред присутните, организаторите од здружението „Клепсидра“, членовите на Комитетот за доделување на ова единствено државничко признание во Босна и Херцеговина и претседателката Адила Пасалиќ-Кресо, aкадемици, дипломати, претставници на медиумите, гости, меѓу кои беа и членовите на делегацијата што допатува со него во Сараево, потпретседателот на Собранието, Зекир Рамчиловиќ, претседателот на МАНУ, Таки Фити, заменикот-министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Неџад Мехмедовиќ.
„Ова е навистина награда што ќе се памети. И за мене како добитник, но и за вас како доделувачи затоа што доаѓа во незапаметени времиња кога во нашиот регион, на нашиот Балкан, пламтат огнови, но и пријателства. Овие пријателства се новата надеж на стабилност, безбедност и развој – на нашите држави, на Балканот и на Европа. Земјите на Балканот како никогаш досега ги предводат лидерства што сакаат и умеат да бидат пријатели. Се борат за доброто на своите граѓани во своите земји, но со широка свест како никогаш досега дека едниот оди напред, само кога и другите одат напред.
И така работиме – свесни дека таа психологија на национализам, радикализам, популизам, себичност, никому не му донесе добро. За еден народ беше лошо – за сите стана лошо. Денес, на искуствата од минатото, ние, пријатели, градиме иднина. Европската Унија го препознава овој позитивен момент на Балканот, но не смее да ја испушти шансата денес, да му подаде пријателска рака на Балканот“, рече премиерот Заев.
Тој се заблагодари за честа што му е укажана со наградата „Иса-бег Исаковиќ“ и признанието што го носи оваа награда „Во потрага по пријател“. Заев посочи дека Република Северна Македонија сработи во реформите, го воспостави пријателскиот концепт едно општество за сите, дома, со еднакви шанси за сите и со оглед дека нашата држава, како и Босна и Херцеговина, изобилува со различности од националности, традиции, култури, вери, покажавме дека ние веќе сме Европа во мало и можеме успешно да функционираме.
„Ги стабилизиравме и зацврстивме односите со нашите соседи Бугарија и Грција, со кои не само што воспоставивме пријателства туку тие држави и нивните раководства се веќе меѓу најголемите лобисти во ЕУ за да го добиеме заслужениот датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Сработи Република Северна Македонија, која со чест ја предводам.
И, сега, Европа треба да ја исправи историската грешка, што ја признаа и европските институции и земјите членки, а свесна дека го заслужуваме исчекорот во евроинтеграциите е и пријателска Република Франција.
Треба, мора, фер е, европска вредност е да се одржи зборот, зборот даден кон држава што покажала на дело што значи да се биде пријател. Тоа ќе биде мотивација за новите пријателства на нашиот Балкан, кои време е да се случат. И сите заедно да обезбедиме стабилност, сигурност и просперитет на нашите држави и на регионот, во Европа, на која ѝ припаѓаме природно, географски, трационално, културно, културолошки, секако“, порача премиерот Заев.
Тој го посочи особено договорот од Преспа, кој е навистина редок пример на функционална дипломатија и со кој, како што рече, е ставен крај на еден долг, тежок, исцрпувачки, деструктивен тридецениски спор, што ги блокира перспективите за нашите клучни стратешки интереси, НАТО и ЕУ, а наведе дека е сличен и примерот со нашиот пријател – Република Бугарија и договорот за добрососедство со неа.
„Дали можевме сами да го постигнеме тој договор? Не. Потребен ни беше пријател од другата страна, кој е подготвен да споделува вредности. Го добивме тој пријател во Република Грција. Вредност се политиките на изнаоѓање решенија како нешто може, а не политиките на изнаоѓање оправдувања зошто нешто не може. Сличен е и примерот со нашиот пријател Република Бугарија. Постигнувањата на Република Северна Македонија, пријатели, се постигнувања на целиот регион. Дали ќе беше можно да се дознае за нашите зрели одлуки ако не беа медиумите од регионот што ги препознаа тоа? – Не, немаше да се дознае.
Дали ќе беше доволно да зборуваме самите за себе што значат нашите тешки одлуки за чувствителните прашања ако не беа раководствата на БиХ, Србија, Црна Гора, Албанија, Хрватска, Словенија, Косово, ако ја немавме вашата поддршка?! – Не, немаше да биде доволно. Дали ќе беше можно да сме на чекор до полноправно членство во НАТО?! Или поддржани од сите европски институции, дека заслужуваме датум за почеток на преговорите со ЕУ – ако тоа не го препознаеа државите членки на НАТО и на Европската Унија?! – Не немаше да биде можно. Низ пријателствата што ги подадовме кон сите вас и низ пријателствата што ги добивме од сите вас – напредокот на Република Северна Македонија стана реалност.
Затоа, не само Балканот туку и Европа денес е пред предизвикот да го потврди пријателството со Западен Балкан на дело и да ги осигури мирот, стабилноста, економскиот развој и на регионот и на самата Европа“, додаде премиерот Заев.
На крајот од обраќањето пред присутните на свечената академија премиерот Заев упати охрабрување до присутните да продолжи изградбата на пријателства.
„Сакам да упатам силна поддршка на вашата т.н. потрага по пријател. Јас, Зоран Заев, и мојот народ, сме ваши пријатели и тоа ќе го докажуваме постојано низ политиките на меѓусебна поддршка и разбирање затоа што знаеме дека пријателството е живо, само кога вложуваме во него. Продолжете со потрагата по пријатели. Сè додека има потрага по пријатели – ќе има и пријатели“, им се обрати и на организаторите, здружението „Клепсидра“, на свечената академија во Сараево, на која му е доделена наградата „Иса-бег Исаковиќ“.
Наградата што ја доби претседателот на Владата, Заев, се состои во, како што е речено, уникатна скулптура, која претставува калеидоскоп на културното наследство на народите во БиХ, заедно со признанието на оваа награда „Во потрага по пријател“.
https://makfax.com.mk/wp-admin/media-upload.php?post_id=1729504&type=image&TB_iframe=1&width=753&height=589
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

