Македонија
(Видео) Заев: Родовата еднаквост една од клучните работи за позитивен општествен напредок
Претседателот на Владата Зоран Заев учествуваше на настанот „Родова еднаквост во спортот” при што во своето обраќање им честиташе на спортистките и спортските работнички, новинарки, претседателки на федерации, за сите постигнати успеси и признанија укажувајќи дека во него треба да гледаат како на искрен пријател кој сака да го поддржи спортот и дека токму овој настан има за цел да ја пренесе пораката дека родовата еднаквост во спортот не е само декларативна поддршка, туку е реалност која мора да се случи и да се одржува.
„Ние како Влада ја препознаваме родовата еднаквост како една од клучните работи за позитивен општествен напредок. Но, постигнувањето родова еднаквост во спортот ќе биде уште поголем успех за сите нас зашто спортот сè уште гласи за машко доминантна област и време е заеднички да ги надминеме родовите стереотипи кои преовладуваат во спортот”, истакна премиерот и нагласи дека спортистките и спортските работнички треба подеднакво да учестуваат во сите процеси на донесување одлуки кои ќе влијаат на развојот на рекреативниот и врвниот спорт.
„Имаме способни, мудри и храбри жени кои рамо до рамо со мажите треба да придонесат кон креирање политики на еднаквост во спортот”, потенцираше Заев.
Според советничка за спорт, Митевска родовата инклузивност е двонасочен процес и за да се надмине нееднаквоста во спортот и мажите треба да бидат подеднакво вклучени колку и жените.
„Нашиот план е амбициозен, но со добра координација и посветеност веруваме дека е реален и остварлив. Ние кај нас сакаме да го видиме она што веќе е практика во европските земји. Тоа подразбира интеграција на родовата перспектива во стратешкото планирање и работење на спортските субјекти, донесување на родово-сензитивни закони и подзаконски акти, вклученост на жените во сите процеси на донесување на одлуки и примена на родово-одговорно буџетирање”, рече на дебатата Силвија Митевска.
За директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски вложувањето во спортот генерално и враќањето на спортот таму каде што припаѓа, значи инвестирање во здрав, квалитетен живот, во градење на најдобрите амбасадори на една држава. А, кога тоа се прави подеднакво, неселективно и кон спортистите и спортистките, тоа значи гарантиран успех за сите.
„Го знам патот на моите колешки. Исправени се пред низа предизвици и стереотипи против кои храбро се борат и не дозволуваат да им го попречат патот по кој одат. Сите ние сме тука со една цел – целосна рамноправност и еднаквост на мажите и жените во спортот”, рече Мојсовски и притоа истакна дека дел од мерките за родова застапеност на жени во управувачки органи ќе биде опфатен во новата законска регулатива.
Деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравјe Алексовска-Величковска изрази благодарност до Владата за досегашната поддршка и идната вложеност во креирање политики кои поттикнуваат родова рамноправност и истакна дека спортот е важен за зајакнување на девојките и затоа од најмала возраст треба да се насочуваат во спортско-рекреативни активности.
„Ние како општество имаме одговорност да ги мотивираме и стимулираме женските спортови и заеднички да изнајдеме начин да ја зацврстиме улогата на жената во спортскиот живот”, рече деканката на Факултетот за физичко образование, спорт и здравјe Ленче Алексовска-Величковска.
На крајот со свое лично искуство се надоврза и младата спортистка Пулексенија Јованоска, која потврди дека да се биде жена во спортот е голем предизвик и дека секојдневно ги совладува стереотипите и постигнува високи спортски резултати и истакна дека силно ја поддржува одлуката на Владата да помогне во намалување на родовите разлики во спортот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

