Македонија
(Видео) Заев се обрати на дијалогот на лидерите: Интензивно сме посветени на подготовките за членство во ЕУ
Заев се обрати на дијалогот на лидерите на самитот за целите за одржлив развој: Наша примарна одговорност е да го обезбедиме својот пат за остварување на целите за одржлив развој
Премиерот Зоран Заев денеска се обрати на дијалогот на лидерите во рамките на форумот на највисоко ниво на самитот за целите за одржлив развој како дел од програмата на 74-тото Генерално собрание на ОН. Во своето обраќање премиерот Заев потенцира дека усвојувањето и имплементацијата на универзалната и трансформативна агенда за одржлив развој е од исклучително значење во свет на промени толку длабоки и брзи што ниту една земја не може да застане сама.
„Агендата за одржлив развој од 2030 година го препознава ова и обезбедува корисна универзална рамка за зајакнување на колективното дејствување кон заедничките цели и предизвици. Заедничкиот просперитет и исполнувањето на нашите меѓугенерациски одговорности може да се постигне само преку заедничко партнерство, кое ги вклучува сите земји и сите засегнати страни“, истакна Заев во својот говор посветен на целите за одржлив развој 2030 на Обединетите нации и го информира форумот на кој присуствуваа голем број шефови на влади и лидери дека Владата преку националниот совет за одржлив развој ја потврди заложбата за спроведување на агендата на Обединетите нации 2030 и ја истакна важноста на доследна интеграција на целите за одржлив развој во националните стратешки документи и локалните планови.

Премиерот Заев во обраќањето ги запозна лидерите на форумот дека Владата за периодот 2018-2020 година идентификува пет приоритетни цели за одржлив развој: SDG 1 – без сиромаштија, SDG4 – квалитетно образование, SDG8 – пристојна работа и економски раст, SDG 13 – климатска акција и SDG16 – силни институции за мир и правда, кои истовремено се и приоритетните активности и мерки дефинирани во програмата на Владата.
Тој нагласи дека во наредниот период Република Северна Македонија ќе биде интензивно посветена на процесот за пристапување во членство во ЕУ и со оглед дека агендата 2030 за целите за одржлив развој е во иста насока, тоа претставува одлична можност да ги разгледаме нашите тековни стратешки документи, програми, за да создадеме здрави јавни политики за нивно ефикасно спроведување во иднина и за реализација на целите за одржлив развој.
Дека дел од целите за одржлив развој веќе се имплементира во дел од политиките на Владата, премиерот Заев посочи на мерките и реформите со кои директно ги враќаме буџетските пари на нашите граѓани и со тоа се намалува нееднаквоста и им се помага на оние на кои им е најпотребна финансиска помош.
„Да се намали нееднаквоста и да не оставиме ниту еден зад нас, е врвниот принцип на Владата и на Министерството за труд и социјална политика. Успешното спроведување на социјалните реформи овозможи дури 30.000 домаќинства или околу 120.000 граѓани да добиваат социјална помош повисока во просек 300 отсто во однос на 2016 година. Поддршката за младите е еден од нашите приоритети како земја. Обезбедување поволни услови за надградба, развој и вработување на младите се видливи преку нашиот оперативен план за вработување. Владата обезбеди 17,9 милиони евра за оваа година и тоа е најголема сума досега, трипати поголема во однос на 2014 година, издвоена за мерките за вработување на младите“, рече Заев. Според него, Република Северна Македонија е единствената земја што не е членка на ЕУ и воведе гаранција за младите. Оваа мерка е дел од европските политики и има цел да им обезбеди на младите луѓе во рок од четири месеци од датумот на регистрација во Агенцијата за вработување квалитетна понуда за вработување, континуирано образование и обука или стажирање.
Тој ги запозна присутните на лидерскиот дијалог за создавање нови работни места заедно со работодавците со мерките за поттикнување на развојот и иновациите на микро, малите и средните компании за да се создадат подобро платени работни места.
„Ние како Влада веруваме дека инвестирањето во компании за иновации и стартап-компании ќе ги задржи младите луѓе во земјата и ќе ја намали економската миграција. Со цел да ја демонстрираме нашата јасна политика и подготвеност да ги следиме идеите на младите луѓе во развојот на нивниот бизнис, заедно со поддршка на Светската банка го зголемивме 7 пати портфолиото на Фондот за иновации и технолошки развој со сума од 39 милиони евра“, истакна Заев.
Премиерот информира дека во согласност со SDG13 правиме напори да спроведеме мерки што ги поддржуваат зелените работни места и имплементацијата за енергетска ефикасност во зградите и снабдувањето со ниска количина јаглерод.
„Владата ја заврши подготовката за вклучување во Зелениот климатски фонд и ќе го развие проектот за гасовод, кој ќе биде аплициран за поддршка од Фондот. Тоа произлегува и од нашата примарна одговорност да го обезбедиме својот пат за остварување на целите за одржлив развој. Република Северна Македонија ја потврдува својата заложба за спроведување на агендата за 2030 година и во таа насока јавните финансии, како домашни така и меѓународни, добро координираната донаторска помош, ќе играат клучна улога во обезбедувањето на основните услуги и јавните добра за да ја овозможат имплементација на целите“, речеЗаев.
Во завршницата на своето обраќање тој потсети дека остварувањето на глобалните цели за одржлив развој се заедничка визија на светот и заслужуваат да го забрзаме нивното спроведување. „Агендата 2030 е наше ветување пред нашите деца и млади денес, дека тие ќе го постигнат својот целосен човечки потенцијал и ќе го носат факелот за одржлив развој за идната генерација. Наша е решеност е да одиме напред зашто секој придонес инспирира надеж“, нагласи Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Брунер: Европската интеграција, борбата против организираниот криминал и зајакнатото гранично управување во фокусот на средбата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со комесарот за внатрешни работи и миграција на Европската унија, Магнус Брунер, на која беше потврдена силната посветеност на Република Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и понатамошното усогласување со европските стандарди во областите правда, слобода и безбедност.
На средбата министерот Тошковски изрази благодарност за континуираната експертска и финансиска поддршка од Европската унија, нагласувајќи дека Министерството за внатрешни работи останува кредибилен партнер кој активно придонесува за безбедноста на Унијата преку спроведување на проектите, реформите, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ и имплементација на мерките од Реформската агенда.
На средбата беше констатирано дека партнерството со институциите на Европската унија има клучна улога во унапредувањето на националната и европската безбедност, при што беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката во наредниот период.
Македонија
Општина Илинден: Засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита
Општина Илинден продолжува со засилени активности за чистење и редовно одржување на каналската мрежа и речните корита на својата територија, со цел зголемување на проточноста и намалување на ризикот од поплави, информираат од општината.
Во изминатиот период беше реализирано чистење на коритото на Сува Река, на потегот од вливот на „Бучинско езеро“ до излезот од населеното место Бучинци, во должина од 850 метри. Дополнително, извршено е чистење на сисавецот на главниот канал „Млака“, на потегот од пречистителната станица во населеното место Илинден до вливот во главниот канал, во должина од 800 метри.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски изврши увид на каналот „Шамак“, во н.м Кадино каде во моментов се спроведува чистење во вкупна должина од 1.200 метри. Како што истакна градоначалникот Георгиевски, по обилните врнежи овој канал беше утврден како критична точка, а неговото расчистување е од особено значење за безбедноста на жителите од овој дел на општината.
Имајќи предвид дека каналската мрежа на Општина Илинден е под нивото на реката Вардар, одводнувањето се реализира со пумпни уреди преку кои се испумпуваат до 2.800 литри вода во секунда, што дополнително ја потенцира потребата од редовно и навремено одржување на системот. Благодарение на континуираното чистење и одржување на каналите и речните корита, изминатиот период со обилни врнежи беше надминат без потешкотии и несакани последици.
Согласно Годишната програма на Општината, Годишната програма на Водостопанство и Акциониот план за чистење на каналската мрежа, во текот на 2026 година предвидено е чистење на вкупно 24.250 метри канали и речни корита на територијата на сите населени места во Општина Илинден.
„Општина Илинден и годинава ја презема обврската за покривање на водниот надомест за редовно одржување, чистење и нивелирање на отворените канали, со што јасно ја демонстрира својата континуирана заложба за подобрување на инфраструктурата и обезбедување побезбедна, почиста и поквалитетна животна средина за сите граѓан“, се истакнува во соопштението.
Македонија
МЗШВ: Засилени контроли на АХВ во Липково, поради појава на сипаници кај овците и козите
Денеска, во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, министерот Цветан Трипуновски, заедно со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов остварија средба со одгледувачите на овци.
На средбата се разговараше за актуелната епидемиолошка состојба со болеста сипаници кај овците и козите во о. Липково, Кумановско.
Со цел да се спречат нови жаришта на територијата на државата, неопходно е одгледувачите на овци да се придржуваат кон пропишаните контролни и заштитни мерки за спречување на ширењето на болеста, донесено од страна на Агенцијата и движењето на животните да биде со издаден ветеринарно – здравствен сертификат од надлежното ветеринарно друштво. Доколку сточарите забележат некои симптоми или нагли промени кај животните, вклучително и зголемена смртност, да ги известат ветеринарните друштва и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Надлежните институции спроведуваат контролни и заштитни мерки во заштитната зона во радиус од 3 километри и во зоната под надзор во радиус од 10 километри околу одгледувалиштата каде што е потврдена болеста, со цел навремено информирање на сточарите за појавата и ширењето на болеста.
Дополнително, на средбата беше истакнато дека извозот на јагнешко месо, производи од јагнешко месо и производи од млеко добиено од овчо млеко кои биле подложни на пастеризација не е доведен во прашање, движењето на животните од одгледувалиштата кон кланичните капацитети не е забрането, додека во сила остануваат рестрикциите за движење на живи животни и за работа на добиточните пазари. Во зависност од развојот на епидемиолошката состојба на терен се очекува кон средината на идниот месец да бидат донесени нови заштитни и контролни мерки за справување со болеста.

