Македонија
(Видео) Заев се сретна со пратеници од Албанија: Државите споделуваат европски вредности и се пример за регионот
Претседателот на Владата, Зоран Заев, придружуван од Љупчо Николовски, заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, се сретна со пратениците од Парламентот на Република Албанија, Таулант Бала и Васил Стерјовски, првиот пратеник во албанскиот Парламент од партијата Македонска алијанса за европска интеграција и со Нури Белба, градоначалник на општината Прењас.
На состанокот е констатирано дека искрените, пријателски односи помеѓу премиерите Зоран Заев и Еди Рама се насоката по којашто се развиваат и добрососедските односи помеѓу двете земји, како добар пример и во регионот, дека каде што има политичка волја има и меѓусебно почитување и успешна соработка.
Заеднички е заклучено дека двете држави веруваат во истите, европски вредности.
„Сите заложби за европската иднина на нашите држави се и заложби за европеизација на државите, со цел подобар живот на граѓаните. На регионот му требаат пријателства и соработка и тие се случуваат“, рече премиерот Заев.
На средбата се разменети информации за унапредувањето на проектите во инфраструктурата, граничните олеснувања, земјоделството, како и дека постои простор за проширување на економската соработка како меѓу двете земји, така и во регионот како заеднички пазар, којшто може да биде и попривлечен на Европа и светот.
Исто така е истакната грижата за етничките заедници во државите, како мост и потврда на искреното пријателство меѓу двете држави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

