Македонија
(Видео) Заев со порака до Вархеи: Верувам дека новата методологија за проширување ќе има фер пристап и ќе се заснова на мерит-систем
Партиска делегација на СДСМ, предводена од претседателот Зоран Заев, заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски, секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ, и Калинка Габер од Комисијата за европски прашања на СДСМ, денеска се сретна со делегацијата на Европската комисија предводена од еврокомесорот за европска, соседска и преговори за проширување, Оливер Вархеи.
На средбата претседателот Заев истакна дека Европската комисија отсекогаш ѝ била искрен и силен сојузник на Република Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите и изрази уверување дека тоа ќе продолжи и со новиот состав на Комисијата.
„Правиме сè што е во наша моќ да ги реализираме сите потребни реформи. Активно се спроведува договорот од Преспа, како и договорот за добрососедство со Бугарија. Во измените на Изборниот законик се вградени и сите препораки од ОДИХР. Нашата цел е да испратиме порака дека имаме демократски капацитет и го ставаме во функција на граѓаните“, истакна претседателот Заев.

Заев се осврна и на новата методологија за проширување на ЕУ изразувајќи надеж дека таа ќе биде фер и ќе се заснова на систем на заслуги.
„Секој ден, секоја недела, секој месец е важен за реализација на реформите, кои се важни за нас и за ЕУ. Ја очекуваме новата методологија и веруваме дека таа ќе има фер пристап и ќе се вреднува единствено по мерит-системот. Наш главен мотив и натаму е ЕУ и таа нема алтернатива, сè што зависи од нас ќе биде сторено како што беше и досега. Почнувањето преговори со Северна Македонија ќе значи и позитивен сигнал за целиот наш регион“, посочи Заев.
Од страна на еврокомесарот Вархеи беше истакнато дека новата методологија за проширување се подготвува и дека набргу ќе биде претставена пред земјите членки на Унијата. Вархеи посочи дека е важно државата да продолжи на европскиот курс, да продолжи со реформите, а особено значајно е носењето на новиот закон за Јавното обвинителство, со што Северна Македонија уште еднаш ќе покаже дека е посветена на реформите важни за напредокот кон ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Кавахара: Јапонската поддршка клучна за реформите и развојот на Северна Македонија
Министерот за европски прашања и прв заменик претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара.
На средбата беше ставен акцент на тековната развојна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија, како и на континуираната поддршка на Јапонија за реформските приоритети и социо-економскиот развој на државата.
Сали ја истакна посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати во рамки на Реформската агенда, со посебен фокус на јакнење на институционалните капацитети и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
Соговорниците разговараа за спроведувањето на тековните проекти за техничка соработка, вклучително и иницијативите во областа на намалување на ризици од катастрофи, урбаниот транспорт, поддршката на малите и средни претпријатија и развојот на туризмот.
Беа разменети мислења и за новите проекти поврзани со ублажување на климатските промени во земјоделството и јакнењето на капацитетите за итен медицински одговор и подготвеност за кризни ситуации.
Сали изрази благодарност за долгогодишната поддршка на Јапонија преку официјалната развојна помош, вклучително и грантовите за мали проекти, кои имаат директни придобивки за локалните заедници во областите на образованието, здравството, заштитата на животната средина и јавните услуги.
Тој нагласи дека Министерството за европски прашања ќе продолжи со тесна соработка со Амбасадата на Јапонија и ЈИЦА, со цел ефикасна координација на развојната помош и усогласување со реформските приоритети и целите на процесот на европска интеграција.
Македонија
Пеперони не е најпопуларната пица во Скопје, но Wolt знае за што е вистинскиот копнеж
Ако мислиш дека најнарачуваната пица во Скопје е Пеперони, правиш сосема логична претпоставка. Само што таа не е победникот. Во пресрет на Светскиот ден на пицата, на 9 февруари (датум што онлајн заедницата на љубители на пица масовно го слави како „Pizza Day“), Wolt погледна што навистина нарачуваат скопјани откако беше лансирана платформата Wolt во април 2025 година досега и резултатите звучат како неофицијален „карактерен тест“ за скопскиот вкус за пица.

Но, прво да почнеме со кратко, интересно парче од историјата на пицата.
Пред пицата да стане вечната дилема „што нарачуваме?“ во групните четови, таа веќе се провлекувала и низ средновековни документи. Во запис од 997 година од Гаета зборот „pizza“ се спомнува речиси лежерно, векови пред некој да може да замисли апликација за достава. Иако пицата каква што ја препознаваме денес навистина се обликувала во Неапол. Во врелите печки, со едноставни состојки, брзите раце на мајсторот го претвориле во град што ја довел уличната храна до совршенство, со свои стандарди. Тука е и приказната за „славното парче“, Маргерита – домат, моцарела, босилек, три бои кои оваа класика ја поврзуваат со кралски гласини. Дали навистина била создадена за кралицата? Историчарите и понатаму дебатираат, но легендата упорно останува на менито. Она што не е спорно е занаетот зад секоја пица. Дури и УНЕСКО ја призна уметноста на неаполскиот pizzaiuolo како нематеријално културно наследство, со што „фрлањето тесто“ доби статус на културна традиција.
Ајде пак за омилената пица во Скопје
Сега може да се вратиме и назад во Скопје, каде што податоците раскажуваат вкусно јасна приказна, дека ни кралската Маргерита не е најпродаваната скопска пица.
Од април 2025 година до последниот достапен пресек, корисниците на Wolt во Скопје имале навистина широк „пицa репертоар“. Нарачале повеќе од 30 различни вкусови, од безвременски италијански класици до смели, модерни комбинации. И кога погледнавме по што најчесто посегнуваат луѓето, едно омилено издание постојано излегуваше на врвот. Изборот број еден? Капричоза.

Само Капричозата учествува со 18,2% од сите доставени пици, убедливо пред Маргерита (13,7%), друга пица (12,3%) и Пеперони (11,1%). Заедно, овие четири „семејства“ сочинуваат околу 55% од сите доставени пици. Со други зборови, повеќе од половина од нарачките за пица во Скопје се како „greatest hits“ листа.
Има и еден типично скопски начин на „утеха“ што се забележува на прв поглед: кога ќе ги собереш Капричоза и другите семејства со шунка и печурки, добиваш околу 30% од
сите доставени пици, речиси секоја трета. Скопје очигледно сака пицата да е класична, позната и богато наполнета.
Но Скопје не е само традиција, туку и изненадувања
Најголемиот момент „чекај, навистина?“ доаѓа од категоријата „Друга пица“, каде што Бургер пицата е ѕвездата што „избива“ напред. Варијантите на Бургер пица сочинуваат околу 28% од целата „Друга пица“ категорија. Ова значи дека Скопје ја почитува италијанската традиција и истовремено ужива во смела комбинација кога ќе „налета“ и смело расположение.

А за оние што се убедени дека пица секогаш значи месо, Скопје тивко го докажува спротивното. Очигледно, вегетаријански/вег-френдли семејства, како Маргерита, пици со нагласен кашкавал/сирење, Капрезе стил, Маринара, печурки, вегетаријански опции сочинуваат околу 29% од доставените пици, речиси три од десет.
Уште една изненадувачка нишка се морските пици со туна/морски плодови/лосос, комбинирано се под 1% од доставените пици (~0,65%). Значи ако морска пица е твојот избор, честитки, ја одржуваш сцената ексклузивна.
Скопскиот „часовник за пица“: кога се нарачува
Навиката која што сите ја чувствуваат, а ретко кој ја мери е кога Скопје навистина нарачува пица? Кога ја погледнавме побарувачката по часови во категоријата пица, образецот е јасен. Пицата е попладневно до вечерно задоволство, со околу две третини од побарувачката (66,9%) што се случува меѓу 15:00 и 21:00 часот. Најфреквентниот час е 17:00. Ова е врвниот скопски момент „заслужувам пица“. А во „прајм“ прозорецот за вечера од 19:00–21:00 часот, пицата се искачува и станува категорија број 2 по нарачки во Скопје, веднаш зад бургерите.

Дури и дебатата за големина има скопски потпис. Кај пиците каде што големината е јасно наведена, градот е речиси поделен на две „екипи“, 30 см и 40 см, и секоја претставува околу една четвртина од доставите со наведена големина. Скопје сака и „лична“ пица и „за делење“, понекогаш во истата недела.
Веќе огладневте?
Ако целата оваа приказна за пица ви разбуди апетит и не сакате да чекате, најпопуларните пици во Скопје можете да ги пронајдете преку следниот линк во Wolt апликацијата, каде што ве очекува избор од најдобрите локални пицерии.
За Wolt
Wolt е технолошка компанија со седиште во Хелсинки, чија мисија е да донесе радост, едноставност и можности за заработка во секојдневието на локалните заедници. Wolt развива платформа за локална трговија која ги поврзува луѓето што сакаат да нарачаат храна, намирници и други производи, со луѓе и бизниси што се подготвени да ги продаваат и доставуваат. Компанијата е основана во 2014 година и во 2022 година ѝ се придружи на DoorDash (NASDAQ: DASH). Во 2025 година, DoorDash ја стекна и Deliveroo, дополнително проширувајќи го своето глобално присуство. Денес, заедно оперираме во повеќе од 30 земји. Повеќе информации може да се најдат на веб-страницата на Wolt.
ПР
Македонија
Општина Илинден: Потпишан меморандум за соработка со цел обезбедување на логопедски и дефектолошки услуги
Општина Илинден потпиша меморандум за соработка со Здружението за обезбедување на третман, застапување и унапредување на правата на лицата со попреченост „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“. Со потпишувањето на овој меморандум ќе се овозможи воспоставување нова социјална услуга во заедницата, која ќе опфати индивидуални логопедски и дефектолошки третмани за деца со развојни потешкотии и деца со попреченост.
Оваа услуга ќе биде насочена кон рано препознавање на развојни нарушувања, навремена интервенција и континуирано следење на децата со атипичен развој. Во рамки на активностите ќе биде обезбедена и социјална интервенција, заштита на интересите на лицата со попреченост и нивните семејства, како и едукација и поддршка за родителите во делот на логопедската и дефектолошката работа, велат од општината.
Како што истакна градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, воспоставувањето на оваа социјална услуга претставува значајна придобивка за локалната заедница, особено за ранливите категории граѓани. Тој додаде дека обезбедувањето на стручна поддршка на територија на општината ќе овозможи поголема достапност, намалување на финансиските трошоци и олеснување на секојдневните обврски на семејствата.
Услугата ќе биде бесплатна за лицата кои ќе добијат соодветна препорака од Центарот за социјална работа на Град Скопје, а корисници ќе можат да бидат лица со валидна документација согласно Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ). Со цел добивање на оваа услуга, граѓаните во наредниот период ќе можат да се обратат во здружението „МЕГАЛОГОМЕД ГЛАС – Скопје“.
„Со оваа иницијатива, Општина Илинден уште еднаш ја потврдува својата заложба за унапредување на квалитетот на живот и обезбедување достапни и квалитетни услуги за сите граѓани на локално ниво“.

