Македонија
(Видео) Заев со претседателот на Европскиот совет: Силно сме мотивирани да продолжи европскиот пат

Силно сме мотивирани да продолжи европскиот курс на државата, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој денеска се сретна со Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет.
На средбата стана збор за процесот на реформи, потребата од носење на Законот за Јавно обвинителство, евроинтегративниот процес, како и за новата методологија за проширување на Унијата.
Заев истакна дека сите институции се силно мотивирани да продолжи европскиот курс на државата со цел заокружување на интеграцијата во ЕУ, што е цел на сите граѓани на земјава.
„Уверени сме дека заедно можеме да го задржиме вистинскиот курс на реформи, добрососедство и економски развој. Се надеваме дека сите политички фактори ќе бидат на висина на својот дел од одговорноста, особено кога станува збор за европската иднина на државата“, потенцираше Заев.
Од страна на претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел беше изложен јасен план за натамошно делување во насока на деблокирање на процесот на проширување и обединување на сите држави членки на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„На 21 мај ќе се гласа за избор на нов гувернер на Народна банка, а никој не ја ни спомнува можноста на оваа позиција да биде избран Албанец“, велат од ДУИ

„ДУИ изразува незадоволство што ниту Владата, ниту Претседателката, а по линија надолу ниту целата политичка раководната структура, никој не води ни малку грижа за пристојно учество на Албанците во општествените текови. На 21 мај ќе се гласа за избор на нов гувернер на Народна банка на Македонија, а никој веќе не ја ни спомнува можноста на оваа позиција да биде избран Албанец“, велат од ДУИ.
„Сите се однесуваат како оваа функција да е резервирана за етничките Македонци и како да е тоа однапред завршена работа. Во моментов, во потесниот круг за избор влезени се четворица кандидати, од кои не само што ниту еден не е Албанец, туку овој потесен круг на ниту еден начин не го изразува мултиетничкиот карактер на државата.
Без разлика што за изборот постои јасна уставна и законска процедура, која минува низ филтерот на Претседателката, а потоа и собранискиот филтер, политичките претставници на Албанците во рамките на парламентарното мнозинство требаше да обезбедат барем учество во потесниот избор на еден од врвните економски експерти – Албанци кои ги има оваа земја.
Но во моментов, тие како да не смеат ни да прашаат за ваквите позиции, а камо ли да се изборат за избор на Албанец на ваква висока државна функција.
Останува горчливиот вкус за Албанците, наметнат од Премиерот, кој прво во концентрични кругови создаде чисти етнички средини околу себе: почнувајќи прво од својот Кабинет, потоа најблискиот круг соработници со кои оди во официјални посети, сега еве треба на јавна сцена да се демонстрира дека за позицијата Гувернер Албанците едноставна немаат ниту претставник кој би можел да влезе во потесниот круг за избор.
Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната етничка, или било каква друга припадност.
И според Уставот, обврска на државата е да се грижи за правилна дистрибуција и учество во општествените текови на сите етнички заедници.
Ја повикуваме Претседателката, во рамките на своите можности, да покаже малку поголема лојалност кон Уставните одредби кои го дефинираат мултиетничкиот карактер на државата, отколку на барањата кои ѝ ги испорачуваат од Владата“, соопшти ДУИ.
Македонија
Центар, Аеродром, Сарај и Бутел денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 – 11:00 часот, објектите во околината на Транспотниот Центар, односно делови од улиците: Мирче Ацев и Никола Карев. (Општина Центар)
· од 09:00 – 12:00 часот, дел од ул. Ѓорѓи Капчев. (Општина Аеродром)
· од 09:30 – 12:00 часот, дел од с. Никиштани. (Општина Сарај)
· од 11:00 – 14:00 часот, објектите во околината на БОРА ПЕТРОЛ во Индустриската зона – Качанички Пат, Визбегово. (Општина Бутел)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, наместа пообилни. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 8, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со умерена облачност. Попладне облачноста ќе се зголеми, а во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе има пообилни врнежи од дожд (над 30л/м2), а на повисоките планини ќе има услови за повремен снег. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60км/ч), особено вдолж Повардарието. Дневните температури значително ќе опаднат. Во деновите од викендот и во понеделник ќе има услови за слаб локален дожд, а дневните температури повторно ќе бидат во пораст.