Македонија
(Видео) Заев: Тежнееме нашето општество во целост да ja прифати инклузијата на знаковниот јазик
Премиерот Зоран Заев денеска преку видеообраќање го честиташе Меѓународниот ден на знаковниот јазик, 23 Септември.
„Денеска го славиме Меѓународниот ден на знаковниот јазик, користен од 72 милиони луѓе ширум светот. Одбележувањето на овој ден нè прави дел од прогресивните заедници во светот, афирмирачи на знаковниот јазик“, истакна Заев.
Како што кажа тој, Владата преку политиките за промовирање на можностите за граѓаните од заедниците на глуви и наглуви, го едначи знаковниот јазик со сите други говорни јазици.
„Тежнееме нашето општество да ја прифати во целост оваа вредност. По нашиот пример на соработка со Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, општеството да ги применува сите можности кон нашите граѓани со оштетен слух.
Заедно со стручните лица влегуваме во поддршка на стандардизација на знаковниот јазик за што повеќе познавачи на овој јазик. Системски работиме да го имплементираме стручниот кадар кој користи знаковен јазик во предучилишното образование, во градинките. Затоа што инклузијата започнува од најраната возраст“, нагласи премиерот.
Укажувајќи дека на неговите јавни настапи, секаде каде што е возможно се вклучени знаковни толкувачи, Заев повика ваквата пракса да стане секојдневие кај сите функционери и општественици.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Кучевишка Бара се гради нов спортско-рекреативен центар на 2000 метри квадратни
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, денес изврши увид во градежните активности за изградба на новиот спортско-рекреативен центар во населбата Кучевишка Бара.
Комплексот ќе се простира на површина од 2000 метри квадратни и ќе вклучува фудбалско игралиште со висококвалитетна вештачка трева, детско игралиште, летниковец, нови клупи, парк и зелени површини.
Од Општина Бутел порачаа дека општината се менува, а маалскиот дух се негува, со цел да се создадат можности за редовно практикување спорт и рекреација за сите граѓани.
Македонија
Партијата Левица со Иницијатива во Град Скопје за чекор кон енергетска независност и крај на скапата струја
„Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје конечно да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори“, известуваат од Левица.
„Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја.
Наместо средствата да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз, тие завршуваат во надворешни снабдувачи.
Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи.
Ова е стратешки проект кој обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка.
Градот има огромен неискористен потенцијал, кровови, објекти и локации каде може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.
Затоа очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, ова е решение кое му користи на целиот град.
Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани, и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност.
Левица ќе продолжи да предлага системски и развојни проекти со кои Градот ќе стане финансиски постабилен, енергетски ефикасен и поеколошки“, се наведува во соопштението на Левица.
Македонија
Без струја денеска дел од Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09:00 до 15:00 часот, дел од корисниците на ул. Струшка бр.7А (општина Карпош)

