Македонија
(Видео) Засадени 7 платани за 70-годишнината на Градежен и Архитектонски факултет
Во паркот во кругот на Градежниот и Архитектонскиот факултет градоначалникот Шилегов и претставници од двата факултета денеска засадија 7 садници од видот платан. Симболичната акција за засадување се организираше по повод 70-годишнината од формирањето на Факултетот за градежништво и архитектура од којшто произлегоа денешните Градежен и Архитектонски факултет, во рамките на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
„Градот Скопје на симболичен начин ја честита 70-годишнината на овие два факултета, односно за секоја деценија постоење засадивме по едно дрво. Овој парк Градот Скопје го уреди минатата есен, целосно го обновивме зеленилото и поставивме соодветна урбана опрема. Проектот беше реализиран преку потпишување меморандум за соработка меѓу Град Скопје и двата факултета кои го делат овој простор. Овие врати повеќе не се затвораат, а овој парк освен што е двор на факултетите претставува и јавен простор кој може да го користат граѓаните. Ние имаме добра соработка со овие два факултета и добиваме добри совети во однос на идниот исправен развој на градот, а таа соработка во иднина и ќе ја продлабочиме“ – рече денеска градоначалникот Шилегов.
Тој потсети дека оваа есен беа засадени над 7.000 садници на различни локации во сите градски општини, беа подигнати неколку нови паркови и беа разубавени неколку постојни парковски површини. Подигнати се и нови дрвореди по должината на градските улици и булевари, дополнети се постојните дрвореди, обновено е средишното булеварско зеленило, а уредени се нови зелени површини и мали зелени плоштади.
Подигнувањето нови зелени површини останува на врвот на листата приоритети на Град Скопје, а во исто време се работи на обнова на загубеното зеленило. Целта е градот да добие повеќе чисти зелени површини. Во таа насока, Шилегов ги повика и другите научно-образовни институции во нашиот град да засадат дрвја во своите дворови и во соработка со Градот Скопје да ги уредат со зеленило.
Пред новинарите денеска се обрати и деканот на Архитектонскиот факултет, Огнен Марина, кој ја поздрави добрата соработка со Градот Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утврдени неправилности на Зимзоленд: Град Скопје нема дадено дозвола
Инспектори од Град Скопје денеска биле на локацијата каде што се одржува Зимзоленд и утврдиле низа неправилности. Како што соопшти градоначалникот, Орце Ѓорѓиевски, утврдено е дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност.
„По пријави од граѓани, постапивме и на Зимзоленд. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект“, вели Ѓорѓиевски.
Дополнително, додава тој, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.
„Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, вели Ѓорѓиевски.
Инспекторите денеска, освен на Зимзоленд, биле и на „Пластичарска“ .
„Се воспоставува ред на „Пластичарска“, се постапува и на Зимзоленд. Денес градот Скопје, заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спроведе широка акција со единствена цел, да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот. Изречени се повеќе од 20 казни“, објави Ѓорѓиевски и додаде дека вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстранувале неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“.
Македонија
Утре сончево време со температура до 15 степени
Времето утре ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 10 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Под влијание на висок воздушен притисок продолжува периодот на претежно сончево и тивко време. Во ноќните и претпладневните часови наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Утре без вода за пиење делови од општина Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради змена на вентил во шахт Ф 2“1/2“ (два и пол цола) на улица Натанаил Кучевишки бб. градинката 11-ти Октомври со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Натанаил Кучевишки, Краишка и Хо Ши Мин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:30 часот до завршување на работните активности.(општина Бутел )

