Македонија
(Видео) Зајкова: Реформи за Судски совет донесени на брза лента не градат доверба
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, остро реагираше на начинот на кој се носи новиот Закон за Судскиот совет, предупредувајќи дека реформите „на брза лента“ не можат да ја вратат довербата во правосудството.
Според Зајкова, предложениот закон не носи вистински напредок во процесот на избор на членовите на Судскиот совет, бидејќи конечната одлука повторно ја има Комисијата за избор и именување во Собранието.
„Нема ранг-листа, туку само листа на кандидати. Тоа значи дека Комисијата може слободно да одлучи кој кандидат ќе биде избран, без јасни критериуми и редослед. Така и 15-тиот на листата може да стане прв“, предупреди Зајкова.
Таа потсети дека, според препораките на оценската мисија, неопходно е формирање посебен жалбен совет кој ќе одлучува по приговорите во процесот на избор – нешто што со овој закон повторно се игнорира
Иако Министерството за правда тврди дека со законот се заоструваат критериумите за избор на членови, Зајкова посочи дека суштинскиот проблем останува – политичкото влијание врз судството.
„Клучниот проблем е политичкото мешање и диктирањето на пресуди, нешто на што сите сме сведоци. А кога веќе зборуваме за дигитализација, да не заборавиме на АКМИС системот и сите обвиненија поврзани со неговата злоупотреба“, истакна таа од собраниската говорница.
„Добро е што зборуваме и за реформска агенда, но жално е што изгубивме време и средства за на крај повторно да носиме закон без доволна дебата. Очекувам во иднина да имаме подобар Кривичен законик, потранспарентни постапки и ако ништо друго, повеќе време за суштинска анализа на системските закони кои влегуваат во Собрание и подобрување на законските решенија“, заклучи Зајкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

