Македонија
(Видео) За министерот – 78 отсто, за докторите – 3.000 денари покачување – Меџити смета дека го решил проблемот со платите

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, смета дека со покачувањето од 3.000 денари го решил проблемот со платите во здравството. Тој во интервју за „Макфакс“ вели дека со ова не се фали, а призна дека добил покачување, кое е повисоко 78 проценти. Меџити за платите на докторите вели: „Тоа што две години не се договараше за покачување на платите во здравството, јас го решив“.
„Значи, јас не бев тој што договарав такви материјални средства. Моите одлуки точно ги знае јавноста, јас и дента кога беше покачувањето, кога потпишав макотрпно, борејќи се со сите институции, потпишав, и тоа лично многу се залагав за тоа да бидат потпишани затоа што имавме опструкции од другите министерства, кои се одговорни за тоа. Кога потпишав, реков дека ова не е тоа што го заслужуваат лекарите и медицинскиот персонал“, вели Меџити во интервјуто за „Макфакс“.
Покачувањето на платите на функционерите не го критикува.
„Апсолутно, јас сум доктор, претпочитам да бидам доктор и по ова, пак ќе бидам доктор и нормално дека докторите инвестираат во себе 40 години и треба да добиваат повеќе. Јас не седам со скрстени раце, работам и тоа што го направив е моја иницијатива и го пративме во Владата, т.е. информацијата за да ги нема тие економски, организациски директори, да се тргнат, тоа што го потврди премиерот, рече на еден километар, знаете, 66 директори, 33 управни одбори, јас бев тој што се нафатив за тој проблем затоа што Словенија ист случај е, но има еден клинички“, додаде Меџити.
Меџити во интервјуто зборува и на други прашања од граѓаните, како и за катастрофалната состојба со здравството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ветрот го сменил правецот од Дрисла, Скопје вечерва мириса на изгорено

Вечерва ветрот го смени правецот и дува од депонијата Дрисла во насока на Скопје поради што во делови од главниот град се чувствува силен непријатен мирис, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Соопшти дека и вечерва продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро.
За утре се планирани и повеќе дополнителни активности на дивата депонија Вардариште, најави Ангелов.
Преходно денес беше соопштено дека пожарот на депонијата „Дрисла“ се гасне со затрупување на најкритичните делови.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е потпален, а како причина за тоа ги наведе физичките процеси на распаѓање на отпадот, кога се ослободува метан – штетен гас кој е лесно запалив, поради што Мицкоски вели дека е доволен само еден отпушок за да се предизвика пожар.
Граѓаните од главниот град вечерва се жалат на миризбата надвор која им предизвикува отежнато дишење. Ситуацијата, според мерните станици, особено е алармантна вечерва во Аеродром и во Ново Лисиче.
Македонија
Фетаи ќе раководи и со новоформираниот совет за конфискација на имот

Владата вчера ја усвои Одлуката за формирање на Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот, со што се предвидува дополнителна алка на врвот на координациската структура, покрај Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот како највисоко експертско тело.
Со Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот ќе раководи вицепремиерот за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, а членови ќе бидат: министерот за внатрешни работи, министерот за правда, министерот за финансии, јавниот обвинител, претседателот на Врховниот суд, раководителот на Канцеларијата за поврат на имот, директорот на Бирото за јавна безбедност, директорот на Царината, директорот на Управата за финансиска полиција, директорот на Агенцијата за управување со одземен и конфискуван имот и претседателот на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот.
„Кабинетот на вицепремиерот Фетаи ќе продолжи да обезбедува политичка, административна и техничка поддршка за работата на Националната комисија за финансиски истраги и конфискација на имот. Процесите и стратешките одлуки кои континуирано се реализираат се доказ за посветеноста на Владата во градењето институционални капацитети и обезбедување услови за спроведување финансиски истраги, конфискација и поврат на имот, како и управување со конфискуваниот имот“, велат од Кабинетот на Фетаи.
Како што се додава, државата се гради секој ден, а граѓаните мора да бидат сведоци на конфискација на нелегално стекнатата имотна корист и да имаат можност истата да ја користат преку нејзина социјална пренамена.
Македонија
Меџити: Инвестиција од над 6 милиони денари во населбата Гази Баба за одржливо водоснабдување

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска изврши увид во работите кои се одвиваат на улицата „Бајрам Шабани“ во населбата Гази Баба во Општина Чаир.
Проектот, поддржан од Министерството за животна средина, има за цел подобрување на снабдувањето со вода за пиење за жителите од оваа област. Оваа инвестиција, во вредност од над 6 милиони денари, опфаќа изградба на нов цевковод со профил DN 280 мм и должина од 235 метри, со што ќе се замени постојната дотраена мрежа.
„Со оваа интервенција се елиминираат честите прекини и недоволното снабдување, обезбедувајќи стабилна вода за пиење со подобрен притисок долж целата улица,“ изјави Меџити при средбата со жителите на населбата.
Проектот се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Општина Чаир, со цел да се гарантира постојан и квалитетен пристап до вода за пиење за жителите на оваа зона.