Македонија
(Видео) Зголемениот водостој на кејот на реката Вардар ги вознемири жителите на Аеродром
По телефонска дојава од страна на граѓани на 195, а и до директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, дека во општина Аеродром кај мостот во градба лоциран до хотелот „Русија“ нивото на реката Вардар е драстично покачено, Центарот за управување со кризи веднаш, во согласност со мапите на процес и процедурите, стапи во контакт со одговорните лица на Град Скопје, Општина Аеродром, МВР и Дирекцијата за заштита и спасување, а и со други субјекти од Системот за управување со кризи.
Пренесени се веданш информациите и е побарано од нив веднаш да излезат и да се упатат на терен на местото на настанот за да се направи соодветна процена за можноста од евентуално поплавување за соодветно да се реагира.
Институциите доцна синоќа беа на терен, а местото и лично го посети и директорот на ЦУК, Ангелов. Истовремено, повикани се и надлежните од фирмата изведувач на проектот за да се произнесат во однос на потребата од преземање соодветни мерки за надминување на проблемот ако е потребно и со отстранување на делумните пречки на десната страна од речното корито, како и со дополнителни превентивни активности.
Надлежните од Општина Аеродром и од Град Скопје ќе бидат во континуиран контакт со ЦУК со информации за преземените мерки и активности.
Над мостот, конкретно над пречките од десната страна на коритото, зголемениот водостој на реката предизвикува заезерување и е на самата граница на висината на максималната кота на кејот на потегот од мостот во градба до ПИОМ.
По препреката, текот на реката во речното корито е забрзан и бучен, но потоа текот на реката и коритото е во нормална состојба.
Информациите што ЦУК ги доби говорат дека синоќа при изведување работни активности на градба на мостот фирмата иведувач на работите, најверојатно, за потребите на градбата има попречено дел од речното корито, со што директно се влијае на намалување на капацитетот на протокот на водата во речното корито.
Настанот предизвикал интерес и внимание кај граѓаните, кои еден и пол час во континуитет пријавувале на телефоните на институциите плашејќи се од можно излевање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

