Македонија
(Видео) Зиков: Пресудата за „Тенк“ има бројни недостатоци
Пресудата за случајот „Тенк“ има бројни недостатоци. Освен суштествени недостатоци на постапката направени се и бројни повреди на Кривичниот закон, смета адвокатот на поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, Стерјо Зиков.
На денешната јавна седница во Апелацискиот суд за жалбата на Поповски и на експремиерот Никола Груевски за првостепената пресуда, Зиков забележа дека материјалните докази не биле изведени правилно.
„Моите забелешки главно се однесуваа на суштествените повреди на кривичната постапка. Пред сè нагласок дадов на неправилното изведување на материјалните докази кои судијата дозволи само да се читаат како наслови во листата на докази, а не и содржински, што е спротивно на Законот за кривична постапка“, рече Зиков.
Според него, преседан е тоа што СЈО за две вештачења платило 5 000 евра. „Преседан е две вештачења кои се по 10-тина страни и кои во праксата јас ги плаќам од 100 до 200 евра, СЈО да ги плати по 2 500 евра, односно вкупно 5 000 евра. Тоа е сериозен преседан и проблем“, смета адвокатот.
Поповски во мај беше осуден на шест години и шест месеци затвор во предметот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 600 000 евра. Второобвинетиот, поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за сторување на делото беше осуден на две години затвор. Поповски е осуден за злоупотребата на службената положба, додека Груевски за стекнување лична корист и потикнување за извршување кривично дело. Во издвоена постапка за истиот предмет ѝ се суди и на ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Груевски и неговите адвокати денеска не присуствуваа на јавната седница во Апелација. Експремиерот вчера обвини дека судот ќе донесе политичка одлука и ќе го прогласи за виновен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

