Контакт

Македонија

(Видео) И Заев и Мицкоски најавија ветерници, а на терен во Кумановско има само мерачи на ветер

Објавено пред

Од спектакуларните најави на поранешниот премиер Зоран Заев за ветерен парк „Вирови“, кој требаше да биде историски најголемата германска инвестиција во Македонија, на македонските планини над кумановските села три години подоцна има само мерачи на ветер. Откога истата оваа инвестиција минатиот месец ја најави и сегашниот премиер, Христијан Мицкоски, екипа на „Макфакс“ се искачи над кумановските села во потрага по ветерниот парк или подготовки за неговата изградба.Таму, пак, работите стојат како времето да не тече. Жителите сведочат дека разни локални кумановски компании во име на странски инвеститори поставиле неколку мерачи на ветер, си заминале и никој не се вратил вторпат. Еден од мерачите, за кој велат дека е токму на германската компанија која најави инвестиција над половина милијарда евра, поставен на над 1.000 метри надморска височина, одамна паднал и никој не доаѓа да го крене.

dobivaj vesti na viber

„Ги поставија пред три-четири години. Мислам дека ги местеа Турци. Имаше онаму една германска, ама падна и има уште една на Буковска Планина. Уште една ваква мерна станица има и малку понатаму, ама не знам кој ја правеше. Доаѓаа Турците. Јас ги возев. И кај оваа и кај онаа на Буковска Планина, ама во последно време ги нема. Зошто – не знам, а доаѓаа и кај мене дома, бевме пријатели. Рекоа дека чекаат договор на ниво на државата за да почнат да поставуваат ветерници. Не сум ги видел да дојдат откога ја поставија оваа мерна станица“, вели Живко Бојковски-Грк од селото Малотино, последното населено место на патот што води до мерачот на ветер поставен во месноста Малотински Церак на територијата на општината Старо Нагоричане.

Без него е невозможно некој да стигне до мерачот на ветер не само поради тоа што е меѓу ретките што го знаат патот туку и поради неговиот педесетгодишен руски „уаз“, единственото теренско возило што може да ги прескокне карпите и огромните дупки до Малотински Церак.

До мерачот на ветер поставен во месноста Малотински Церак води пат кој е прооден само за теренски возила

Пред неколку години компанијата што го поставила мерачот на ветер над Малотино првин пробила и пат. Жителите велат дека поминал еден булдожер, ја подизрамнил земјата и ги исчистил грмушките, но поминале години, па тоа едвај се познава.

Иако жителите се убедени дека мерачот над Малотино го поставиле Турци и дека германскиот, поставен малку понатаму, паднал, од Општина Старо Нагоричане за „Макфакс“ велат дека токму мерачот над Малотино е на германската компанија „Впд“ која, според досегашните најави, треба да го изгради најголемиот ветерен парк во земјата од 69 ветерници. Но, и од Општината велат дека комуникацијата сопрела.

„Претставници на компанијата ‘Впд’ беа кај нас, разговаравме за ветерници, но ги снема. Го изгубивме контактот во последно време со нив“, вели Бобан Цветановски, заменик-градоначалник на општина Старо Нагоричане, за „Макфакс“.

Иако на терен три години нема никакви активности, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го смета за сè уште активен. Од кабинетот на министерката Сања Божиновска велат дека течат роковите на германската компанија, во кои треба да донесат инвестициска одлука.

„Според информациите што ги поседува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, инвеститорот ‘Ветерен парк – Вирови’ ДООЕЛ Скопје во изминатиот период, т.е. на 7.10.2022 година, добил одобрение за мерење на потенцијалот на ветерот во согласност со член 6 од правилникот за обновливи извори на енергија од тогашната Агенција за енергетика. Одобрението се однесува на три мерни места со одредени координати, наведени во одобрението во општините Ранковце, Старо Нагоричане и Крива Паланка. Во согласност со правилникот, инвеститорот има право да го мери ветерот 3 години од денот на издавањето на одобрението за мерење на ветерот. Целта на мерењето е инвеститорот да ги употреби податоците од мерењето на ветерот за да може да донесе целисходна инвестициска одлука“, велат од кабинетот на министерката Божиновска за „Макфакс“.

Иако компанијата со години е во Македонија, до Министерството сè уште не стигнал допис или барање од инвеститорот поврзано со ветерниците во ветрениот парк „Вирови“.

Од „Впд“ тврдат дека веќе направиле значителна инвестиција кај нас

 Според официјалните податоци од Централниот регистар, Друштвото за производство, трговија и услуги ветерен парк „Вирови“ ДООЕЛ Скопје е формирано во октомври 2020 година. Екипа на „Макфакс“ направи обид да стапи во контакт со претставници на компанијата, но на скопската адреса канцеларијата беше затворена. Единствениот имејл за контакт е во Хрватска. Од таму за „Макфакс“ потврдија дека имале административни бариери и инсистираат на јасна регулаторна рамка, иако не зборуваат за конкретни проблеми. И тие проектот го сметаат за активен и нагласуваат дека веќе направиле значителна инвестиција во земјата.

„Компанијата ’Впд’ е активна во Северна Македонија за развој на проектот ‘Ветерен парк  – Вирови’ (414 MW) од 2019 година кога се одржа првичното истражување на локацијата. Оттогаш беа спроведени повеќе кампањи за мерење на ветерот, мониторинг на животната средина и прелиминарна оцена на влијанието врз животната средина, како и подготовка на основниот дизајн и планирање поврзување со мрежата и анализа на опциите за поврзување на мрежата. Овие активности бараа значителни инвестиции“, велат од „Впд адрија“, компанија со седиште во Дубровник, Хрватска.

„Впд“ во октомври 2022 година добиле одобрение да постават мерачи на ветер на три локации

Немаат конкретен одговор на прашањето што се смени последниов месец што го наведе сегашниот премиер Христијан Мицкоски повторно да ја најави инвестицијата, но нагласуваат дека имале прецизни барања од македонската Влада.

„’Впд’ инсистира да има јасна регулаторна рамка за развој на проекти од почетокот на активностите во Северна Македонија – очекуваме дека ќе можеме да ги олесниме активностите за развој на проекти сега врз основа на укажувањата од Владата и најавата за нова регулатива во енергетскиот сектор, со отстранување на претходно идентификуваните пречки и овозможување правна сигурност, што е клучен фактор за развој, особено на проект од оваа големина и повеќе од половина милијарда евра инвестициски обем“, велат од „Впд адрија“.

Премиерот Христијан Мицкоски не одговори на прашањата од „Макфакс“ за ветрениот парк „Вирови“. Минатиот месец тој рече дека со причините поради кои овој проект не бил реализиран досега треба да се занимаваат истражните органи. Дополнително објаснување од Владата нема, а од Министерството за внатрешни работи за „Макфакс“ велат дека единицата за економски и компјутерски криминал нема почнато истражна постапка ниту, пак, заведено предмет за ветрениот парк „Вирови“.

Во октомври 2021 година, покрај тогашниот премиер Зоран Заев, пред јавноста проектот за ветерниот парк „Вирови“ го преттстави тогашната германска амбасадорка во земјата, Анке Холштајн, на заедничка прес-конференција во владата. Амбасадорката Холштајн тогаш рече дека е сосема разумно што владата со одлука го дала статусот стратешка инвестиција на овој проект имајќи предвид дека договорот со германската компанија ќе трае 45 години.

Германската амбасада во земјата има нова амбасадорка, Петра Дрекслер. Од таму сега само велат дека ги поздравуваат и германските инвестиции и инвестициите во обновливи извори во Северна Македонија, но за минатите одложувања и за моментниот статус на проектот „Вирови“ не сакаат да зборуваат и упатуваат на „Впд адрија“ како регионална канцеларија на германската компанија во Хрватска.

Мерачите треба да покажат дали е исплатлив ветерниот парк „Вирови“ кој ќе произведува струја колку што произведуваат два од трите блока на РЕК Битола

Ветерниот парк „Вирови“ кој ќе се гради во регионот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка, според досегашните најави, треба да биде најголемиот ветерен парк во земјата, со вкупно 69 ветерници, кои ќе произведуваат над 400 мегавати струја или онолку колку што произведуваат два од вкупно трите блока на РЕК „Битола“. „Впд“, покрај ветерниците, најави и инвестиција во инфраструктурата, во капацитетите за пренос на енергија, но и во патиштата. Жителите на кумановските села, каде што има мерачи на ветерот, се радуваат токму на најавата дека некој ќе им изгради пат до непристапните места и немаат против да се постават ветерници и блиску до селата.

Компанијата „Впд“, шест години од доаѓањето во земјава, три години откако го претстави проектот пред јавноста, сега најавува дека ќе го продолжи и дека очекува транспаретна регулаторна рамка и отсуство на административни бариери кои ќе доведат за дополнителни три години, „Вирови“ да биде во фаза „подготвени за изградба“.

Продолжува…

 

Со овој текст „Макфакс“ се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

Македонија

Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник

Објавено пред

За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

dobivaj vesti na viber

Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.

Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.

Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.

Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.

Прикажи повеќе...

Македонија

Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор

Објавено пред

Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.

dobivaj vesti na viber

Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.

„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.

Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.

Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.

Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.

Прикажи повеќе...

Македонија

Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра

Објавено пред

Од

Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.

dobivaj vesti na viber

„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.

Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.

„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ8 часа

Затаен данок од над еден милион евра од трговија со злато и накит, истрага против две лица

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага против две лица за кои постои основано сомнение дека подолг временски период вршеле кривично...

Македонија10 часа

Алиу: Дефиниравме нови програми за специјализации – темелно го менуваме пристапот за креирање медицински кадар

На денешната прес-конференција на министерот за здравство Азир Алиу, заедно со претседателката на Лекарската комора, Калина Гривчева-Старделова, деканот на Медицинскиот...

Македонија11 часа

Уапсени 11 лица за местење тендер вреден над 7,6 милиони евра во „ЕСМ дистрибуција на топлина“

Завчера во текот на ноќта помеѓу 17 и 18 декември и вчера, под раководство на јавен обвинител, полициски службеници спроведоа...

Македонија11 часа

Левицата бара независна истрага за смртта на новороденчето и одговорност од директорката и од педијатарката во ГАК

Левица бара Обвинителството да отвори истрага за смртта на новороденчето на Клиниката за гинекологија и акушерство и одговорност од директорката...

Македонија11 часа

(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните

По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата,...

Македонија12 часа

Андоновски: Македонија рангирана во А-групата за дигитален напредок според Светската банка

На конференцијата „Трансформирање на иднината: дигитална стратегија за современо општество“, посветена на промоцијата на Националната стратегија за развој на ИКТ...

Македонија12 часа

Измените на Кривичниот законик се само уште едно крпење на правниот систем, велат од ЛДП

Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост и негодување во однос на најновите предлог-измени на Кривичниот законик кои се најдоа пред...

Македонија12 часа

Надминат прагот на штетни честички во воздухот во Скопје, надлежните активираа мерки

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг-систем за квалитет на амбиенталниот воздух...

Македонија14 часа

„’Лотаријата’ функционирала како приватна фирма на Груби, СДС молчел за криминалот од 1 милион евра поради опстанок на власт“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„СДС за да опстане ден повеќе на власт ги толерирале злоупотребите кои се случувале во Лотарија под раководство на Бајрами,...

Македонија14 часа

Спроведени 262 контрли на безбедноста на новогодишните пакетчиња, утврдени минимални недоследности

Во пресрет на новогодишните празници, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе 262 вонредни инспекциски надзори за контрола на безбеднста...

Свет15 часа

Макрон: Дојде време да се обнови дијалогот со Путин

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дојде време тој и европските лидери повторно да влезат во дијалог со рускиот претседател...

Свет15 часа

(Видео) Објавена нова снимка од нападот во Сиднеј: полицаец спречил масакр од 45 метри

Австралиските медиуми го идентификуваа полицаецот кој го спречи смртоносниот антисемитски напад на плажата Бонди како детективот Сезар Бараза. Новообјавените видеа...

Свет15 часа

(Видео) Осомничениот за масовното пукање на Универзитетот „Браун“ пронајден мртов: го убил и професорот на МИТ

Маж осомничен за масовното пукање на Универзитетот Браун од минатата недела е пронајден мртов по шестдневна потрага што се протегаше...

Свет16 часа

Трамп ја прогласи марихуаната за помалку опасна дрога

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која марихуаната на федерално ниво се класифицира како помалку опасна дрога, во...

Европа16 часа

ЕУ, конечно, постигна договор за Украина: три членки одбија да учествуваат

Лидерите на ЕУ ги откажаа плановите за невиден заем за репарации за Украина и наместо тоа ќе соберат 90 милијарди...

Свет1 ден

(Видео) Приватен авион се урна во Северна Каролина, повеќе загинати

Повеќе луѓе загинаа откако приватен авион Цесна С550 поврзан со возачот на НАСКАР, Грег Бифл, се урна во близина на...

Регион1 ден

(Видео) Хаос и туркање во албанскиот парламент: драматични сцени во Тирана

Во албанскиот парламент денес избувна хаос кога пратениците од опозицијата запалија факели и фрлаа вода за време на седницата, а...

Европа1 ден

(Видео) Украинските дронови уништија „неуништливи“ руски С-400

Украинските оператори на беспилотни летала уништија два руски ракетни системи С-400 Триумф заедно со нивната муниција во рускиот регион Белгород,...

Свет1 ден

„Драги нелегални имигранти, вратете се дома за празниците!“, порача американско министерство

Министерството за внатрешна безбедност на САД објави графика слична на божиќна честитка на X, повикувајќи на депортација на луѓе кои...

Македонија1 ден

Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта

СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската...