Македонија
(Видео) Каевски: Со зголемено домашно производство се спречи драстично зголемување на цената на струјата

Владата предводена од СДСМ, надлежните државни институции и претпријатија постојано преземаат мерки за надминување на енергетската криза и заштита на стандардот на домаќинствата. Активирани се сите расположливи капацитети за производство на струја со цел да се намали зависноста од скап увоз на струја. Тоа е потврдено и со официјални податоци, истакна на денешната прес-конференција, Дарко Каевски, пратеник на СДСМ.
„Дневното производство на струја од домашни капацитети во јануари оваа година е 14.191 мегават-час. Во октомври 2021 тоа изнесувало 13. 815 MWh, а во истиот месец во 2020 година – 12.363 MWh. Тоа значи зголемување од 14,8 отсто на производството од октомври 2020 до јануари 2022 година. За непречена работа на РЕК ‘Битола’ со двата блока обезбедени се доволни количества јаглен, како и за ТЕЦ ‘Осломеј’. Во текот на овој месец планирано е да се пушти во употреба и третиот блок во РЕК ‘Битола’, како и вториот блок во ТЕЦ ‘Неготино’“, објасни Каевски.
На тој начин вели дека сите количини електрична енергија за јануари потребни за универзалниот снабдувач ќе бидат целосно обезбедени од домашно производство.
Сето тоа, како што оценува, влијае на цената на струјата кон крајните корисници, односно со активирање на сите капацитети се спречува драстично зголемување на цената на струјата.
Во време на глобална енергетска криза, Владата, рече Каевски, ќе го заштити и стандардот на граѓаните.
Информира дека веќе се обезбедени 60 милиони денари, со кои ќе им се помогне на речиси 7.500 семејства од ранливите категории преку субвенционирање на сметките за електрична енергија, а ќе следуваат, како што најави, и нови мерки за помош на граѓаните и стопанството.
„Државата е тука да им помогне на граѓаните, на економијата, да се надминат последиците и од оваа енергетска криза“, прецизира Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Не само технолошка трансформација, туку суштинска инвестиција во луѓето, јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, порача Рисова Мутлулар

Шефот на Кабинетот на Министерот за јавна администрација, Маја Рисова Мутлулар, и раководителот на Секторот за обуки, Агрон Меџити, учествуваат на состанокот на Директори на институти и школи за јавна администрација (DISPA), што се одржува во Будва, Црна Гора.
Под мотото „Иднината на јавната администрација: Лидерство во криза и постигнување резултати“, настанот има за цел да обезбеди платформа за размена на добри практики, стратегии и иновативни пристапи за градење капацитети кај јавните службеници, особено во време на предизвици и неизвесности.
Настанот е организиран од ReSPA – Регионалното училиште за јавна администрација, во соработка со Европската школа за администрација и поддржан од Делегацијата на Европската Унија во Црна Гора.
Во текот на интензивната програма, учесниците дискутираа за дизајнирање на иновативни и флексибилни системи за обука, користење на податоци за управување со човечки ресурси, значењето на коучингот за развој на лидерски капацитети и придобивките од меѓународни и извршни програми за размена.
Во рамки на дискусиите, Рисова Мутлулар истакна: „Јавната администрација мора да се движи во чекор со времето, тоа значи не само технолошка трансформација, туку и суштинска инвестиција во луѓето. Само преку континуирана обука, поддршка и создавање простор за иновации, можеме да создадеме администрација што ќе одговара на потребите на граѓаните.”
Настанот обедини претставници од ЕУ и земјите од регионот, со цел споделување искуства, градење партнерства и идентификување заеднички приоритети за подобрување на јавните услуги.
Министерството за јавна администрација останува посветено на креирање ефикасна, транспарентна и професионална јавна служба, преку регионална соработка, модернизација на системите за обука и развој на човечките ресурси, велат од таму.
Македонија
МВР со детали: Поткопан е темелот на куќата на Владо Малески, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава

Се огласи полицијата по случајот со уривањето на дел од спомен-куќата на Владо Малески, авторот на текстот на македонската химна.
„На 15.10.2025 во 11:00 часот во ОВР Струга е пријавено дека Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство“, велат од МВР.
На местото извршиле увид претставници на Завод и музеј – Охрид, заедно со полициски екипи. По целосното расчистување на случајот, против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство“, согласно член 264 од Кривичниот законик.
Македонија
За 30 дена ќе ставам крај на депониите во Гази Баба, рече кандидатот на СДСМ за градоначалник, Митовски

Кандидатот за градоначалник на Гази Баба од СДСМ, Влатко Митовски, најави дека во првите 30 дена од преземањето на функцијата ќе го реши проблемот со сметот и дивите депонии во општината.
„Нема повеќе да има диви депонии зад контејнерите, ниту општината ќе создава сопствени депонии. Отпадот ќе биде одложуван на пропишани и контролирани локации, а комуналното претпријатие повторно ќе стане функционално,“ порача Митовски.
Тој го обвини актуелното раководство дека четири години не успеало да воспостави систем за редовно собирање на отпадот, поради што комуналните служби се во целосен колапс.